Изборите во Бугарија пак без јасен победник; ќе се оди ли на шесто гласање?

Според излезните анкети коалицијата ПП-ДБ и ГЕРБ имаат изедначен број гласови. Како би се формирала редовна влада во овој момент изгледа сосема нејасно


 

Иста мета исто растојание: И денешните избори во Бугарија, петти по ред за последниве две години, ја оставија државата парализирана, затоа што граѓаните не се определија за јасен победник.

Ситуацијата е толку изденачена што некои агенции во излезните анкети велат дека победила коалицијата на Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија (ПП-ДБ), додека други наведуваат дека победник е ГЕРБ. Во некои од овие излезни анкети изненадувачки Има таков народ го преминува прагот за влез во парламентот, во други е далеку од него.

Во излезната анкета на агенцијата „Алфа рисрч“ ПП-ДБ добила 26,4 отсто, а ГЕРБ 25,5. Во онаа на „Маркет линкс“ ситуацијата е обратна – ГЕРБ има 25,5, а ПП-ДБ, 24,5 отсто. Во излезните анкети на „Галуп“ и „Тренд“ води ПП-ДБ, а веднаш до нив е ГЕРБ.

Според сите овие излезни анкети пет партии со сигурност велгуваат во новиот парламент. Трета е ДПС (на етничките Турци) со околу 14 отсто, по неа е националистичката Преродба со еден процент помалку, а социјалистите од БСП имаат резултат малку подобар од очекуваниот – меѓу 9 и 10 отсто.

Во вој момент, пред да почне официјалното пребројување на гласовите, најнеизвесно е дали Има таков народ ќе успее да го премине прагот од 4 отсто. Според „Галуп“ партијата на Слави Трифонов го преминува неопходниот праг, но според другите излезни анкети, таа останува под него. По неа следат Бугарски подем и Левица.

Овие резултати повторно ја ставаат Бугарија во политичка пат ситуација, каква што е од 2021. Во првите реакции на бугарските аналитичари се навестува дека многу веројатно ќе треба да се оди на уште едни избори, шести по ред, заедно со општинските во октомври годинава.

Единствениот можен излез од ситуацијата е двете први партии да формираат голема коалиција врз точки кои не се спорни за ниту една од нив. Или колаицијата ПП-ДБ да формира малцинска влада со премолчена поддршка на партијата на Бојко Борисов.

Резултатите допрва може да се изменат, но само малку во процентите, кога ќе почнат да пристигнуваат гласовите од странство. Таму коалицијата на поранешниот премиер Кирил Петков има најмногу поддржувачи, додека наклоноста кон ГЕРБ е далеку помала. Во конечниот распоред на пратеничките места важна улога ќе има и гласањето на бугарските граѓани од турска етничка припадност кои живеат во Турција.

Доколку нема редовна влада на голема коалиција или малцински кабинет тогаш со државата фактички ќе продолжи да управува претседателот Румен Радев преку службениот кабинет што тој го именува. (Н.В.)