Изборите на 12 април веќе не се сигурни
Премиерот Зоран Заев вчера за првпат ја остави отворена можноста за одложување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Претседателот на владата вели дека тој датум и натаму е приоритет, но кочницата ја дигна поради евентуалната ратификација на Протоколот за прием на земјава во НАТО што би можела да се случи откако парламентот ќе биде распуштен. Претходно, парламентарниот спикер, Талат Џафери најави оти Собранието ќе го распушти на 11 февруари, а потоа не постои можност повторно да го свика.
„Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме како датум за предвремените избори. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред сѐ и над сѐ. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред сѐ заради НАТО ратификацијата“, изјави премиерот.
Тој посочи дека како држава нема да дозволиме да немаме парламент токму кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.
„Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Северна Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент“, истакна претседателот на владата.
Затоа, како што додаде Заев, и Џафери веројатно водел грижа и за прашањето за законските рокови.
„Претседателот на Собранието, за жал, не беше поканет кај претседателот на државата, Стево Пендаровски кога разговаравме за ова прашање и каде што паднаа одлуките. Но, Собранието е највисок орган во државата и највисоко демократско тело кое одлучува согласно законските услови дали 45 дена или 60 дена… Јас слушнав дека претседателот на Собранието одлучил 60 дена. Ако е таква одлуката, нам ни останува да се поклониме пред одлуката и да ја испочитуваме до крај. Но, сите мора да водиме грижа државата да ни биде функционална кога се носат вакви историски одлуки“, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека изјавата на премиерот за можно одлагање на изборите е вообичаена за него, алудирајќи оти постојано ги менувал ставовите.
„Се сеќавате на изјавите кога се колнеше во децата дека нема да го промени Уставот, па го промени, па на оние прослави за добивање на датум за почеток на преговори, за сега пред неколку денови да се соочиме со тоа дека датум немаме. Ова не му е прв пат, но пречки за избори на 12 април нема, тоа го кажа и претседателот на лидерската средба на која сите учесници на таа средба консензуално се договорија да има избори. Ова едноставно е само обид на Заев и алиби да ѝ избега на правдата, таа е онаа правда заради која што ги урнисаа сите државни институции во државата. Но, токму таа правда нив ќе ги стигне кога тогаш. Колку повеќе одолговлекуваат – толку посилен пораз ќе доживеат“, вели пратеничката Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека ќе го распушти законодавниот дом на 11 февруари, односно 60 дена пред одржувањето на парламентарните избори закажани за 12 април.Според Џафери, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, како што изјави Џафери на средбата со новинарите, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав.
Во моментов, уште три земји членки на НАТО (Франција, Холандија и Шпанија) го немаат ратификувано Протоколот за наше членство во НАТО. Најпроблематична е ситуацијата во Шпанија, каде допрва ќе се одржат предвремени парламентарни избори, па неизвесно е кога ќе се состави парламент и влада.
Горан Адамовски