Избори за претседател: Во странство гласале речиси 40 отсто


Најголема излезност до 18:30 часот е забележана во дипломатско-конзуларните претставништва во Берлин (64,47 отсто), Букурешт (64,29 отсто), Загреб, (61,11 отсто) Сараево (61,70) и Хаг (60 проценти). Најмала излезност за време на гласањето денеска за шесттите претседателските избори во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија до 18:30 часот е регистрирана во Венеција (26,55 отсто), Копенхаген (30,77 отсто), Абу Даби (30 отсто).

Вкупната излезност во странство до 18:30 часот 38,51 отсто, односно гласале 686 гласачи, а во неа како што појасни портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска вечерва на втората прес-конференција, не се вклучени шест избирачки места во САД и Канада. Тие се уште се отворени и гласањето таму ќе се одвива до 19 часот по локално време. На 32 гласачки места во конзуларно-дипломатските претставништва на земјава, како што нагласи Гугучевска се пријавиле 1.781 гласач.

Тринаесетте гласачки места во КПУ, каде своето право денеска можеа да го остварат 1.640 гласачи се затворени. Гласањето течело без проблеми, а илезноста до 18:30 часот изнесува околу 55 отсто.

-Во текот на денешниот ден своето гласачко право го остварија и гласачите во единствениот Центар за раселени лица, рече Гугучевска. Таму се сместени седуммина гласачи.

Прв пат гласале и гласачи во два старачки дома. Од 71, гласач, своето право го оствариле 70.

Гугучевска нагласи дека денеска избирачките одбори го спроведуваат и гласањето на лица, кои се болни и немоќни, како и на оние кои се во куќен притвор.

Во своите домови гласачкото право го остваруваат 3.539 граѓанин, кои се пријавиле како болни или немоќни и 12 кои се во куќен пртивор. Досега гласале  3.064 болни или немоќни и седум лица во куќен притвор. Ова гласање, рече Гугучевска се уште трае, се додека сите кои се пријавиле не го остварат своето право.

Потсети дека е активен бесплатниот телефонски број 0800555444, на кој заинтересираните можат да се јават да постават прашање и да остават коментар до ДИК, заедно со своите податоци. Новина во комуникацијата за граѓаните со оштетен слух и говор е тоа што на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488-360, на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК.