Ивон Величковски: Македонија е земја на некролози испишани од алчност


Од денес сме поделени: На една страна сте вие што за пари го уништивте системот и секој ден не убивате по дискотеки, улици, автобуси и болници.На другата страна сме ние – мнозинството што веќе не сака земја на некролози испишани поради вашата алчност, напиша на Фејсбук политичарот Ивон Величковски.

– Од оваа поделба нема назад. Вие ги убивате нашите деца во име на корупцијата. Нашата уништена младост може да ви ја простиме – но нивните животи не. Крвта ви е на рацете и нема да ги скриете доказите за да ги спасите бизнисите и фотелјите. Сите што (до сега) сте (биле) на власт. Нема да си ги компензирате масовните убиства во тетовска Модуларна болница, „Дурмо турс“ и ова во Кочани за да се амнестирате меѓусебно. Гангстерите ви се друштво – „силни“ момци по локали во кои „џет-сетот“ пие и шмрка во друштво со полициски началници и политички функционери, додека полицајците ви ги чуваат луксузните возила. Не’ убивате со свесна небрежност и непочитување на закони, стандарди и процедури. За пари. “Имам човек”, “наш е во инспекција”, “ќе му ѕвонам на градоначалникот”, “се знам со министерот”, “зборено е со шефот”… до сега од утрово уби шеесетина млади. Ако и еден доказ „снема“ – вие го криете: МВР, Крим-полиција, Обвинителство. Простете, но не е време за молк. Секој што сега „морализира“ дека не е момент да се зборува – сака да ја релативизира смртта на десетици млади животи. За личен или партиски профит. Оваа дискотека „работела“ со години. Таа била „темпирана бомба“,а е само една од стотиците такви места каде се движат нашите деца. Сега ќе правите „контроли“? Почнете од партиите. Проверете кои ваши партиски функционери „гледале на другата страна“ додека сте и(м) издавале дозволи за работа. Или сте им овозможиле да работат “по закон” поради “молк на администрацијата”. Нема молк до одговор на сите прашања:

Чија е дискотеката – објектот и фирмата?

Кој е организатор на настанот?

Како, кога и од кого објект со еден излез и решетки на прозорците добил дозвола да биде дискотека?

Како се поврзани со лицата кои ја издале дозволата за работа?

Кои се бизнис и партиско-политичките врски меѓу нив? И колку време?

Кој и кога последно инспектирал противпожарна заштита, проодност во случај на итност?

Пријавен ли бил концертот?За пријавен концерт превентивно се распоредуваат противпожарни и медицински екипи. Ако не бил пријавен – зошто полицијата не го прекинала?

Дали во објектот биле присутни повеќе лица од дозволениот максимум? Бројот на издадени влезници мора да се обезбеди. Кој го обезбедувал настанот? Кој пуштал малолетници во дискотека во 3 часот наутро?

Кој ја организирал пиротехниката?

Станува збор за лиценцирани компании? Кој им ги издал лиценците? Одговорност за сите – и не само парична.

Ако, пак, објектот немал важечка дозвола – кој и зошто, по чија наредба или за чиј интерес го толерирал неговото работење? По своја желба или по „наредба од горе“? И дали е тоа единствен случај?

Ова не е трагедија поради „виша сила“. Ова е масовно убиство поради човечки фактор – со свесно игнорирање на обврски и процедури и од организаторот и од изведувачите и од институциите. Кога ќе велат дека некој пред нив е одговорен – лажат: Сите локални и владини гарнитури додека работела дискотеката не ги интересирало што се случува – и во Кочани и во било кој град во Северна Македонија. Цената на негрижата и корупцијата денес со живот ја платија десетици млади луѓе кои само сакале да се забавуваат. Да ги одмаздиме овие и сите досегашни жртви на партиската мафија здружена со криминалното подземје – со борба против нивниот систем на немање систем. Во спротивно никој од нив нема да носи одговорност, како 35 години до сега. Крвави ви се рацете! На сите што сте и бевте власт. И ги предизвикавте кочански “Пулс”, тетовска “Модуларна”, “Дурмо турс”… се до “Авиоимпекс” и скопската дискотека “Силекс”.