Ивановска: Се случува страшна трговија со влијание во Судскиот совет
Се случува страшна трговија со влијание, позадински врз членовите на Судскиот совет, од страна на некој којшто има интерес, смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Таа во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 зборуваше за ситуацијата во Судскиот совет и рече дека очекувала Собранието како институција која избира дел од членовите, во најмала рака да побара отчет од учесниците во драмата, да свика надзорна комисија.
Реакцијата дојде по нелегитимниот и таен избор на Сашко Георгиев за нов претседател на Судскиот совет иако според оценки на правниците, претходната претседателка не е сменета според законска процедура. Инаку, во биографијата на Георгиев стои дека дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година, а
од 2001 до 2008 година бил вработен како адвокат во адвокатска канцеларија во
Штип. Во февруари.2008 година е избран за судија во Основен суд Штип, каде до 2018
година работел како судија-кривичар. Во периодот од 2014 до 2016 година е член на Управен одбор на Здружение на судии на Република Македонија, по што во 2017 година е избран за претседател на Здружението на судии на подружницата во Основен суд Штип. Од 2014 година е активен едукатор-предавач од кривична материја во Академијата за судии и обвинители на Република Македонија. Од 2015 година е предавач во ОБСЕ на тема „Криминал од омраза“.
Во септември 2018 година е избран за член на Судски совет на Република Македонија.
По изборот вчера тој даде изјава во која се повика на Господ.
-Јас верувам во Господ, верувам во себе, во Вас, во сите колеги дека ќе има позитивни работи, рече Георгиев откако беше изгласан за претседател со осум гласа „за“.
Тој беше еден пучистите кои минатата недела, на чело со заменик претседателот, Селим Адеми. По две тајни седници, без јавност, тие го расчистија патот за избор на нов претседател – прво си ја поништија одлуката за разрешувањето на Дамева, па потоа на друга тајна седница, ја разрешиле со девет гласа „за“, еден повеќе од оние со кои е избран новиот претседател.
Пред гласањето Георгиев рече дека гордоста е на негова страна и оти го прифаќа предлогот само ако е од сите заедно и дека очекува сите заедно, сплотени и со натпросечен придонес да придонесат за враќање на довербата.
– Знаеме неколку дена во каква состојба се доведе Судскиот совет. Од друга страна еве смогнавме сили, само ние знаеме како, меѓу нашите состојби тука, најдовме сили и можности да се извлечеме од таквата состојба, во смисла да ја враќаме пред се довербата меѓу нас, а од друга страна и воопшто на судството и државата. Значи колеги, мислам дека го расчистивме патот да дојдеме до оваа фаза да бираме претседател, од друга страна, сметам дека тоа е законит и легален пат, рече Георгиев.
Одлуката седницата да биде затворена за јавноста, Георгиев ја оправда со „нарушените меѓучовечки односи“ во Судскиот совет.
– Одлучивме едногласно во отсуство на јавноста да одржиме седница, имајќи предвид дека во законот за Судски совет е предвидена можност да се исклучи јавноста, особено за сензитивни точки на дневен ред кога се дискутира за некаква доверба и за некакви ситуации, во кои што не беше спорно дека демнееше тоа меѓу јавноста и меѓу нас како членови дека требаше некои работи да се отворат и да се кажат пред сите.
Тоа се случи, разговаравме, дискутиравме. Тоа беше два-три дена и дојдовме до заклучок дека треба така да постапиме. Тоа е едногласна одлука на целиот Совет. Знам дека не е транспарентно, но има една работа, се најдовме во таква ситуација каде што, а согласно законот тоа е нужно и потребно, да можеме да дискутираме и без јавност. Имавме пред јавноста многу состојби кога следевте директно од седница, каде што јавноста и граѓаните го цена тоа како недозволиво, скандалозно, но од тие причини, мислам и дека не згрешивме кога некои работи ги расчистивме и дојдовме до таков заклучок, изјави Георгиев.