„Иван Михајлов“ е избришан од списокот на Централен регистар


Фото: А. Блажевска

 

Одлуката на министерот за правда за бришење на клубот „Иван Михајлов“ стигна до Централниот регистар и тој е веќе избришан од списокот на здруженија. Оваа одлука на Централниот регистар доаѓа откако министерот за правда Кренар Лога минатата недела го одби како неосновано барањето на бугарското здружение во Битола за употреба на името Иван Михајлов во називот за својот културен клуб.

Лице кое е ангажирано во бугарскиот клубот во Битола вчера за „Независен“ изјави дека решението на Лога сѐ уште не стасало до нив и дотогаш клубот ќе си функционира како и во приодот претходно.

„Досега не сме добиле решение, не знаеме што пишува внатре сѐ додека не го добиеме на рака. Не се поведуваме по медиумите сѐ додека документот не го разгледа нашиот адвокат. Што ако имаме право на жалба на тоа решение?“, велат од клубот за „Независен“.

Од Министерството за правда за „Независен“ потврдија дека решението е испратено по пошта за Битола и во него стои дека клубот има право да поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението“.

Министерот за правда Лога на 16 овој месец го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако претходно Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов. 

Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности и наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, беше наведено во соопштението од Министерството за правда.

Пред четири дена Ѓоргиевски  на Фејсбук напиша дека правдата за забраната на употребата на името Ванчо Михајлов ќе ја бараат пред судот во Стразбур. (Н.В.)