„Итно барање“ на австрискиот канцелар Курц: Не среќавајте се со никого


Тринеделната блокада на Австрија ќе почне на 17 ноември

Австрија ќе почне тринеделна блокада на 17 ноември за да спречи пораст на инфекции со корона вирус, рече во саботата канцеларот Себастијан Курц.

„Моето итно барање: Не среќавајте се со никого!“ твитна Курц. „Секој социјален контакт, па макар бил и еден, е премногу“.

Австрија веќе имаше ноќен полициски час, но мерките се заоструваат. Најновите ограничувања, предвидени да завршат на 6 декември, ќе значат луѓето да останат дома освен да одат на шопинг или да вежбаат. Курц рече дека мерките се „крајно драстични“, но нагласи дека тоа е „единствениот начин на кој можеме да спречиме преоптоварување на нашиот здравствен систем“.

„Едно е јасно: Никој не сака да бидат затворени училиштата, рестораните, продавниците итн. Но, ние мора заедно да го направиме овој чекор.“

Несуштинските продавници и фризерниците ќе бидат затворени. Училиштата за помлади ученици ќе бидат отворени само за оние кои бараат грижа за децата. Средните училишта веќе користат учење на далечина.