Италијански земјоделци на трактори поминаа покрај Колосеумот


По неколкунеделна мобилизација низ Италија, денеска земјоделците со трактори поминаа покрај Колосеумот, еден од најпознатите споменици во Рим.

Земјоделците поминуваа со трактори во боите на италијанското знаме – зелена, бела и црвена. Околу 300 трактори неколку дена беа на влезот во Рим и чекаа одобрение за пристап до центарот на градот.

Тие бараат средба со премиерката Џорџа Мелони, намалување на даноците, како и преиспитување на одредени европски еколошки стандарди, кои според нив влијаат на нивниот животен стандард.

Италијанските земјоделци се противат на одредени правила на ЕУ, но и кон производителите од Канада и Украина, кои ги сметаат за нелојална конкуренција.

Тие бараат и укинување на даноците за земјоделските горива и повисоки државни обесштетувања.