Италијанци измислиле земја на Антарктикот и продавале државјанства


Како може да се заработат стотици илјади евра благодарение на измислена земја? Патентот го откриле италијански измамници, а земјата се наоѓа на Антарктикот и се вика „Свети Ѓорѓи“, пишува Дојче веле.

Криминалните елементи во Италија успеаја да доведат во заблуда стотици нивни сонародници тврдејќи дека можат да ги населат во земја на Антарктикот со ниски даноци и без задолжителни имунизации. Земјата е, се разбира, фиктивна, но „бизнис идејата“ се покажува успешна – пленот изнесува стотици илјади евра.

Сè започна во април 2021 година со претрес во јужниот италијански град Катанзаро, каде што истражителите наидоа на фиктивната дипломатска мисија на „Суверената антарктичка држава Свети Ѓорѓи“. За да биде поубедливо постоењето на даночниот рај беше поткрепено со лажни информации за неговите институции, публикации, веб-страници и лични документи.

Над 700 лица со италијанско живеалиште им подлегнале на триковите на криминалците и побарале државјанство во непостоечката земја, за што платиле од 200 до 1.000 евра. Во најмалку два од случаите, станува збор за продажба на имоти на Антарктикот, поврзани со добивање благородна титула. Според истражителите, вкупната сума на собраните пари е околу 400.000 евра, испрани преку сметка во Малта.

Дванаесет лица се осомничени, уапсени во акција на националната полиција во многу градови во Италија. Тие се во домашен притвор, обвинети за измама, издавање лажни документи и здружување во криминална цел. Уште 30 лица се под истрага и моментално се во бегство.