Италија слави 76 години од републиката – дефиле на вејачи на знамиња во Скопје
Денеска, минувачите низ главниот скопски плоштад имаа прилика да уживаат во вештините на вејачите на знамиња, вековна традиција во Италија, а потоа тие заминаа низ Камениот мост до Старата чаршија

Историското друштво од Кастиљон Фиорентино заедно со нивните вејачи на знамиња, попладнево продефилираа по плоштадот „Македонија“ во Скопје, по повод 76 години од Италијанската Република.
Ова друштво ја негува и претставува средновековната традиција која датира уште од 13 век, кога секаде низ Европа, а особено во Италија, важните настани, како завршеток на некоја битка или војна, биле прославувани со парада на војниците кои вееле знамиња.
Настапот започнува со дефиле на разнобојни знамиња кои парадираат високо во круг, а секое од нив го носи грбот на градот. Вежбите и акробациите може да се изведуваат индивидуално, и тогаш доаѓаат до израз вештината и хармонијата на движења на вејачот, или групно, истакнувајќи го на тој начин духот на целиот тим.
Веењето на знамињата е проследено со звукот на барабаните и трубите кои потекнуваат од средновековната воена традиција. Музичарите заедно со вејачите на знамиња ја анимираат публиката пред почетокот на претставата.
Денеска, минувачите низ главниот скопски плоштад имаа прилика да уживаат во вештините на вејачите на знамиња, вековна традиција во Италија, а потоа тие заминаа низ Камениот мост до Старата чаршија, каде Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италијанската Република, организираше прием по повод Националниот ден на Италијанската Република – Festa della Repubblica.
Инаку, по двегодишна пауза поради пандемијата на коронавирус, Италија денеска со воена поворка во главниот град повторно ја прослави годишнината од основањето на републиката.
Утрово, претседателот Серџо Матарела положи венец на Олтарот на татковината на плоштадот „Пјаца Венеција“ во Рим, а авиони прелетаа со боите на италијанското знаме: зелена, бела и црвена.
Националниот празник го одбележува референдумот во 1946 година на кој италијанскиот народ гласаше за формирање република. Воената поворка минуваше по „Виа деи Фори Империјали“, авенијата првично изградена под Бенито Мусолини, која води од Колосеумот до Римскиот форум до „Пјаца Венеција“.
Оваа година за првпат на парадата учествуваат жени и мажи од здравствениот сектор како признание за нивниот придонес во борбата против пандемијата. Покрај различните воени и полициски единици, пред трибината на која присуствуваа Матарела, премиерот Марио Драги и други членови на Владата, продефилираа и оклопни возила.
Претседателот (80), кој е четири години постар од републиката, се осврна на војната во Украина преку порака до вооружените сили.
„Италија се определи за мир. Нашето сопствено искуство ни покажа како може да се изгради стабилен и траен соживот дури и по крвавите конфликти. Ова го потврдуваме денес додека стоиме на страната на Украина, која е нападната“, напиша Матарела во пораката.
Во пресрет на националниот празник, Матарела прими владини претставници и странски претставници во својата резиденција. Амбасадорите на Русија и Белорусија не беа поканети.
„Денес, горчливата лекција од конфликтот во 20 век се чини дека е заборавена. Агресијата на Руската Федерација против Украина ги доведува во прашање темелите на нашето меѓународно општество, почнувајќи од мирниот соживот“, рече Матарела.
Фото: Б. Грданоски