Италија и Гугл на суд?


Италија бара од Гугл да плати милијарда евра неплатени даноци и казни, седум години откако американската компанија го реши големиот даночен спор со римските власти, пренесува Ројтерс повикувајќи се на три извори со директно знаење за ова прашање.

Изворите велат дека италијанската агенција за приходи започнала процес со Гугл кој би можел да заврши или со спогодба или со правна постапка. Истрагата, започната во декември 2022 година, го опфаќа периодот од 2018 до 2022 година, изјави еден од изворите.

Обвинителите во Милано, како и во претходната истрага, тврдат дека технолошкиот гигант не пријавил ниту платил данок на приходите добиени во Италија, но овојпат причините за обвинението се различни, велат изворите.

Во 2017 година Гугл плати 306 милиони евра како американска компанија со постојано присуство во Италија.

Сега барањето на даночната администрација се однесува на оданочувањето на дигиталната инфраструктура што Гугл ја има во Италија, што му овозможува да работи и да остварува профит.
Гугл соопшти дека е во согласност со даночните закони и дека соработува со италијанските власти.

„Ние ги почитуваме даночните закони во сите земји каде што работиме, вклучително и Италија“, изјави портпаролот на компанијата во изјава за Ројтерс.