Истражување: Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените за да учествуваат во политички живот на државата
Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените да учествуваат во политички живот на државата, истакна Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, која го изработи истражувањето на ОБСЕ „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“. Ова, како што кажа таа, пред се го препишуваме на стегите кои се присутни во нашето општество и ги обесхрабруваат жените да го преземат тој кариерен пат во нивниот живот.
Според истражувањето, само 12 проценти од Албанките и седум проценти од Македонките имаат некаква видна функција во политичката партија, додека останатите се сведуваат на општо членство во самата политичка партија. Околу 10 проценти од жените од немнозинските заедници членуваат во некоја политичка партија. Оваа процентуалност, според истражувачката, е многу ниско ниво.
Како главни препораки во студијата се дека политичките партии треба значително да го подобрат нивото на вклучување на жените, особено на жените од немнозинските заедници во своите редови. Неопходно е и да се инвестира во капацитетите за надминување на тие општествени стеги кои жените ги искусуваат во нивниот кариерен пат.