Истражување: Колку трошат бугарските граѓани во Берово, Пехчево и Делчево
Потрошувачката би можела да се зголеми за повеќе од една петтина, доколку се подобрат условите на патиштата во овој микрорегион, покажува истражувањето на ЦЕА
Граѓаните од Бугарија кои што доаѓаат во пограничните македонски градови Берово, Пехчево и Делчево, во просек трошат околу 253 евра месечно по посетител, но овој износ би можел да се зголеми за повеќе од една петтина, доколку се подобрат условите на патиштата во овој микрорегион. Ова го покажува истражувањето на Центарот за економски анализи кое што беше презентирано неодамна и кое што е финансирано Бугарската помош за развој во рамките на проектот „Република Северна Македонија – погранични економски активности со Бугарија: Запоставена димензија“.
Студијата покажа дека просечната возраст на посетителите од Бугарија е 40-тина години. Тие, според направеното теренско истражување, парите главно ги трошат за стоматолошки услуги, полнење бензин, или во малопродажбата. Така, како што наведуваат од ЦЕА, потрошувачката по деловна активност е следна: на бензински пумпи се трошат по 260 евра месечно, на стоматолози и амбуланти 329 евра месечно, во мали продавници 146 евра месечно, за такси услуги 20 евра месечно, во хотели и ресторани 248 евра месечно, на зелените пазари 203 евра месечно, а во поголемите продавници за малопродажба 352 евра месечно.
Истражувањето исто така покажува дека доколку се подобрат условите на патиштата во овој микрорегион, се очекува вкупниот промет од бугарските посетители да се зголеми за 22 отсто.
„Ефектот од подобри услови на патиштата, со оглед на очекувањата на бизнисите во овој микрорегион по деловна активност може да биде следниот: кај бензински пумпи е без ефект, кај стоматолозите и амбулантни возила 25 отсто зголемување, во мали продавници зголемување од 16 отсто, за такси услуги 21 отсто зголемување, во хотели и ресторани 20 отсто зголемување, на зелените пазари не се очекува промена, исто така и кај поголемите продавници за малопродажба.
Ефектите за локалната економија од посетите на бугарските потрошувачи се најголеми во Делчево и изнесуваат околу 4 отсто споредено со општинските сопствени приходи што ги собира општината. Пониски слични ефекти има кај општините Пехчево (1,1 отсто) и Берово (0,4 отсто), посочуваат од ЦЕА.
Од таму препорачуваат воведување на микрорегион кој ги опфаќа општините Делчево, Пехчево и Берово за привлекување на поголем број на посетители од Бугарија преку подобрување на соработката и координацијата.
„Сепак, тоа би барало унапредени локални патишта, подобра соработка и координација на локалните политики за да се претстави овој микрорегион пред бугарските посетители“, велат од ЦЕА.
Од ЦЕА додаваат дека постои потенцијал за здравствен туризам во овој микрорегион.
„Заболекарите и амбулантите од Делчево на пример известуваат за можност на зголемен промет и до 20 отсто (Берово и до 30 отсто) доколку се подобри патната инфраструктура“, се посочува во истражувањето.
Во истражувањето беа разгледани компании категоризирани по економска активност и беа опфатени 53 испитаници кои одговориле на прашалникот: бензински пумпи (8 испитаници), стоматолози и амбуланти (6 испитаници), мали продавници – малопродажба (10 испитаници), такси услуги (3 испитаници), хотели и ресторани (9 испитаници), зелени пазари (12 испитаници), поголеми продавници за малопродажба – маркети (5 испитаници).
Инаку, цел на истражувањето е промовирање на социо-економска кохезија, вклучувајќи работа со млади луѓе, зајакнување на добрососедските односи, регионална стабилност и меѓусебна соработка, социо-економска соработка, како и градење на истражувачките капацитети на младите; мобилизирање на дебата заснована на докази за економските активности во пограничниот регион Делчево, Пехчево и Берово; Подигнување на свеста за потребата од подобро инфраструктурно поврзување меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Помеѓу Македонија и Бугарија има три гранични премини: Деве Баир, Делчево и Ново Село. Во истражувањето беше опфатен само граничниот премин – Делчево и трите општини: Делчево, Пехчево и Берово.
Делчево е на околу 15 километри од граничниот премин, Пехчево е на околу 36 километри, а Берово е на околу 45 километри од граничниот премин, поради што близината на Делчево до граничниот премин му дава компаративна предност, се посочува во истражувањето.
Проектот, како што објаснуваат од ЦЕА, започна со подготвителната фаза на регрутација на млади истражувачи од трите општини, по што експертот на проектот, во соработка со проектниот тим, оствари серија на состаноци со претставници од општините, локалните младински организации и локалната агенција за вработување.
Примарната цел на овие состаноци беше да се соберат препораки и предлози за избор на потенцијалните млади истражувачи кои ќе работат на проектните активности. Секоја општина (Берово, Пехчево, Делчево) беше претставена со двајца истражувачи, водејќи сметка да се обезбеди балансиран и инклузивен пристап во процесот на селекција.
Експертите од ЦЕА го подготвија нацрт-прашалникот кој беше тестиран на неколку претставници од локалните бизниси, како и на претставници кои работат на царинската контрола на граничниот премин „Делчево“. Земајќи ги предвид добиените повратни коментари, прашалникот беше финализиран во согласност со проектниот План на активности.
Документот е Извештај за наодите од анализираните резултати од теренската работа и
прибраните информации во месец мај, согласно со проектниот план на активности, посочија од ЦЕА. Целото истражување на следниот ЛИНК.