Истрагата за воените злосторства на комунистите ја подели Црна Гора
Владата на Црна Гора предизвика тензии со изградбата на гробишта за германските војници загинати во Втората светска војна додека одбива да го направи истото тоа за своите граѓани кои завршиле како жртви на партизаните.
Црногорските власти започнаа истрага за масовна гробница од Втората светска војна на жртвите на комунистичките партизани во близина на градот Никшиќ, но историчарите предупредуваат дека тоа би можело да ги продлабочи етничките и политичките поделби во земјата.
Специјалното државно обвинителство на Црна Гора ја започна првата истрага за можни воени злосторства извршени во земјата од страна на комунистите за време на Втората светска војна, откако во јуни беа пронајдени човечки останки во масовна гробница во пештера кај селото Дубраве, кај Никшиќ – телата на луѓе наводно убиени од партизански борци во 1942 година.
„Откако полицијата ги собра информациите од Которската пештера, случајот му беше доверен на специјалниот државен обвинител, кој е задолжен за истраги за воени злосторства врз цивилното население. Според истрагата, во пештерата биле пронајдени посмртните останки на голем број луѓе“, изјавија за БИРН од Министерството за правда.
Во февруари 2018 година, дневниот весник „Дан“ објави фотографии од човечки останки во пештерата Котор, тврдејќи дека има масовна гробница на 300 локални жители убиени од март 1942 до февруари 1943 година од страна на комунистичките партизански сили во близина на градот Никшиќ. Медиумите тогаш објавија дека пештерата била опкружена со густа вегетација и затворена со бетонски блокови, кои со текот на времето се срушиле. Вишото државно обвинителство започна истрага за масовните убиства во јули 2019 година, а политичките партии и граѓанските активисти ги повикаа властите да ги откопаат останките од пештерата и да ги идентификуваат жртвите.
Наводите за масовна гробница во пештерата беа објавени уште во 2007 година од црногорскиот неделен магазин „Ревија Д“. Еден човек по име Радомир Радуловиќ од Никшиќ рече дека неговиот татко и дедо биле убиени во март 1942 година и нивните тела биле фрлени таму.
„Татко ми Станко и дедо Спасоје беа убиени од партизани пред нашата куќа. Нивните тела беа фрлени во пештерата Котор, како и другите локални жители кои се спротивставија на комунистите. Но, во комунистичка Југославија не ни беше дозволено да зборуваме за партизански воени злосторства“, рече Радуловиќ.
За време на Втората светска војна, откако Југославија беше нападната и поделена од силите на Оската во април 1941 година, Црна Гора беше окупирана од фашистичка Италија. Италијанската окупација продолжи до септември 1943 година, а потоа Црна Гора беше окупирана од германските сили до декември 1944 година.Во Црна Гора, Италијанците и Германците соработуваа со монархистичкото, просрпско четничко движење. Во северните делови на земјата, некои локални етнички Албанци и Бошњаци соработуваа со германските сили, или како дел од албанското националистичко паравоено движење Бали Комбетар или како дел од единиците на локалната муслиманска милиција. Тие се бореле со југословенските партизани на чело со Јосип Броз Тито.
По Втората светска војна, комунистичка Југославија подигна споменици на партизанските војници и жртвите на нацистите и нивните соработници, но злосторствата извршени од комунистите никогаш не беа истражени.
Во Црна Гора, просрпската партија Демократски фронт со години повикува на истраги за воените злосторства од страна на партизаните, обвинувајќи ги претходните влади дека се обидуваат да избегнат соочување со она што се случи. Пратеникот на Демократскиот фронт Будимир Алексиќ смета дека сегашната влада сега треба да го иницира процесот на справување со минатото од Втората светска војна, тврдејќи дека многу цивили и членови на монархистичкото четничко движење биле убиени без судење.
„Немаше политичка волја за истрага на тие злосторства бидејќи поранешната влада веруваше дека жртвите на комунистичкиот терор немаат право на правда. Тие луѓе заслужуваат правда и властите треба конечно да ги истражат злосторствата од Втората светска војна, објективно и без никаква политичка или етничка селекција“, изјави Алексиќ за БИРН. „Сите соседни земји ги одбележаа убиствата каде загинаа цивили и членови на антикомунистичките движења. Само Црна Гора не направи ништо“, додаде тој.
По распадот на Југославија, нејзините поранешни републики започнаа истраги за злосторствата извршени од партизаните за време на Втората светска војна и за време на преземањето на власта од комунистите по војната. Во 2009 година, српската влада формираше државна комисија за обележување на гробниците од периодот по Втората светска војна, додека во 2013 година, хрватските власти ја започнаа првата ексхумација на луѓето убиени на крајот на Втората светска војна. Но, црногорскиот историчар Вукота Вукотиќ предупреди дека во Црна Гора, таквите истраги може да го влошат јазот меѓу Црногорците и Србите во земјата, кои често имаат различни погледи на историјата на земјата од Втората светска војна.
„Колку и да ги заокружуваат со ветувања за исправување на историските грешки, ваквите иницијативи само ги продлабочуваат поделбите во Црна Гора“, рече Вукотиќ.
Во Црна Гора, повеќето од луѓето убиени од комунистите беа поддржувачи или членови на четничкото движење, лутите непријатели на комунистичките партизани на Јосип Броз Тито за време на Втората светска војна. Многу Црногорци и многу историчари тврдат дека четниците биле соработници на нацистите. Сепак, некои просрпски движења и политички блокови, како Демократскиот фронт, инсистираат на тоа дека четниците биле антифашистичко движење. Несогласувањето и понатаму е многу чувствително и политички наполнето.
Расправија за гробиштата за германските војници
Во 2006 година, Црна Гора усвои резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа со која се осудуваат тоталитарните комунистички режими и се ветува дека ќе се истражат злосторствата извршени од нив. Властите кои ја потпишаа резолуцијата ветија дека ќе ги отворат досиејата на тајната полиција од времето на комунизмот за јавно испитување и кривично гонење на сите злосторства што ќе бидат откриени. Оттогаш, црногорските власти постојано беа критикувани за игнорирање на обврските од резолуцијата.
Во меѓувреме, владата предизвика тензии со одлуката за изградба на гробишта за германските војници загинати во Втората светска војна во Црна Гора. Во 2011 година Берлин и Подгорица потпишаа договор за погребување на посмртните останки на германските војници, а гробиштата беа отворени во април 2016 година во Даниловград во близина на главниот град Подгорица. Граѓанските активисти и пројугословенските Црногорци тврдеа дека ова е понижувачко за Црна Гора и ги омаловажува нејзините антифашистички традиции, но владата инсистираше на тоа дека Црна Гора ја исполнила својата цивилизирана должност.Будимир Алексиќ тврди дека властите треба да ги обележат гробовите на жртвите на комунистите на ист начин.
„Владата ги обележа гробиштата на нацистичките војници, но ги игнорираше сопствените граѓани кои загинаа од рацете на комунистите. И тие треба да имаат свои гробишта и да не бидат закопани во необележани масовни гробници“, рече Алексиќ.
Но, историчарот Вукотиќ тврди дека Црна Гора не е единствената земја со гробишта за германските војници загинати во Втората светска војна, велејќи дека одлуката на владата да ги изгради е „цивилизиран чин, со кој се обидуваме да се придружиме на европските земји“.
Специјалниот државен обвинител сега ги истражува човечките останки пронајдени во пештерата кај Никшиќ пред да одлучи дали има доволно докази за кривично дело.
„Неопходно е да се утврди идентитетот [на жртвите], како и причината и времето на смртта“, соопшти Министерството за правда. После тоа, ќе биде јасно дали се работи за воено злосторство или не.н (БИРН)