Истрагата за Кочани е насочена само кон минатото: заклучок на раководството на СДСМ

Опозицискиот СДСМ вчера одржа состанок на Централниот одбор на кој беше заклучено дека досегашниот тек на истрагата се води „селективно и е насочена само кон минатото, само кон поранешни функционери и службеници додека воопшто не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата“.
Според соопштението на партијата, селективноста не е правда туку неправда и ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите и во правосудството.
СДСМ инсистира на неселективна, независна и темелна истрага во која сите ќе одговараат согласно законите. СДСМ ќе се спротивстави на каква било селективност, штитење на актуелни функционери, на поединци блиски до власта. Пред законот сите мора да бидат еднакви.
„Во оваа насока СДСМ ќе ги искористи сите институционални и демократски механизми, вклучително и во македонското Собрание, преку Анкетна комисија во соодветен момент, за утврдување на фактите, но и политичката одговорност за трагедијата којашто се случи во Кочани“, се вели во соопштението.
Донесена е одлука одложените вантрепартиски избори за претседател на СДСМ да се одржат на 6 април.