(Видео) Историската комисија со нула резултат, се сопнале на „македонски“ и Цар Самоил


Фото: Б. Грданоски

Голем дел од дводневната средба бил посветен на усвојување на записниците од две претходни средби кои останале непотпишани поради употребата на придавката „македонски“. Бугарските историчари инсистирале во учебниците Цар Самоил да се означува единствено како бугарски владетел

 

По дводневни дискусии, македонско-бугарската Комисија за историски прашања завршила со „нула резултат“, при што според изнесеното на прес-конференцијата се сопнале главно на употребата на придавката „македонски“ во записниците и на потеклото на Цар Самоил. Според изјавите на Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев, не само што нема резултат туку се отвориле прашања што треба да се решаваат на друго, повисоко и политичко ниво.

 

Ангел Димитров соопшти дека и на оваа средба не бил потпишан записникот од македонска страна бидејќи нашите историчари инсистирале на него да стои насекаде  придавката „македонски“, што на прв поглед е технички момент, но во суштина е политички. Тоа, според Димитров, не е во согласност со востановената практика, а својот став македонската делегација го изразила со нота до ОН. Тоа, според него, ја  става под сомнеж работата на Комисијата и покажува дека нема желба да се дојде до резултати. Појавата на оваа нова позиција, според него, е дел од политичкиот однос за дискредитирање на позициите на Бугарија од минатата година и затоа тие биле многу, многу далеку од завршување на работата околу учебниците за средниот век во основните училишта. 

„Овој резултат ‘нула’ покажува уште нешто. Ние сме многу далеку од завршување на работата околу учебниците кои го третираат Средниот век. Денес точката поврзана со Цар Самоил заврши целосно без резултат и уште повеќе се отстапи од веќе подготвен заеднички текст за двете влади. Завршивме веќе 11. средба, а се движиме многу полека, како желка и не се покажува договор што треба да биде исполнет. Ако продолжиме да работиме следната година, треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

„Средбата помина навистина во една академска атмосфера и со плодна дискусија која, за жал, не донесе никакви резултати. Но, понекогаш кога нема резултати од одреден состанок, и тоа покажува нешто. Добар дел од средбата беше посветен на записниците од деветтата и десетата средба кои останаа непотпишани поради употребата на придавката ‘македонски’. Постои различно толкување на Преспанскиот договор и, според бугарските колеги, употребата на придавката е лимитирана целосно, без оглед како е запишана и се толкува од наша страна. Тоа како прашање беше внесено во Комисијата на шестата средба и бугарските колеги почнаа да го практикуваат тој начин на правење записници без тоа да биде споделено и направено со нас“, објасни Драги Ѓоргиев и додаде:  

„Зборуваме речиси на различни јазици поради инсистирањето од бугарската делегација да се наметне само едно гледање на настаните место да се согласиме за повеќеслојно гледање за да учениците сами извадат заклучоци. Се судривме околу прашањето на Цар Самоил и не стигнавме воопшто да постигнеме решение околу Гоце Делчев“, додаде Ѓорѓиев.  

Димитров рече дека не се согласува со изјавата на Ѓоргиев бидејќи тоа бил бугарски однос кон Преспанскиот договор, дека тоа е билатерален договор на две други држави и дека тие имаат потврдена формула за јазикот, според која веќе се потпишани десетици државни документи. Според него, се инсистира од наша страна дека во Комисијата се става под сомнеж идентитетот и јазикот на граѓаните на Македонија, што вели дека не е вистина.

„Ако има некои забелешки, тие ќе бидат поврзани со патот на формирањето на нацијата и идентитетот, како и историјата што ја има еден современ јазик. Исто така, имаме друг начин на гледање кон минатото, кон интерпретацијата на средниот век и првото бугарско царство. Има заеднички јазик во науката и во историјата и тој е почитување на доминантните извори во светската историја кои зборуваат дека е бугарски цар. Дискусијата натаму беше непродуктивна,така што за Гоце Делчев дикутиравме само половина час и нема да коментирам што се случи“, рече Димитров.

На тоа реагираше Ѓоргиев кој рече дека се отвори практично проблем на средбата што треба да се разгледува на повисоко ниво, а тоа е употребата на придавката. Во однос на пристапот кон Цар Самоил тој спомена дека од македонска страна излегле со неколку предлози со кои ќе им се овозможи мултиперспективност на учениците, меѓу кои и гледањето на Самоиловото како бугарско царство, но за жал од другата страна се инсистирало само на нивното бугарско унисоно гледање на таа држава и личност.

Бугарската комисија, според Димитров, е составена од авторитети од различна политичка ориентација, кои не биле претставници на политички партии. Затоа, сите убедувања дека се политички инспирирани според него не се точни.

„Историчарите не се тие кои ги создаваат проблемите меѓу двете држави. Договорот за пријателство е потпишан пред три години, а само еден член од него е поврзан со работата на Комисијата. Ако прашате што е направено за другите прашања, политичарите во Македонија не можат да ви дадат одговор“, рече Димитров, самиот излегувајќи од опсегот на неговата работа што ја бранеше во моментот, продолжувајќи како Бугарија прва нѐ признала, ни давала помош, па и ни подарила тенкови.

Тој негираше дека слушнал било какви навреди од бугарските политичари кон Македонија, како вештачки народ и вештачки јазик и вештачка нација. Тој сепак рече дека станува збор за политичка директива, на Коминтерната, која не се заснова на наука. Овој израз се однесува на одлуката на Коминтерната која предвидува нешто, рече тој, забележувајќи дека работите се посложени. Па повтори дека Македонија не направила критичка анализа на своето комунистичко минато, што го направиле сите други, бидејќи не е природно да се влезе во ЕУ со багаж од друго минато. 

Одговарајќи на новинарско прашање дали спорот околу записниците значи дека ниту една препорака не е испратена до владите, за да се усогласат учебниците, Ѓоргиев одговори дека проблемот со придавката „македонски“ е во тоа што не се согласуваат со бугарските колеги во кој контекст треба да се употребува, а во кој не согласно со Преспанскиот договор.

„Ние не спориме дека околу сѐ што произлегува и е поврзано со самата држава и институциите не се употребува, но тоа не важи за македонски народ и слично“, додаде Ѓоргиев. Тој извести дека некои препораки веќе се испратени до владите и овие записници и протоколи не пречат за тоа. 

Димитров додаде дека дале некои предлози за да излезат од непријатната ситуација и идната недела повторно ќе се сретнат да дадат сигнал дека се однесуваат сериозно кон нивната работа. Сите објаснувања дека е завршен периодот на Средниот век не се вистина, заклучи тој, додавајќи дека единствениот период што е завршен не е суштински за двете држави, а тоа е антиката. Поважно е да се заврши работата, според него, за другите периоди. 

Генералниот впечаток беше дека македонската страна сега настапила со потврд став од претходните состаноци, а бугарската омекнала, иако резултат нема. Но, и самото тоа дека е закажана нова средба покажува дека не се доведува под прашалник натамошната работа. (С.Ј.)