Историската комисија ќе се шири, сега ќе има и помошници


Фото: Б. Грданоски

 

Историската комисија ќе се шири, експертите сега ќе добијат и помошници за да им се олесни работата, најави денес шефот на дипломатијата Бујар Османи. Преставувајќи го прашањето како чисто техничко, тој рече дека тие ќе бидат дел од секретаријатот кој веќе е формиран и во него се вклучени тројца историчари и двајца административни работници.

Сите нив ќе ги плаќа Министерството за надворешни работи, а според Османи експертите од историската комисија сами ги избрале и тој не се меша во нивната работа. Нивната работа ќе биде, според Османи, да им ги подготвуваат материјалите за преговарање и да им помагаат технички околу преговорите.

Практично, она што не го кажа Османи е дека на ваков начин историската комисија се институционализира и што е поважно им се дава поголема тежина на преговорите за историските прашања.

Околу вчерашните преговори Османи тврдеше дека знае исто толку колку и новинарите, и дека она што го слушнал е дека за Гоце Делчев воопшто и не разговарале и дека сите текстови на таа тема се лажни вести.

Тој најави исто така дека формирал интерресорска работна група која ќе ја следи имплементацијата на договорот со Бугарија и дека ќе ја предводи лично тој, притоа соопштувајќи дека МНР, веќе упатило допис до МВР околу еден случај на говор на омраза до социјалните мрежи кон граѓани што се изјаснуваат како Бугари и дека тоа е пример како ќе функционира овој дел од Договорот со Бугарија, што кај нас се толкуваше како најава дека МНР ќе спроведува цензура на интернет.