Историјата на Струшките вечери во музејот на фотографот Душко Ѓоргон

Во центарот на Струга, на само стотина метри од чаршијата, во мало струшко сокаче се наоѓа домашниот музеј на фотографот Душко Ѓоргон. Во две простории, како во изложбен салон, уредно нареден е 58-годишниот труд на чичко Душко, кој скромно и со љубов раскажува за своето минато, животот, кој и го посветил на фотографијата. Пејзажи од Струга, семејни фотографии, портрети од познати и непознати личности се дел од приватната галерија, но најголем простор 81-годишниот пензиониран фотограф им отстапил на Струшките вечери на поезијата. Неуморно го следел, како расте и се развива најпознатиот поетски фестивал, а најубавите моменти ги овоковечил со објективот. Во збирката на Душко гордо се наредени портрети од сите добитници на Златниот венец во првите 50 години од нивното постоење, поетски читања, дружбите на поетите. Сега, последните 10 години, од неговото пензонирање ги фотографира само за своја душа. Објективот на Душко ги овековечил и посетите на поранешните претседатели на независна Македонија Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов, а ѕидовите ги красат и слики од посетите на Струга на маршалот Тито.
Од срамежливи почетоци до меѓународна манифестација
Во пресрет на јубилејот 60 години од постоењето на манифестацијата Струшки вечери на поезијата поразговаравме со чичко Душко за почетоците, како полека се развивал фестивалот и духот што го носел во себе. Несебично, со емоции и жар, заедно со синот Никола, кој иако не го наследил татко си со професијата, сепак одлично ги знае деталите, ни ја раскажаа петдецениската фестивалска приказна, која неуморно ја следеле.
-Откако се родија СВП, срамежливо почнаа да растат. Во далечната 1962 година почнаа да се собираат Блаже Конески, Владо Малески, Гане Тодоровски, Јован Стрезоски, Анте Поповски, Милан Ѓурчинов, Димитар Митев, Георги Старделов, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Јован Котевски, Славко Јаневски и други македонски творци, во ресторани, Домот на културата, пред општинското собрание, каде читаа поезија, се дружеа. Од почетокот сум со фестивалот. Ќе слушнев каде ќе има читање поезија и трчав со апаратот ги сликав. Сликав моменти, вели чичко Душко.
Љубовта кон фестивалот и убавите спомени со поетите не го оставаат рамнодушен овој пензиониран фотограф и сега да ги посети, да направи некоја фотографија за своја душа, но најбитното е да се види со поетите, да се дружат и евоцираат спомени, со оние од постарата генерација.
– И сега, по пензионирањето, одам за своја душа да го фотографирам добитникот на Златниот венец, да се видам со поетите, со дел од нив многу се здруживме. Порано односот беше друг, кога ќе се сретнеа поетите, ќе се запознаеја многу се дружеа, бараа да се фотографираат, возбудено раскажува.
Фестивалот со својата убавина вели дека плени од година во година, но првите изданија за него се незаборавни.
– Првите изданија не можат да се вратат. Струга живееше за СВП. Доаѓаа поети од цел свет. Луѓето едвај чекаа да излезат да ги слушаат поетите, не само стружани, од цела држава доаѓаа. Златната доба, фестивалот ја доживеа во втората половина на 70-тите години. Не може да се мерат сегашните со тогашните изданија, кога имаше и по околу 200 учесници од цел свет, заклучи Ѓоргон.
Изложбена збирка со лауреати и учесници на Струшките вечери на поезијата од почетоците
Приватната галерија на Ѓоргон, катче на кое може да подзавидат многу реномирани музеи е поделен во два изложбени дела. Во првиот се сместени фотоапарати од сите генерации, како и портрети, спонтани и студиски од познати личности меѓу кои се Есма Реџепова, Маја Оџаклиевска, Мањифико, учесници во НОБ, семејни фотографии, фотографии од стара Струга…
Во вториот дел е изложбата со добитниците на Златен венец на Струшките вечери на поезијата, наградата „Браќа Миладиновци“, учесници на фестивалот од самиот почеток, гости, љубители на пишаниот збор.
– Изложени се портрети од сите лауреати од почетокот на доделување на Златниот венец во 1966, до петдеценискиот јубилеј во 2011 година, кога творештвото беше заокружено со изложба во хотел „Дрим“, истакна Никола, синот на чичко Душко.
Во првите години, потсети, Златниот венец се доделувал за најдобра песна, а прв добитник во 1966 е Роберт Рождественски, следната година Булат Окуџава, двајцата од СССР, па Ласло Наѓ од Унгрија и Мак Диздар од Босна и Херцеговина, Миодраг Павловиќ од Србија. Од 1971 година почнува да се доделува Златен венец за животно дело и прв добитик е британско-американскиот поет Вистан Хју Оден, потоа нобеловецот Пабло Неруда од Чиле…
На дваесетгодишното фестивалско издание добитник на најпрестижната награда е македонскиот поет и книжевник Блаже Конески, а во 1974 година ја добил и наградата „Браќа Миладиновци“ за збирката „Записи“, која се доделувала на поетските читања пред Спомен-домот на основоположниците на македонската преродба.
Иако Неруда, Монтале, Лунгвист, Крлежа и Бродски не дошле од оправдани причини, односно поради болест и длабока старост, во музејот на чичко Душко не изостануваат и нивни портрети.
Секоја слика има своја приказна
Во илјадниците фотографии доловени се секакви моменти од симпозиуми, предавања, поетски читања, па дури поетите се фатени во креативен творечки занес. Секоја фотографија си има своја приказна.
– Не може, а да не се спомене учеството на ирскиот лауреат, нобеловецот Шејмас Хини, кој во Струга дојде само две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор за да го сподели своето поетско искуство за помирување со охрабрувачка порака, истакна Никола.
Фотографиите на Хини од учеството на фестивалот во 1978 година останале во коверт во ателјето на Душко, и заедно со сите моменти од пристигувањето како лауреат во 2001 до заминувањето, хронолошки подредени во фотоалбум му биле врачени. Кога ги видел оние од 1978 година се изненадил многу.
– Сите лауреати беа од паметни попаметни. Немам зборови да ги опишам, ниту некој посебно да одделам. Меѓу нив имаше и многу нобеловци, некои со веќе добиена Нобелова награда, други, пак, подоцна добија, како шведскиот поет Томас Транстромер, вели Душко.
Фестивалот, посочува, ги доближувал дури и противниците. Како пример ја посочи 1986 година, кога лауреат бил американскиот поет Ален Гинсберг, а негов промотор во црквата „Света Софија“ во Охрид, Гендаиј Вознесенски од Советскиот сојуз. Во време кога уште траела Студената војна, двајцата поети од САД и Русија си подале рака на помирување.
Семејните моменти хронолошки подредени во фото-албуми
Историјата од семејните моменти на овој струшки фотограф, хронолошки е подредена во 80 фото-албуми. Неизоставен дел од архивата се и неговите фотографии со лауреатите и автограм од нив. Покрај случувањата на Струшките вечери на поезијата, сакал да ги фотографира и спортските настани, ревијата на народни носии, Струшките музички есени, Вевчанскиот карневал… Задоволен е од работата со фотографијата и она што му го пружила во животот. Вели дека во тоа време одлично заработувал, но добивката, нагласи доаѓа со чесна и вредна работа
Првата средба со фотографијата ја имал на девет години, во народна техника имал можност да види и научи како се добива фотографија од негатив. На 13 години, по обидот да стане тишлер во занаетчиско училиште, ја прифатил идејата на неговиот татко да стане фотограф, а првиот фотоапарат го купил во 1958 година.
Делата на Душко, професионално подредени со прецизен опис, но и оние илјадниците што стојат во фото-албумите, засега не се многу промовирани во јавноста. Во договор со дирекцијата на СВП, пред две години го посетиле учесниците и тогашниот лауреат романската поетеса Ана Бландијана, минатата година поради пандемијата не била организирана посета. Во рамки на годинашното издание на Струшките вечери на поезијата ќе има изложба посветена на 60-годишниот јубилеј на фестивалот, во која ќе бидат застапени и 50-тина авторски фотографии на Душко Ѓоргон. Неговата ќерка Светлана, која е туристички работник редовно носи туристи од целиот свет и зависно од земјата од каде доаѓаат им презентира дел од портретите од нивните национални поети, како дел од туристичката понуда. Туристите во него гледаат еден вид на локален херој кој се обидува да го зачува споменот за градот и да ја промовира културата. Покрај уживањето во историските моменти, посетителите уживале и во вкусните слатки на сопругата на Душко.
Желбата на чичко Душко, неговите дела да осамнат во фотомонографија, се уште не е исполнета, но семејството се надева на дигитализација на негативите и можност за поголема промоција.