Испраќањето тенкови во Унгарија и Чехословачка беше грешка, оцени Путин


 

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во вторникот дека одлуката на Советскиот Сојуз да испрати тенкови во Унгарија и Чехословачка за да ги задушат масовните протести за време на Студената војна е грешка, објави Ројтерс.

„Тоа беше грешка“, рече Путин на прашањето за впечатокот дека Русија се смета за  колонијална сила поради одлуката на Москва да испрати тенкови во Будимпешта во 1956 година и во Прага во 1968 година.

„Не е во ред во надворешната политика да се прави нешто што им штети на интересите на другите држави“, рече Путин. Рускиот претседател испрати 150.000 војници во февруари 2022 да водат со ништо непредизвикана војна. Таа војна трае и денес проследена со огромни уништувања и човечки загуби.

Путин рече дека САД ги прават истите грешки како Советскиот Сојуз. Тој додаде дека Вашингтон „нема пријатели, туку само интереси“.

Унгарското востание од 1956 година беше задушено од советски тенкови и трупи. Во борбите загинаа најмалку 2.600 Унгарци и 600 советски војници.

Прашката пролет од 1968 година заврши кога силите на Варшавскиот пакт предводени од Советскиот Сојуз ја нападнаа Чехословачка. Според чешките историчари, во настаните загинале околу 137 Чеси и Словаци.