Исповед на соработник: Како Вучиќ ја крева тензијата и ги подбуцнува медиумите кога има кризни ситуации

Секогаш кога има „криза“, Вучиќ мора да биде главниот и одлучувачки актер околу кој се врти сѐе и кој со своите постапки ја „спасува Србија“ од сите зла


Фото: Бета

 

Независниот српски медиум „Нова.рс“ изнесува интригантно сведоштво на блиските соработници на Александар Вучиќ за тоа како изгледаат средбите со него и како се формира „медиумската и јавната сцена“ околу претседателот. Соговорниците на медиумот зборуваат за тоа како шефот на СНС манипулира со јавноста и подигнува тензија кај граѓаните со помош на медиумите и послушните членови на партијата. Секогаш кога има „криза“, Вучиќ мора да биде главниот и одлучувачки актер околу кој се врти сѐ и кој со своите постапки ја „спасува Србија“ од сите зла што и се закануваат.

Што пишува „Нова“:

„Од разговорот со нив гледаме дека претседателот повеќе размислува како ќе изгледа во јавноста отколку дали навистина ќе реши одреден проблем. А сценариото е секогаш исто – контролата на штетите се врши преку прорежимските медиуми и тоа со раскажување како на Вучиќ му се закануваат, под притисок и изедначување на претседателот со државата.

Тензиите потоа дополнително ги зголемува приказната дека сите ‘историски резултати’ што ги постигнал Вучиќ ќе бидат девалвирани и дека сè ќе падне во вода ако ‘оние што ѝ сакаат штета на Србија’ ги извршат своите намери и го победат претседателот кој се бори ‘сам против сите’.

Нашите соговорници посочуваат дека одлуките за тоа кои пораки ќе се испраќаат преку медиумите ги носи тим предводен од најблиските соработници на претседателот на државата и секогаш по консултација со шефот.

Клучните зборови се испраќаат до медиумите и партиските функционери и од нив се бара да ги користат тие зборови. Медиумите го користат за насловни страници, а официјалните лица за социјалните мрежи. На пример, проблемот во Косово е окарактеризиран како ‘зулумот на Курти’ и ‘теророт на Курти’. Затоа и насловните страници се конципирани на тој начин, како и сите други соопштенија и објавите на социјалните мрежи“, објаснува соговорникот на „Нова.рс“.

Потоа се пренесува еден случај:

„Кога, на пример, во септември заврши седницата на Собранието на која претседателот зборуваше за ситуацијата во Косово, стигна порака дека сите треба да го користат терминот ‘симултанка’“. Важно беше да им се објасни на граѓаните дека Вучиќ играл симултанка со опозицијата и дека сите ги победил. За еден час тоа се појави на социјалните мрежи на партиски функционери, а потоа го презедоа медиумите“, тврди соговорникот на „Нова“.

Од разговорот констатираме дека системот за постапување при кризни

„Се менуваат само темите – Косово, кризата во Украина, санкциите против Русија, апсењето на Беливук. Утрото повикот стигнува до сите – на седницата во Палатата Србија доаѓаат претставници на Владата на Србија, директори на фирми, целиот воен врв. Доколку темата е Косово, поканата се испраќа и до претставниците на Србите од Косово. Состаноците се одржуваат во најголемата сала. Вучиќ доаѓа последен. Тишината е смртна и тој прво зборува многу тивко и треба сериозен напор да се слушне што зборува. Најпрво нѐ информира дека позицијата е ‘многу тешка’, затоа што сакаме да си го спасиме народот, се бориме дење и ноќе, но ни се врши притисок од сите страни. Потоа следуваат цитати од претставникот на ЕУ, а тој ни вели: ‘Еве, видете што ни прават. Видете што рече оваа будала од Брисел…’“, објаснува соговорникот.

Пресликана ситуација била и по избувнувањето на војната во Украина, кога Вучиќ по речиси 48 часа одлучил дека нешто мора да се преземе.

„Дојдовме на седница на Владата. Тој на средбата рече дека сите ни вршат притисок да гласаме во Обединетите нации и да ја осудиме руската агресија и дека е против тој предлог. Тој рече дека смета дека треба да се гласа само за делот кој се однесува на поддршка на територијалниот интегритет на Украина“, објаснува соговорникот на „Нова“.

Тој додава дека на таа средба, кога се разговарало за војната во Украина, излегле тројца министри кои и покрај ставот на Вучиќ дека руската агресија не треба да се осудува, биле за гласање и за тој предлог.

Тоа го исфрлило претседателот од такт.

Изворите на „Нова“објаснуваат дека ретко кој се јавува за збор на вакви седници токму поради стравот како може да реагира претседателот.

„Неколку пати бевме во ситуација да присуствуваме на состаноци во Палатата Србија каде шефот изгледаше многу нервозно. Практично не ни би ни кажал ништо, ниту некој би се осмелил да зборува. Сите седат, гледаат напред, со наведнати глави. Многу од нив во меѓусебната комуникација изразуваат отворено незадоволство, но тоа никој не смее отворено да го каже“.