Исландските велосипедисти тренирале на своја рака па затоа биле повредени во сообраќајка, велат од Велосипедската федерација


Фото: Б. Грданоски

Двајца малолетни членови на исландската велосипедска репрезентација, кои учествуваат на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025, и кои се здобија со телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила завчера се во добра здравствена состојба. Од Велосипедската федерација на Македонија велат дека учесниците тренирале на „на своја рака” на патека која не била „означена како дел од терените за тренинг“.

Инцидентот предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, при што беа објавени и информации што, според Македонската велосипедска федерација, се неточни и манипулативни. Од таму остро реагираа на „шпекулациите што го следат случајот“ и дивеењето во сообраќајот.

„Жалиме за инцидентот и им посакуваме брзо закрепнување на повредените спортисти. Истовремено, најостро го осудуваме невниманието и дивеењето во сообраќајот на кое секојдневно укажуваме. Организацијата на EМОФ јасно ги дефинираше термините и безбедните патеки за тренинг со полициска придружба, токму за да се спречат вакви настани. Наспроти тие препораки, делегацијата на Исланд спроведе тренинг на своја иницијатива, надвор од официјалниот распоред“, се наведува во соопштението од Федерацијата.

Дополнително, тие посочија дека фотографијата на повредено дете со скршена рака која е објавена на социјалните мрежи е од друг случај. Станувало збор за велосипедист од Литванија кој се повредил за време на пад на крос кантри патека во Куманово, но пред почетокот на олимпискиот фестивал.