Искористени се дури 72 oтсто од вакцините против сезонски грип
Од вкупно 72.600 дози четиривалентна вакцина против сезонски грип кои ги набави Министерството за здравство (во кои се вклучени и 2.600 комерцијални вакцини), искористени досега се 52.687, односно 72 отсто, соопштува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај за состојбата со сезонски грип.
Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2024/2025 започна на 21 октомври и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици, како и во здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.
Вакцината ја намалува можноста за стекнување на грип, ја ублажува клиничката слика и спречува компликации или смртен исход, посебно кај ризичните групи (лица над 65 години, лица постари од 6 месеци со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години).
Во текот на минатата недела, од 28 октомври до 3 ноември, во државата пријавени се 47 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 11,9 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Заболени лица оваа недела се регистрирани во Куманово, Тетово, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Скопје и Гостивар. Во однос на возраста, од 15 до 64 години се регистрирани 27 лица, 15 се деца на возраст од 5 до 14 години и 5 лица се на возраст над 65 години.
На европско ниво, како што информира ИЈЗ, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво, карактеристично за овој период од годината.
„Стапките на заболување слични на грип и/или акутна респираторна инфекција се покачени над основните нивоа во 3 од 20 земји од СЗО европскиот регион. Позитивноста на SARS-COV-2 на регионално ниво продолжува полека да опаѓа, но има варијации помеѓу земјите. Постарите возрасни групи и понатаму претставуваат најголем дел од случаите. Активноста на грипот и РСВ остануваат на ниско ниво. На регионално ниво, приемите во болница и интензивна нега за грип и РСВ се стабилни на ниски нивоа“, се наведува во извештајот.