Исклучете го интернетот

Кој и да е тој што ги испраќа лажните дојави на бомби очигледно страда од тешка патологија која, ако продолжи да ја практицира на ова ниво и со ваков квантитет, сигурно ќе нѐ доведе до целосна рамнодушност


Лажните дојави за подметнати бомби утрово достигнаа хистерично ниво. Кој и да е тој што ги испраќа, страда од тешка патологија која, ако продолжи да ја практицира на ова ниво и со ваков квантитет, сигурно ќе нѐ доведе до напрегнатост која натаму може да прерасне во целосна  рамнодушност.

Она што е поважно е дека никој во регионот не е изложен толку многу на вакви лажни дојави како Македонија, што асоцира дека актерите што стојат зад ова сценарио, односно тие што ги нарачале и платиле ваквите напади, најверојатно се од нашата држава или во најмала рака наши помогнати од странски кои имаат интерес да се дестабилизира Македонија. Тоа што денес стигна дојава и во „Александар Палас“, каде што требаше да се одржи форум на кој требаше да зборува премиерот Димитар Ковачевски, е уште еден сигнал дека тој што ги праќа ваквите мејлови детално е запознат со дневните агенди, со навиките на нашите граѓани, со актуелните случувања тука и со слабите точки на системот.  По толку сценарија што ги изнагледавме во државава откако стана самата одговорна за својата иднина, т.е. независна, редно беше деструктивните сили, кои сакаат да ги контролираат институциите и парите  да отидат еден чекор понатаму, бидејќи сѐ друго е веќе видено и веќе прочитано кај нас.

Дојавите за бомби деновиве се само едно низа од сценарија кои, многу очигледно, треба да создадат атмосфера на небезбедност, политичка и економска криза, поточно да доведат до социјален колапс од кој ќе бараме решение со радикален пресврт. Откако се потроши потенцијалот за меѓунационални судири, откако на никого не му е до безредија во државата, откако го решивме спорот со Грција, а заврши во голема мерка и драмата со Бугарија, а и ретко кој се пали веќе на вакви теми, останаа само латиноамериканските сценарија за дестабилизација.

Едноставно кажано, некој е решен да ја доведе ако треба и до тотална нефункционалност и банкрот Македонија, само за да стави крај на нашиот пат кон ЕУ и на стандардите што ќе ни ги испорача Брисел во однос на корупцијата, ненормалното богатење на сметка на граѓаните и криминалот. Или, поинаку, некој нѐ „бомбардира“ по сите сетила, водејќи нѐ до пораката – или ќе бидат тие во главната улога, или животот ќе ни стане неподнослив во државата.

Одговорот на сите прашања што ги поставува јавноста сега е  во сознанието – кој има интерес да се дестабилизира во моментов Македонија? Случајно ли е тоа што баш додека се обновуваа главните улици, и тоа со месеци, ЈСП да реши да штрајкува за три дена доцнење на плати, а околу 200 приватни превозници  да нѐ малтретиераат со денови за приватни долгови за кои не е потврдено ни дека постојат? Случајно ли е дека „бомбите“ почнаа да стигаат токму овие денови кога граѓаните масовно се измалтретирани од одење пешки или чекање на автобуски станици и, во услови кога едвај успеваат да дојдат на работа, сега треба да трчаат секој втори ден да ги земаат децата што им се евакуирани поради дојави за бомби?  Случајно ли е што ретките оази на задоволство, шопинг центрите, најмногу се на удар со заканите и што не се „пука“ само на институциите, туку намерно се прават огромни штети и на бизнисот и економијата? И случајно ли „рикна“ ЈСП, откако не успеа сценариото да се предизвика криза со греењето и снабдувањето со струја на државата?

Иако никој не може да биде сигурен дека некоја од дојавите за бомби не е реална, граѓаните треба да сфатат дека единствен начин да се спасат од ваквите сценарија е да им се спротивстават, а не да им подлегнуваат и да ги охрабруваат. Сѐ уште се свежи сеќавањата од серијата на ужасни терористички напади во Франција во 2015 година, кога стотици луѓе беа масакрирани во концертната сала „Батаклан“ и кога камион покоси над 80 луѓе на главното шеталиште  во Ница. Иако нападите беа стравични, Французите имаа само една  порака – дека нема да се кријат дома и да не излегуваат, бидејќи така ќе му дозволат на тероризмот да ги победи. Дека нема да дозволат да им ја земат слободата така што ќе им остават празен простор  за тоа со своите стравувања.   

Преведено за кај нас тоа подразбира да не им се дава повеќе ваква гласност на лажните дојави, а институциите, училиштата и јавните објекти да си ја зајакнат безбедносната заштита место само да отвораат мејлови. Власта да ги сфати посериозно сите дисрупции и да престане да калкулира колку наводниот судир во ВМРО-ДПМНЕ ѝ носи поени, бидејќи всушност ѝ ги одзема. Да си ги провери ингеренциите и мерките што и се, па и што не и се толку очигледно на располагање и, како знае и умее, да обезбеди нормално функционирање на градот Скопје, со Данела или без неа. Да не губи време во пишување стотици соопштенија  кој е одговорен за ситуацијата, туку да ги активира инспекторите, ревизорите, финансиската полиција и истражните органи, односно сите што можат да ја забрзаат разврската на изрежираната сапунска опера со ЈСП. Да ги преиспита и законските рамки за протестирање бидејќи вака како што се прави тоа во Македонија ја парализира економијата и прави милиони евра штета. Да ѝ ги пренамени ако треба и парите на Данела Арсовска, па и да ги укине фондовите што од буџетот ги добиваат политичките партии бидејќи од нивното работење досега не виде аир никој во Македонија, освен енормно намножените партиски членови и мафијата. А, полицијата место да троши пари на бескрајни евакуации, да го обезбеди со камери јавниот простор, да им обезбеди протокол за однесување во вакви ситуации на засегнатите и, место да се води од популизам и изборни калкулации, да почне да казнува девијантни однесувања, од фрлање ѓубре насекаде па натаму, бидејќи вака како што функционира сега Македонија повеќе личи на анархија отколку на демократија. Пред сѐ, да се покаже дека Македонија е вистинска држава, а не импровизација што секој што има некаков обратен интерес може да ја фрли на колена.