Иселеници се жалат дека услугите на МНР се недостојни и недоволни


Фото: Б. Грданоски
Во отворено обраќање до македонското Министерство за надворешни работи и до амбасадата и конзулатите на Македонија во Германија, Македонците кои живеат во оваа земја бараат подобри услуги на македонските служби.
„Потребата за точни и брзи информации се зголемува, а начинот на работење на нашите дипломатско-конзуларни претставништва останува ист. Услугите кои ги добиваме се недостојни и недоволни за нас, на застарено ниво, нефлексибилни и неефикасни за македонските граѓани во Германија.

 

Два главни проблеми, поради кои се започнува оваа иницијатива, се постапката за продолжување на патна исправа и општата достапност на информации. Да се поднесе и добие пасош во нашата амбасада е речиси невозможно, односно е поврзано со долга и нејасна постапка. Затоа најчесто сме приморани да ја почнеме таа постапка во Македонија, дури и во време на пандемија и други непредвидливи бариери за прекугранично патување. Исто така овие патувања се поврзани со дополнителни финансиски оштетувања, а не секогаш и се возможни бидејки тука имаме работни обврски.

Веб страниците не се ажурираат редовно, телефонско советување е речиси невозможно, или зависи од непрофесионални службеници. Ниту пандемијата како вонредна состојба во целиот свет не смени ништо во начинот на информирање, иако тоа беше попотребно од било кога.

Бараме подобрување на информираноста на граѓаните, формирање на дежурен центар кој ќе работи 365 дена во годината и ќе биде квалитетно обучен и опремен да доставува информации на граѓаните за состојбата на границите, за нивните права, како и секакви информации за дипломатско-конзуларните претставништва. Дежурниот центар може да е со седиште и во Македонија или во Германија, но да е достапен и на бесплатен или ниско тарифен германски фиксен телефонски број.

Дежурниот центар да е достапен на македонски како и на јазиците на националностите кои живеат во Македонија

Бараме поднесувањето и добивањето на патни исправи да биде можно во дипломатско-конзуларните претставиштва. Готовите патни исправи да се доставуваат на граѓаните во Германија лично или преку куриерска служба со препорачана пошта до лицата кои со потпис и документ за идентификација ќе си ги добиваат на домашна адреса, како не би морале да патуваат два пати во ДКП.

Формирање на заеднички совет кој ќе ја следи и ќе дава препораки за подобрување на услугата на ДКП во Германија, совет кој ќе се состанува најмалку еднаш во шест месеци и ќе изготвува записник кој ќе се доставува до Владата и до Министерството за надворешни работи“, се вели во писмото на Македонците од Германија кои додаваат дека овие предлози се дефинирани според начинот на работење на многу други амбасади во Германија.