Исечени неколку здрави дрвја во Кисела Вода за кои ЗХГ предупредуваше


Вчера беа исечени неколку здрави повеќегодишни дрвја во населбата 11. Октомври, пишуваат од Зелен хуман град, а за нив од движењето уште на 24 октомври се обратјасо барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Општина Кисела Вода за парцелите КП3123/3, КП3123/8, КП3124/6 и КП3125/2.

– Од Општината до денес не добивме ниту одобренија за градење ниту решенија за сечење зеленило на предметната локација. Затоа, денес се обративме и до Град Скопје со ургентно барање да ни се обезбедат решенијата за сечење зеленило, но до овој момент немаме добиено ниеден документ што го сметаме за крајно несовесно постапување на институциите имајќи предвид дека според законот за слободен пристап тие се обврзани веднаш да ни ги обезбедат информациите со кои веќе располагаат – велат од ЗХГ.

На парцелите паралелно се рушат стари згради, а на нивно место се планира да никнат многу поголеми. На местото на двокатници сега ќе никнат осумкатници со плус три подземни нивоа – вкупно 11 ката! Според поставените табли од инвеститорот, може да се види дека од постојните паркчиња, дрворедот и тревникот немаат намера да остават речиси ништо!

Урбанизмот мора да гарантира хумано живеење! Нова зграда не значи неселективно уништување на здраво зеленило! Приватната сопственост не значи „каков сакам однос кон дрвјата“. И геодетите мора да го снимат секое дрво, и планерите да го земат предвид, и проектантите. Односот целосно мора да се промени! Приватна градежна парцела не е бришан простор, табула раса. Зеленилото и здравите дрвја мора да се испочитуваат и да се вклопуваат. Недозволиво е во еден од најзагадените градови во Европа и во светот здрави повеќегодишни дрвја да се сечат само зашто „на мајсторите им е полесно за работа“. Нашите можности да заштитиме здраво зеленило ќе беа многу поголеми ако Град Скопје наместо да чека милостина и донации, го завршеше Катастарот на зеленило како приоритетна алатка за заштита на здравјето на скопјани. Мора да се зачува секое здраво дрво што може да се зачува! Имаме најмалку 3.500 жртви на годишно ниво кои прерано го губат својот живот како последица од абнормалното загадување! Скопје не смее да си дозволи уништување на здраво повеќегодишно зеленило и не смее повеќе да си дозволува абнормална катност на новите маркички и надминување на параметрите за хумано живеење!

Науката вели дека зеленилото не само што го зголемува просечниот животен век, туку позитивно влијае и врз благосостојбата на човекот. Последиците од безумно уништување на здраво зеленило се топлотни шокови кои граѓаните и целиот жив свет на оваа локација ќе ги трпат, изразени топлински острови кои ги имаме сѐ повеќе во градот, во летниот период температурите ќе бидат изразено и неподносливо повисоки, дополнително загадување на воздухот, особено сега во зимскиот период кога воздухот во Скопје и онака е отровен! Мора да се научиме да садиме дрвја, никако да ги сечеме!

Со сечење на дрвја, го уништуваме сопственото здравје, а градот станува едно загадено и неподносливо место за живеење. Ниту едно здраво дрво не смее да падне, порачуваат од Зелен хуман град.