Исчистени 450 тони линдан и 250 тони контаминирана земја – остана уште петтиот лот


Балон за чистење на малата депонија во ОХИС (Фото: Б. Грданоски)

Вкупно 450 тони отпад од линдан и 250 тони контаминирана земја се ископани од четвртиот канал (лот) на малата депонија во кругот на ОХИС. Целата количина линдан е спакувана во буриња, при што 240 тони веќе се извезени, а наскоро и остатокот. Контаминираната земја ќе се транспортира до крајот на октомври.

Досега, од малата депонија се исчистени четири од вкупно петте лота, во количина од 1.482 тони отпад од линдан и 337 тони контаминирана земја.

Чистењето се спроведува со средства од Мултипартнерскиот фонд, со кој раководи УНОПС – задолжен и за мобилизирање средства за проектот.

Во малата депонија со линдан има околу 13 илјади тони, а се претпоставува дека во големата има околу 50 илјади тони линдан. Исто така, депонијата во месноста Пеленица кај Драчево содржи огромни количини опасен отпад, околу 40 илјади тони чист линдан и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

УНОПС ги предводи напорите за отстранување и обезбедување побезбедно урбано живеење, заедно со стратешките партнери, како и зајакнување на институционалните капацитети, борба против корупцијата и промовирање на доброто владеење, како поддршка за пристапување на Македонија во ЕУ.

Со проектот се подобрува квалитетот на воздухот, поддршка на зелениот развој и исполнување на критериумите за пристапување на земјава во ЕУ, со помош од 10 милиони евра од партнерите од ЕУ, преку проектот „ЕУ 4 Clean Air“.

– Над 500 државни службеници се обучени за процесот на пристапување во ЕУ. Петнаесетмина новинари се обучени за известување за процесот на пристапување во ЕУ, подготвени се 103 законски документи за поддршка на усогласувањето со ЕУ – ова е дел од годишниот извештај за постигнувањата на агенциите на ОН во Македонија.