Исчистени 20 тони отпад од Кисела Вода


Во заедничка акција на службите на општина и ЈП ,„Комунална хигиена”, денес се чистеше низ територијата на Кисела Вода. 

Како што соопшти градоначалникот Ѓорѓиевски, од утрово триесетина сезонски работници го собираа комуналниот и кабастиот отпад во сите месни и урбани заедници.

Со четири камиони насобраниот отпад потоа повеќе пати се носеше на Дрисла. Собрани беа вкупно 20 тони отпад.

-Континуитетот на подигнување на хигиената во општина Кисела Вода продолжува и во периодот што следи. Апелираме до сите наши жители за совесно однесување, посебно во делот на правилното одложување на отпадот. Грижата и одговорноста за средината во која живееме треба и мора да биде заедничка, порача првиот човек на општината Орце Ѓорѓиевски.