Исамедин Азизи нов член на историската комисија за Бугарија


Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја е именуван нов член во Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Тој ќе им се приклучи на моменталните членови на комисијата од македонска страна: претседател е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, професорите од ИНИ – Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола, професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески – антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Канал 5 во октомври лани рече дека инсистира во Комисијата да има и член Албанец бидејќи, според него, ова е заедничка битка, така што заедничкиот ангажман за ова прашање ќе не зближи многу.