Ирскиот министер за европски прашања и одбрана Бирн денеска во Скопје

Ирскиот министер за европски прашања и одбрана Томас Бирн денеска е во работна посета на државава. Бирн ќе има средба со својот домаќин – министерот за европски прашања Орхан Муртзани, а ќе биде примен и од претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Предвидено е Муртезани и Бирн да одржат и заедничка прс-конференција во Владата.
Посетата на Бирн на регионот, која покрај Скопје, ја вклучува и Приштина, како што е најавено од неговиот кабинет, ќе се фокусира на евроинтеграцијата во пресрет и за време на ирското претседавање со ЕУ наредната година и на зголемениот ангажман на Ирска во Западен Балкан.
Пред доаѓањето во Скопје, Бирн порача дека проширувањето на ЕУ ќе биде клучен фокус за време на ирското претседателство со Советот на ЕУ.
– Одам во Косово и во Северна Македонија за да ја истакнам поддршката на Ирска за европските перспективи на двете земји. Сакам да ги охрабрам и поддржам владите во Приштина и во Скопје, во нивните напори да ги спроведат потребните реформи за усогласување со стандардите на ЕУ, со цел да се постигне вистински напредок во нивната интеграција во ЕУ за време на ирското претседателство со Советот на ЕУ следната година, нагласува рскиот министер за европски прашања и одбрана Томас Бирн.