Ирина Тошева за „Независен“ : Да ја подигнеме свеста за купување квалитетна облека


Дизајнерката Ирина Тошева (29) е во нова модна мисија како член на македонскиот огранок на светското глобално движење „Модна револуција“ (Fashion Revolution). Да ја подигне свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „брзите“ модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш.

Осум години е на македонската модна сцена, а веќе етаблирана со своите ангажирани колекции и модни приказни кои воодушевуваат со оригиналноста. Го најде својот моден пат меѓу потрошувачите, но и организациите и институциите кои знаат да препознаат добра модна идеја, но и успешна реализација.

Тошева има завршено „Академија италијана“ во Скопје и мастер на истата академија во Фиренца, Италија. Лани беше актуелна како ментор на серијата работилници за одржлив дизајн од текстилен отпад, соработка на Модниот викенд – Скопје и Британскиот совет.

Како се случи „Модна револуција Македонија“?

– Дел сме од истоименото глобално движење. Веруваме во модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја славиме модата, но истовремено сакаме да ја подигнеме свеста за најгорливите проблеми, да покажеме дека промената е можна и да ги охрабриме сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија.

Затоа, во вторник, на 1 октомври, ќе го одржиме нашиот прв настан во „Јавна соба“ од 16 до 20 часот, како едно поразлично дружење после работното време. Предвидени се две проекции на документарниот филм „True Cost“, кој ја разоткрива неубавата страна на модата. Воедно ќе се врши и размена на стари парчиња облека. Целта е да го продолжиме векот на траење на облеката наоѓајќи и нова „љубов“, односно нов сопственик. Сакаме да ја подигнеме свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека, која би траела подолго, наместо брзата мода која е насекаде околу нас. Парчињата кои ќе останат ќе бидат донирани во организацијата „Љубезност“.

Во македонскиот огранок, освен мене, членуваат и Ана и Ема Јакимовска, Виктор Стојкоски, Магдалена Таневска и Ева Зарезанкова. Ова е првата постава, по настанот сме отворени да ни се приклучат нови членови од која било област.

Како континуиран учесник на Модниот викенд Скопје беше препознатлива по креативните ревии кои беа интересни и издржливи. Ќе те има ли и оваа сезона на Моден викенд Скопје?

– Да. Во моментот ја подготвувам мојата нова зимска колекција, истражувајќи го нашето ликовно творештво и надреализмот, како појдовна инспирација. Возбудена сум бидејќи првпат работам со еколошки материјали од банана и пченка. Во нив е иднината и се алтернатива на памукот, кој троши многу вода при перење и за чие одгледување сè повеќе се користат разни пестициди. Придобивката од ваквите материјали е што се поиздржливи, а меки, ѝ дозволуваат на кожата да дише, не го задржуваат мирисот, хипоалергенски се и најважното – не се стуткуваат. Презентацијата на колекцијата ќе биде во рамки на јубилејното 20. Моден викенд Скопје, на почетокот од ноември.

Од која колекција креативно си најзадоволна, а која се покажа како најисплатлива?

– Секоја колекција имала нешто по што била препознатлива и посакувана. Колекцијата „Риза“ пролет/лето 2016 која беше во соработка со архитектот Никола Кунгуловски и „MK3D printing“ би ја прогласила за најуспешна колекција во светски рамки. Две и пол години подоцна сè уште е барана за најразлични саеми и модни ревии, спомнувана на конференции и дел од магистерски тези, објавена на разни јазици во светски медиуми и прогласена како една од топ 12 3Д печатени модни дизајни во 2017 година од „3D Natives“. За колекцијата „Дома“, која беше соработка со Ване Костуранов, и ден-денес се бара парче повеќе иако е одамна распродадена.

Имаше колекција инспирирана од „Дениција“ на Петре М. Андреевски, дури и за трудници. Која нова колекција ти е невозможна мисија?

– Трудниците сè уште не добиле колекција, само парчиња по нарачка. Невозможна мисија ми е трката со времето кое не ми дозволува да ги изреализирам сите идеи. На ум имам неколку концепти покрај регуларните колекции, па се надевам дека ќе ве изненадам наскоро.

Кои се твоите идни планови?

– На директна покана од организаторите, кон средината на октомври, ќе се претставам со свои креации и на второто издание на „Веганската модна недела“ во Лос Анџелес. Темата на настанот е „Модата е активизам“, истражувајќи ги предизвиците околу еколошките и климатските промени низ призма на модата, креативноста, екологијата, науката, технологијата и правните практики. Мило ми е што со моите принципи на работа успевам да допрам до се подалечни точки низ светот.

Зошто не замина во странство? Со твоите идеи најверојатно ќе успееше?

– Заминав, научив, се вратив. Тоа искуство веќе осма година го пренесувам преку своите модни приказни и студентите на кои им предавам. Сопствен моден бренд најдобро се гради дома, а се продава надвор.

Кои се твоите клиенти и фанови? Што се очекува од твоите креации?

– Низ годините се профилирав како дизајнерка во чии креации може да се препознаат сите, независно од возраста или, пак, животниот стил што го негуваат. Создавам мода која не говори повеќе од личноста, туку е тивок медиум што ја надополнува. Моето ателје е креативно збиралиште на моќни и смели индивидуи, кои знаат што сакаат, гласно ги кажуваат своите ставови и размислувања и ме инспирираат во секој поглед.

На кој светски дизајнер му се восхитуваш?

– Не би можела да издвојам фаворит, но се восхитувам на „новата генерација“ дизајнери како Марин Сер.

Дали сметаш дека модата е преценета или потценета?

– Модата кај нас, за жал, е сведена на облека за свечености и прослави. Голем дел од купувачите не знаат што е масовно производство, а што уникатно парче и која е разликата меѓу дизајнер и шнајдер. Ни фали модна едукација.

Која е Ирина приватно?

– Девојката со шарени јакни и патики, која сака да ги удоми сите бездомни кутриња во земјава, (гратис) да ги гушне сите огорчени луѓе и да го обои сивилово во кое живееме.

Лејла Сабит