Ирански пари префрлени во Катар пред размена на американско-ирански затвореници


Деблокирани шест милијарди долари на Иран се префрлени на сметка во Катар, што го отвора патот за спроведување на договорот за размена на затвореници меѓу САД и Иран, објави денеска извор близок на прашањето, јавија британски медиуми.

Авион на Катар веќе е во Иран за да превезе пет американски државјани кои се затворени во таа земја. Американците треба да бидат разменети за пет Иранци затворени во САД, според условите на договорот меѓу двете земји со посредство на Катар.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канани, денеска во Техеран изјави дека Иран очекува размена на затвореници да се случи денеска, откако ќе се потврди дека Јужна Кореја ги ослободила иранските шест милијарди долари.

Јужна Кореја му ги должи тие пари на Иран бидејќи сè уште не платила за купената нафта пред администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да воведе санкции за такви трансакции во 2019 година.

Размената треба да се направи во Катар, кој беше посредник меѓу Иран и САД, бидејќи тие немаат дипломатски односи.

Канани рече дека Иран и САД ќе разменат по пет затвореници.