Ирански функционер тврдел дека 2.000 луѓе загинале во протестите


 

Околу 2.000 луѓе, вклучувајќи припадници на безбедносните сили, загинале во антивладините протести во Иран, изјави еден ирански функционер за Ројтерс. ИIранскиот функционер кажа дека за смртта на демонстрантите и припадниците на безбедносните сили се виновни терористи, без да навлегува во детали.

Најголемите немири во Иран во последните три години почнаа на 28 декември поради растечките економски проблеми во земјата. Иранските верски власти се обидоа да имаат двоен пристап кон демонстрациите, нарекувајќи ги легитимни, додека истовремено спроведуваат строги безбедносни мерки. Тие ги обвинија САД и Израел за поттикнување немири и рекоа дека терористите ги киднапирале протестите.

Државните медиуми објавија дека ноќеска немало протести и немири во многу градови низ земјата, вклучувајќи го Техеран, но затоа се одржаа маршеви за поддршка на власта, во кои наводно учествувале три милиони луѓе.

По заканите од Доналд Трамп, Иран соопшти дека е отворен за разговори со САД, но и дека е спремен за војна. Тимот за национална безбедност на Трамп денеска ќе се сретне во Белата куќа за да разговара за опции за Иран. Трамп претходно кажа дека американската војска разгледува многу силни воени опции, тврдејќи дека иранските лидери му се јавиле, барајќи да разговараат.