Иранската полиција им се закани на демонстрантите: Го држиме прстот на чкрапалото
Началникот на иранската полиција Ахмадреза Радан упати остро предупредување до граѓаните дека секој учесник во евентуалните нови антивладини протести ќе биде третиран како „непријател“, нагласувајќи дека безбедносните сили се во целосна приправност.
Истовремено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно ги повика Иранците да го искористат моментот и да го соборат режимот на ајатоласите.
– Секој кој ќе излезе на улица по сугестија на непријателот, нема да биде третиран како демонстрант, туку како непријател. Сите наши безбедносни сили го држат прстот на чкрапалото – изјави Радан за државната телевизија, изразувајќи страв од обновување на немирите во земјата.
Речиси истовремено, Нетанјаху преку порака на „Икс“ вети дека САД и Израел ќе дејствуваат со уште поголема сила против властите во Техеран. Тој порача дека Израел ќе ги создаде потребните услови за иранскиот народ да ја земе судбината во свои раце.
„Ова е можност што доаѓа еднаш во животот за да го отстраните режимот и да се ослободите. Ајатоласите бегаат, а овие кукавици нема каде да се сокријат“, рече израелскиот лидер, нарекувајќи ги тековните воени дејствија „историска ослободителна војна“.
Израел во повеќе наврати нагласи дека промената на политичкиот систем во Техеран е една од неговите клучни цели.