Иранците утре избираат, се очекува доминација на конзервативците и ултраконзервативците


Иранците утре ќе гласаат на изборите за националниот Парламент и за Собранието на експерти, а во отсуство на сериозна конкуренција, се очекува конзервативците да зајакнат на власт.

Изборите доаѓаат во услови на растечки економски тешкотии во Иран, кој исто така се бори со последиците од масовните протести предизвикани од смртта на Махса Амини во притвор во 2022 година.

Врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи треба да биде првиот што ќе гласа утре во 08:00 часот по локално време на едно од 59 илјади избирачки места.

-Сите мора да учествуваат на изборите. Колку е поостра борба на изборите, толку е поголема националната безбедност, рече Хамнеи во говорот овој месец, повикувајќи ги „влијателните луѓе“ да ги охрабрат луѓето да излезат на гласање во време на зголемени тензии на Блискиот Исток.

Одѕивот на гласачите се очекува да биде низок, а неодамнешната анкета спроведена од иранската државна телевизија покажа дека повеќе од половина од испитаниците не биле заинтересирани да излезат на гласање.

На изборите за сегашниот ирански Парламент, избран во 2020 година за време на пандемијата на коронавирус, излезноста беше 42,57 отсто, што е најниско од Исламската револуција во 1979 година.

Аналитичарите очекуваат дека на изборите ќе доминираат конзервативни и ултраконзервативни кандидати, слични на оние кои седат во актуелниот парламент.

Кандидатите мораа да поминат проверка на позадината за да им биде дозволено да се кандидираат, а адвокатите задолжени за процесот на проверка одобрија вкупно 15.200 кандидати, што е помалку од една третина од 49 илјади апликанти, објавија локалните медиуми. Тие ќе се борат за 290 пратенички места.

Гласачите, исто така, се очекува да изберат 88-члено собрание на експерти, кое ќе го назначи врховниот водач, функција на ајатолахот Хамнеи (84) од 1989 година.

За осумгодишниот мандат беа одобрени вкупно 144 кандидати. Поранешниот претседател Хасан Рохани рече дека не му е дозволено да бара реизбор во собранието по 24 години како член.

Мохамад Хатами, исто така поранешен претседател, изјави претходно овој месец дека Иран е „многу далеку“ од слободни избори. Сепак, двајцата поранешни шефови на држави не повикаа на бојкот, што го направија некои претставници на опозицијата во Иран и во дијаспората.

Ова се први избори по неколкумесечните протести предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор. Таа беше уапсена поради кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.

Иранската економија е тешко погодена од американските санкции воведени поради иранската нуклеарна програма. Многумина во Иран едвај врзуваат крај со крај бидејќи се борат со инфлацијата и рекордната депрецијација на ријалот во однос на доларот.