Иран се заканува со цена на нафтата од 200 долари за барел
По претходната политика на „одмазднички удари“, Иран преминува кон тактика на „континуирани напади“ врз своите противници, а САД нема да можат да ги контролираат цените на нафтата, објави оперативната команда на армијата Хатам Ал-Анби.
Хатам ал-Анбија е главната оперативна команда на иранските вооружени сили што ги координира воените операции на редовната армија и Револуционерната гарда. Тоа е штаб што ги планира и води најголемите воени операции на Иран во воени и кризни ситуации.
„Нема да дозволиме ниту еден литар нафта да стигне до САД, ционистите и нивните партнери. Секој брод или танкер што плови кон нив ќе биде легитимна цел“, рече портпаролот на командата Ебрахим Золфагари.
„Подгответе се цената на барел нафта да достигне 200 долари бидејќи цената на нафтата зависи од регионалната безбедност, која вие ја дестабилизиравте“, додаде тој.
Војната веќе доведе до силен пораст на цените на нафтата. Во понеделникот, цените накратко се приближија до 120 долари за барел, највисоко ниво за речиси четири години, пред делумно да се намалат подоцна во текот на денот.
Техеран практично го запре товарниот сообраќај низ Ормускиот теснец, низ кој вообичаено поминува околу една петтина од светската трговија со нафта. Ракетите погодија неколку бродови што минуваат низ Персискиот Залив и Ормускиот теснец, објави денеска Британскиот центар за поморски трговски операции (UKMTO).
Централната команда на САД (CENTCOM) вчера објави дека американските сили уништиле неколку ирански воени бродови, вклучувајќи 16 бродови за поставување мини во близина на Ормускиот теснец.