Инженерската институција избира Млад инженер на годината


Инженерската институција на Македонија (ИМИ) избира млад инженер на годината. Повод за воспоставување на оваа иницијатива е Денот на македонските инженери, 21 март 2025 година, со што преку изборот ќе се промовираат младите инженери на национално и на меѓународно ниво. Наградата за победникот е платено учество на Европската конференција на млади инженери.

За еден инженер да ја добие титулата Млад инженер на годината се земаат в предвид неговите инженерски достигнувања во годината на избор, при што се цени доблеста што ја поседува и потенцијалот да биде пример и инспирација за помладите генерации, придонесувајќи за ентузијазмот во инженерството, технологиите, природните науки и иновации.

Критериумите за избор на млад инженер на годината се лидерство и инспирација на младите, креативност и иновативност, споделување знаење и ангажирање во заедницата и општествено и етичко влијание на околината.

Во потесна селекција, избрани од Комисија на ИМИ, ќе влезат најмногу пет од пријавените кандидати, за кои анонимно гласа Жири. Комисијата брои најмалку 23 члена и е составена од претставници на Клубот на млади инженери, Клубот на носители на инженерски прстен, медиуми, студенти, професори, соработници на ИМИ, претставници од компании – партнери на ИМИ и јавни личности.

Кандидатите треба да се пријават на следниот линк https://bit.ly/prijava-yeps, да поминат интервју со Комисијата и да учествуваат на прогласување на Младиот инженер на годината, на настан што ќе се одржи на 20 март 2025 година.

Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4 е партнер на Инженерската институција на Македонија во однос на иницијативата млад инженер на годината.