Инженер во Вирџинија уби 12 колеги
Најмалку 12 лица се убиени, а четворица ранети откако незадоволен работник во градската комунална служба пукал во зградата на општината во Вирџинија Бич. Полицијата го убила напаѓачот, јавија светските агенции.
Полицијата соопшти дека напаѓачот бил наоружан со пиштол со пригушувач и дека неколку пати ја надополнувал муницијата за време на пукањето.
Првата жртва е погодена во возило пред зградата, по што напаѓачот влегол во зградата и „веднаш и неселективно“ пукал кон сите.
– Напаѓачот потоа долго разменуваше оган со четворица полицајци во зградата, кои го спречија да направи „поголем масакр“, се наведува во соопштението од полицијата.
Во текот на интервенцијата еден полицаец е ранет, но панцирот му го спасил животот.
Иако идентитетот на убиецот сѐ уште не е објавен, неофицијално, станува збор за 40-годишен инженер кој работел во јавната комунална служба и бил лице за контакт на администрацијата во врска со проектите за локални патишта.