Инвестиција во милијарди евра во инфраструктурата и здравството, најави Мицкоски


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска објави дека Владата работи на инвестиција во инфраструктурата и здравството од неколку милијарди евра. 

Мицкоски не откри детали за инвестицијата, но посочи дека се работи за меѓувладин договор со една моќна европска земја, како и дека договорот „ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП“. 

– Очекувам добри вести за македонските граѓани во април и мај на еден меѓувладин договор којшто би го потпишале со многу моќна европска земја кој што ќе се мери во милијарди, не во милиони за проекти во инфраструктурата и во здравството, сега засега. Тоа портфолио може да биде зголемено. Очекувам ваков меѓувладин договор кој што ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП, рече Мицкоски. 

Најави дека многу скоро ќе биде објавено за што се работи и дека треба да се почека да завршат преговорите. 

Во однос на поврзувањето со Тирана, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека апелот е што поскоро албанската страна да го заврши проектирањето со коешто Драч ќе биде поврзан со границата и да се заокружи Коридорот 8 во делот на железницата. Автопатското поврзување со Албанија, во случајот со граничниот премин Ќафасан, како што нагласи, напредува добро. Проблем има во делот на Требениште-Ќафасан зашто дел од периметрот на оваа траса е заштитен со УНЕСКО, но се бара решение. 

– Ние нашето ќе си го завршиме, но не гледам од таму дека се проектира железничката пруга која треба Драч да го поврзе со границата затоа што потпишавме договор. Министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Италија и Македонија потпишаа договор во јули во Вашингтон дека овој Коридор 8 треба да биде завршен. Само ние работиме, не гледам дека се работи од страна на другите чинители, рече Мицкоски. 

Во однос на изградбата на спортските сали, Мицкоски кажа дека во моментов се градат повеќе од дваесет сали во десет општини, а планирани се уште толку оваа година.