Светска банка: Инвестициите во инфраструктурата ќе го поттикнат растот годинава


Најнизок економски раст минатата година меѓу земјите од Западен Балкан, зголемен буџетски дефицит и инфлација која што има тренд на намалување – ова е сликата за нашата земја во најновиот 21. редовен извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан наречен Заживување на растот.

Ваквите економски перформанси, според Светска банка, се должат на влошените економски активности кај нашите главни трговски партнери, пред сѐ во Германија, но и поради неусогласеноста на растот на платите и на продуктивноста на трудот. Според Светска банка, изгледите за раст годинава се подобрувааат, што најмногу ќе биде резултат на инвестициите во инфраструктурата, односно изградбата на автопатите. 

Растот на БДП во Македонија лани беше само 1 отсто, се наведува во извештајот. За годинава перспективите се подобрени, па се очекува растот да достигне 2,5 отсто, а во наредната година 2,9 отсто. Инфлацијата ќе има тренд на намалување, за годинава се предвидува да изнесува 3 отсто, а во 2025 година да се намали на 2 отсто, односно на ниво на повеќегодишниот просек. 

Извештајот го претставија Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, Јоана Маџоска, економист и Мега Муким, виш урбан економист при Светска банка.

Генерално, растот најмногу беше забавен во земјите кои најмногу зависат од пазарите во западните земји,  додека во државите од Западен Балкан кои се потпираат на услугите, и пред сѐ на туризмот, ефектите беа спротивни и тие остварија повисоки стапки. 

Пораката за Македонија е да се бараат алтернативи на автомобилската индустрија која сериозно е под притисок на кинеското навлегување особено во сегментот на електрични возила во Европа, како и да се вклучат домашните фирми во синџирот на снабдување со странските инвеститори. 

„Мината година растот беше најнизок во регионот поради две причини, едната е извозот кој не беше толку силен поради намалената побарувачка кај најголемите трговски партнери и поради намалувањето на залихите”, рече Маџаревиќ-Шујстер. 

Таа додаде дека изгледите за раст во Германија не се добри и оваа година, што пред се се должи на влезот на кинеските електрични возила кои го преплавуваат европскиот пазар.

„Ова е добра порака за Северна Македонија, потребата да се бараат производи кои ги бара пазарот и да се види како локалните фирми да станат добавувачи во секторот за електрични возила. Минатата година имаше и остро намалување на залихите и тоа не беше предвидено во нашата претходна проекција кога велевме дека растот ќе биде 1,10 отсто. Треба да видиме од каде тоа произлегува. Според Државниот завод за статистика, тоа би можело да биде поради цената на залихите или поради тоа што претходните залихи биле исцрпени, како за нафтата, така и за материјалите“, рече Маџаревиќ-Шујстер.

Општата  оцена е дека во земјите од регионот има простор за раст, но дека фокусот треба да се стави врз структурните реформи кои ќе овозможат да се намали постојниот јаз со земјите од ЕУ, од сегашните 40 отсто од европскиот просек, колку што е нивото на стандардот на живеење. 
Во извештајот се опфатени и состојбите на пазарот на трудот, сиромаштијата, фискалниот сектор итн., а исто така посебно поглавје се посвети ни на зазеленувањето на градовите и потенцијалот за раст. 

„Ако на почетокот инфлацијата беше главно предводена од растот на цените на храната и енергијата, сега веќе тој раст се пренесува во производството – производи, повисоки цени на производство, повисоки цени на други производи кои користат инпути (енергија, услуги, трошоци за вработени). Ова е тој второстепен ефект на зголемувањето на цените кој продолжува и ние го гледаме во повисока т.н. базична стапка на инфлација. Тоа останува се уште високо за Северна Македонија, затоа очекуваме да има притисоци од таму, исто така и од континуираниот раст на платите кој продолжува и очекуваме дека ќе продолжи“, истакна Јоана Маџоска, економист во канцеларијата на Светска банка во Скопје.

Како што беше посочено, забавувањето на растот лани во Западен Балкан влијаеше и на ранливоста на многу домаќинства. Така, една третина од домаќинствата би можела да издржи само две недели, доколку го изгуби основниот извор на приходи, а половината само еден месец. 

Одговарајќи  на прашања на новинарите, од Светска банка посочија дека замрзнувањето на цените на основните производи е само краткорочна мерка која овозможи да се заштити стандардот, но не може да се користи на подолг рок, туку за тоа се потребни структурни мерки.