Интервју, Зоран Заев: Не гледам пречки за коалиција со Алијансата за Албанците


 

Љупчо Поповски

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја подотвора јавно вратата за постизборна владина коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива. „Ние претходно соработувавме со Алијансата за Албанците. Во владината коалиција беше и Алтернатива. Ако сме соработувале претходно, можеме да ја обновиме соработката и во иднина“, вели Заев во интервјуто за „Независен“. Се разбира, нагласува тој, врз заеднички принципи и стратешки определби.

Тој вели дека со враќањето на ДУИ кон национализмот таа „сама си ги затвора вратите“, иако досега во владата имале коректна, но комплицирана соработка. „Ние не можеме да бидеме виновни што нашите сограѓани Албанци не им го купуваат трикот со г-динот Зибери“, вели Заев.

Меѓу првите мерки што ќе ги донесе новата влада на чие чело ќе биде тој, лимитот за поврат на ДДВ ќе биде зголемен на 800 денари месечно или 9.600 денари годишно. Заев вели и дека ќе го прошират и опфатот на лица кои ќе добијат платежни картички за дополнителни категории граѓаните, пензионери со ниски пензии и самохрани родители

 

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, деновиве во една реченица ги оцени овие избори: „Некои се залагаат за тоа земјата да се врати таму каде што беше пред три години, а други ја поддржуваат идејата дека треба да продолжи да се развива на патот кон НАТО и ЕУ“. Изгледа поедноставено, но дали Вие би се согласиле со ваква карактеристика на избориве.

Комплетно се согласувам со таквата карактеризација. Повеќе од јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ со целото свое делување изминатиот период, како и во текот на кампањата, работат за обнова на режимот на Никола Груевски. Немаат програма, немаат понуда. Она што јасно се гледа од нивното делување е дека се работи само за пари. Да се вратат времињата кога го имаа приватизирано државниот буџет, кој го пустошеа 11 години.

ВМРО-ДПМНЕ изминативе три години јасно се покажа како анти-ЕУ и анти-НАТО партија. Додека ние носевме тешки и историски одлуки, тие не смогнаа сили да изградат став и бегаа од секаква одговорност. Мицкоски не смогна сили нити да даде аплауз за влезот во НАТО. Нѐ скараа со сите соседи и ни ги затворија сите врати во ЕУ и Вашингтон.

Благодарение на владата што ја предводев јас, а сега ја предводи Оливер Спасовски, тоа денес не е така. Фокусирани на иднината, сработивме храбро и одлучно. Како резултат на тоа, нашата национална безбедност и сигурност никогаш не биле на повисоко ниво. Сега сме членка на најмоќниот сојуз на светот – НАТО. Никогаш повеќе нема да сме сами и незаштитени. Тоа значи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој. Нови инвестиции, нови работни места и повисоки плати за сите.

Имаме капацитет и подготвени сме до 2024 да отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за шест години од сега целосно 100 отсто да го затвориме преговарачкиот процес. Тоа паралелно ќе обезбеди дополнителни 2,5 милијарди евра за Северна Македонија од европските фондови за тој период. Тоа се повеќе пари за нашата економија, за нашите граѓаните. Јасна е разликата помеѓу нас и опонентот. Тоа им е јасно на сите, јасно им е и на граѓаните, и сметам дека тоа ќе се рефлектира и на изборниот резултат на 15 јули. Граѓаните ќе изберат иднина, не обнова на режим. Ќе изберат пријателство и сојузништво, наспроти кавги и изолација.

 

Дали мислите дека усвојувањето на нацрт-преговарачката рамка за Македонија може да влијае врз неопределените конечно да донесат одлука и да ја поддржат коалицијата на СДСМ?

Усвојувањето на преговарачката рамка е уште еден доказ за пресвртот кој го направивме за Северна Македонија за две и пол години. И мислам дека граѓаните тоа ќе го видат и ќе бидат мотивирани да ја поддржат политичката опција која недвосмислено ја носи државата кон членство во Европската унија. Незамисливо беше пред три години дека државата ќе може да излезе од дипломатскиот ќорсокак во кој ја заглавија Груевски, Милошоски и другите приврзоци на режимот.

Новата методологија која ЕУ ја усвои за преговарање е во согласност со тоа што и нам ни е најважно, односно преговорите да бидат суштински, предвидливи и ефикасни, со единствена и неоспорна крајна цел: полноправно членство во ЕУ. Затоа новата влада ќе воспостави мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура, а ќе создадеме услови за подобро инфраструктурното поврзување со Брисел, со можност за потпишување стратешко партнерство со европски авиопревозник за воспоставување на директна, редовна линија со Брисел. За да бидеме поблиску до ЕУ, мора и подобро да се поврземе.

Преговорите ќе ги водиме во име на целата држава. Заеднички владата администрацијата, Собранието, регулаторите, граѓанскиот сектор, академската заедница и  деловниот свет. Така ќе ги искористиме најдобрите капацитети кои ни се на располагање и ќе го забрзаме патот кон ЕУ и ќе надоместиме за изгубеното време поради единаесетте години режим.

 

Имаме капацитет и подготвени сме до 2024 да отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, верува Зоран Заев

Во 2016 година имавте огнени говори додека паѓаше снег. Сега пораките ги испорачувате додека е пеколно жешко. На половина од кампањата мислите ли дека вашите пораки, главно преку електронскиот свет, стигнуваат до гласачите?

Кампањата се спроведува во ново нормално, сред здравствена пандемија и тоа неизбежно нѐ натера да се адаптираме како политички партии. Но, исто така, се адаптираа и граѓаните. Малите трибини кои ги организираме низ целата држава се одличен форум да се презентира нашата понуда низ разговор со граѓаните. Сметам дека преку таквите трибини кои се достапни онлајн, преку електронските медиуми, преку ТВ дебатите и гостувањата, граѓаните ќе може квалитетно да се информираат.

Верувам дека нашите пораки ќе стигнат до сите граѓани. До секој град, секое село. Уверен сум дека граѓаните ќе чујат што нудиме. Ќе го споредат со тоа што го нуди противникот, и дека на 15 јули ќе излезат во голем број и ќе гласаат за бројот 3, за коалицијата „Можеме“.

 

Жестоката реторика главно е насочена кон ВМРО-ДПМНЕ, архетипскиот ривал на вашата партија. Но многу остро зборувате и против ДУИ. Велите дека ќе биде добро за нив и за државата ДУИ да оди во опозиција. Кој е поттикот за ваквата реторика – дали односите меѓу двете партии се толку влошени или неа во голема мерка ја детерминира и борбата за гласовите во албанскиот кампус, со оглед на коалицијата со Беса и вашите бројни поддржувачи меѓу етничките Албанци?

Со ДУИ генерално имавме коректна соработка во владата, иако не секогаш беше лесно да се најде заеднички јазик. За многу важни теми за иднината на државата не се согласувавме, но успевавме да најдеме компромис во името на државните и граѓанските интереси. Но времето на уцени на ДУИ заврши. Кој ќе биде премиер и која партија ќе ги предводи институциите не решава ДУИ, туку решаваат граѓаните на фер, слободни и демократски избори.

Со таков пристап ДУИ сама си ги затвора вратите. Ние не можеме да бидеме виновни што нашите сограѓани Албанци не им го купуваат трикот со г-динот Зибери. ДУИ реши да се враќа кон национализмот, па излегува со национал-популистички предлози кои ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните. Прочитани се таквите обиди на ДУИ по секоја цена да играат на картата на национализмот и затоа ќе губат гласови и ќе одат во опозиција.

Тоа не е нашата визија за иднината на државата. Ние градиме едно општество за сите. Општество растоварено од прангите на национализмот кои се посоодветни за 19. век, а не за 2020-та. Во СДСМ како предводници на концептот едно општество за сите, имаме Албанци и пратеници, градоначалници и министри. Немаме проблем Албанец да биде премиер или претседател, но тоа е одлука која на крајот ја носат нашите граѓани.

Времето кога државните функционери на ДУИ одговараа само пред Ахмети завршува. Ако сите не сме еднакви пред законите без разлика на која професија, партија и етникум припаѓаме, тогаш ќе настане самовластие. Затоа времето на селективна правда и непрочистено правосудство завршува на 15 јули. По 17 години на власт, зрело е времето ДУИ да отиде во опозиција. Тоа е здраво за државата, но и за ДУИ, само на тој начин ќе се реформираат и ќе се ослободат од застарените национал-популистички идеи.

 

ДУИ во последниве денови од кампањата значително ја засили националистичката реторика. Она што го зборува Насер Зибери како програмски начела би значело дерогирање на Уставот (кој признава рамноправни граѓани во оваа држава)  и претворање на Македонија во дисфункционален систем на две етнички заедници. Би прифатиле ли такви предлози како мандатар, па макар и да не би го добиле мнозинството во Собранието?

Не. Ние градиме едно општество за сите. Тоа го правиме согласно Уставот на Република Северна Македонија, според кој сите граѓани се еднакви. Времето на уцени, на закани, на поделба на сѐ во државата низ призма на етничка или каква било друга припадност, е завршено и враќање назад нема.

Нашиот пат е патот на концептот едно општество за сите, препознаен и поддржан од сите етнички заедници. Така ќе продолжиме и во иднина, затоа што тоа е клучот за успесите дома и за успесите надвор. Сѐ друго е гол популизам кој верувам дека ќе биде поразен на 15-ти јули.

 

Дали сега ви изгледа веројатна коалицијата со Алијансата за Албанците?

Ние сме отворени за коалицирање со сите партии, базирано на принципи и заеднички цели. Ние нудиме сеопфатна програма за следните четири години. Го даваме нашиот збор дека неа ќе ја исполниме. Доколку таа е прифатена од други партии, тогаш не гледам пречки зошто не би влегле во коалиција. Ние претходно соработувавме со Алијансата за Албанците. Во владината коалиција беше и Алтернатива. Ако сме соработувале претходно, можеме да ја обновиме соработката и во иднина. Но како што кажав, строго базирано на принципи и заеднички стратешки определби.

 

Бројот на инфицираните од корона вирусот никако да се намали последниот месец, а и бројот на починати е голем. Стравувате ли дека ќе има помала излезност од 50 отсто. Или фактот што најголем дел од граѓаните се во државава и ретко кој ќе биде во странство на одмор ќе придонесе излезноста да биде во некаква регуларна рамка доколку луѓето бидат сигурни дека се безбедни на гласачкото место, како што се безбедни во самопослуга.

Оваа глобална пандемија која што дојде и кај нас покажа дека за само 2,5 години сме успеале системот да го поставиме на здрави основи. Државата спремно и навреме одговори на предизвикот, подобро и од некои западноевропски земји. Видовме одговорна власт која направи сѐ и го заштити здравјето на граѓани. Од друга страна видовме неодговорна опозиција, која освен лаги и лажни вести, кафеани и теретани, не направи ништо да помогне во овие тешки времиња.

Државата, институциите, се подготвени да организираат здравствено безбедни избори, кои ќе бидат и фер, и слободни, и демократски. Ние како партија покажавме дека и во новото нормално може да имаме дебати, средби со граѓани, посети на индустриски капацитети и притоа да бидеме целосно безбедни, секако носејќи ја заштитната опрема и држење соодветна дистанца.

Убеден сум дека така ќе биде и на денот на изборите. Државата, здравствените власти обезбедија ефикасен протокол за заштита на здравјето при гласање и преку негово почитување нема да биде доведено во опасност здравјето на ниту еден гласач, на ниту еден член на одборите, на ниту еден набљудувач. Ако може  да се одвојат 15 минути во маркет по леб и намирници, да се седи во угостителски објекти, да се користи јавен транспорт, може да се одвојат пет минути за да ја обезбедиме иднината на државата. Избирачкото место ќе биде дури и побезбедно бидејќи ќе има значително помал број  луѓе присутни во едно исто време, а ќе се гласа и до 21 часот, токму со цел граѓаните да имаат повеќе време и да не се прави никаква гужва на избирачкото место.

Ги повикувам граѓаните да излезат на 15 јули во што поголем број. Заштитени со маска. Да држат дистанца. И на такви безбедни избори да гласаат за СДСМ и коалицијата „Можеме!“

 

Кампањата ја спроведуваме на начин да бидат запазени сите здравствени протоколи за безбедност во време на корона, вели Зоран Заев

Во кампањата се слушаат огромни ветувања за сѐ и сешто. Во многу партиски програми има точки за ослободување од даноци на млади, мали бизниси, општо намалување на даноците. Може ли државата да функционира и да го зголемува на пример, вложувањето во јавното здравство, ако се намалува процентот на оние што плаќаат даноци. Тоа изгледа како утопија, која мора да заврши со големи задолжувања.

Суштината на добрата економска програма лежи во нејзината издржаност и во способноста на доброто менаџирање на ресурсите за да може да се постигнат, па дури и да се надминат зацртаните цели. СДСМ за овие три години одржа економска лекција дома, сега е редно граѓаните да ни ја дадат поддршката за да одржиме економски лекции и во регионот. Ние тоа го можеме и го умееме, силно верувам во ова што ви го говорам. Имаме потенцијал да бидеме светол економски и политички пример на Балканот.

Во следните четири години ќе покажеме што е тоа економски патриотизам. Пред три години владата предводена од СДСМ се соочи со сериозни предизвици во економијата, кои од нас бараа умешност, ефикасност, но и храброст и решителност. Начекавме економија во провалија, огромни долгови замрзнати плати и пензии. Веднаш презедовме конкретни чекори за придвижување на економијата. Сетот мерки што го испланиравме ги покриваше двете страни на буџетот и расходната и приходната, така е и во новата економска програма. Домаќински се трошеа парите, а уште подомаќински се прибираа и имавме волја да влеземе во бескомпромисна борба со сивата економија. Со мерката МОЈ ДДВ вративме кон граѓаните 10,7 милиони евра, но благодарение на инспекторската улога што ја имаат граѓаните при скенирањето на сметките се подобри наплатата на ДДВ во буџетот за над 100 милиони евра. Тоа беше нов фискален простор во буџетот кој овозможува реализација на други мерки. Со домаќинско менаџирање има пари во државата за сѐ. Но потребно е парите да ги вложувате во луѓето, во човечкиот капитал, а не во жални врби, споменици и стиропор.

Ние го направивме тоа изминатите три години и ќе продолжиме да го правиме. Ја закрепнуваме економијата и побрзо од очекуваното. Не се колебавме да пуштиме 1,1 милијарда евра поддршка за фирмите и граѓаните бидејќи знаеме дека тоа е успешниот рецепт за подигање на економијата. Резултатот е тука и е видлив. Граѓаните тоа го почувствуваа. Убеден сум дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ има капацитет да предводи економски капацитетна влада со која ќе носи храбри одлуки кои носат нова македонска развојна економија. Економија во која до 2024 година просечната плата е 34.000 а минималната 20.000 денари.

 

Кампања како да има две лица – во некои од видео-спотовите таа е црна, додека на граѓанските собири таа е во рамките на коректност на лути политички ривали. И „бомбите“ се дел од амбиентот, но моќта на нивните детонации е намалена. Може ли тие да донесат предност за вас или политичкиот противник?

Ние сме фокусирани на позитивна кампања. На иднината. Нудиме јасна визија, план за наредните четири години. Нашата цел е оваа понуда да биде слушната од што повеќе граѓани бидејќи сме уверени дека така сигурно ќе го добиеме нивниот глас. Од друга страна е ВМРО-ДПМНЕ со својата негативна кампања, црнилата, негативностите. Очигледно е кога некој нема понуда се посветува само на црна кампања, на неосновани напади, на конструирани случаи како што тоа денеска го прави ВМРО-ДПМНЕ.

Сметам дека анонимното објавување на нелегално снимани разговори е погрешно и не дава позитивен придонес во кампањата. Но се согласувам со Вас кога велите дека нивниот ефект е намален. Тоа е така бидејќи тие што ги објавуваат тоа го прават анонимно и не се мотивирани од некаква поголема цел. Кога јас ги објавував материјалите од нелегално прислушуваните разговори од страна на режимот на Никола Груевски тоа го направив јавно и отворено, од седиштето на СДСМ, преземајќи ја целата одговорност за таквата постапка. А се со цел рушење на режимот кој целосно ја имаше заробено нашата држава.

Но, оваа држава има институции и тие треба да отворат истрага, да ги расветлат овие индиции да поведат истрага и тие истраги да добијат епилог.

Ние веќе поднесовме и кривични пријави за незаконско прислушување, за незаконско снимање кое што се случува и бараме тоа да се истера со крај, да се расчисти целосно. Тоа не е затоа што се плашиме, туку тоа е пример како треба да се однесуваат и сите други коишто се цел на вакво незаконско прислушување. Одговорност мора да има.

Во меѓувреме, ние ќе продолжиме со промоцијата на мерките од програмата, ќе зборуваме и ќе работиме за новата македонска економија, за членството во ЕУ, за поголеми плати, пензии, инвестиции.

 

Имате ли план кои би биле најважните одлуки на владата во првите сто дена доколку станете премиер.

Веднаш ќе продолжиме со концептот парите назад кај граѓаните и паралелно ќе вложуваме во здравствениот систем.

Лимитот за поврат на ДДВ ќе го зголемиме на 800 денари месечно или 9.600 денари годишно по корисник. Ќе го прошириме опфатот на лица кои ќе добијат платежни картички кои ќе ги користат и дополнителни категории граѓаните, пензионери со ниски пензии и самохрани родители. Ќе испорачаме и четврт пакет економски мерки за поддршка на граѓаните и стопанството од последиците од коронакризата.

Истовремено, ќе продолжиме да вложуваме во јавното здравство. Ќе ги обезбедиме тие 90 милиони евра од Светска банка кои ВМРО-ДПМНЕ ги кочеше, а од кои голем дел се наменети токму за унапредување на здравствената заштита и справување со корона вирусот.

Секако тоа не значи дека нема да работиме и на реализација на другите програмски цели и определби кои ќе бидат дел од програмата за работа на владата во новиот мандат.