Интервју со Владимир Глигоров: Се работи за болест, не за крах на системот


Земјите, како што е случај и со Македонија, кои го користат еврото како пари во резерва, можат да се соочат со ограничувања бидејќи, поедноставено кажано, не можат да печатат пари (Фото: принтскрин Јутјуб)

Мирче Јовановски

Македонија е во подобра положба за побрзо излегување од кризата од другите земји во регионот. Нејзиниот најголем проблем е сиромаштијата, вели познатиот економист Владимир Глигоров во интервју за „Независен“

 

Да се сочуваат вработените и претпријатијата, како и јавните служби, но и да се почитуваат финансиските обврски, се дел од приоритетите во економската криза предизвикана од епидемијата од корона вирусот, смета угледниот економист Владимир Глигоров. Тој во интервју за „Независен“ вели и дека во ваква ситуација компаниите не би требало да го делат профитот, особено ако примаат помош од државата. Познатиот економист не исклучува и штедење во буџетот, особено поради фактот што можностите за интервенција од централната банка се ограничени.

Глигоров е добро познат на македонската јавност. Работи како виш истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, а неговите истражувања се фокусирани на макроекономијата, економијата и политиката во Југоисточна Европа, а посебно во државите од поранешна Југославија. Работи на истражувачки проекти за Европската комисија, а има и консултантски ангажмани за меѓународни организации како Светска банка, ОЕЦД, итн. Тој е предавач на Универзитетот во Виена и редовен соработник на фирмата „Оксфорд аналитика“. Редовен колумнист е во повеќе весници и неделници во Југоисточна Европа, во кои елаборира бројни глобални и регионални економски, социо-културолошки и политичко – правни прашања и тематики.

Инаку, Виенскиот институт неодмна објави процени за растот на земјите од Југоисточна Европа, според кои растот на македонската економија годинава ќе изнесува 1,7 отсто, што е речиси двојно помалку од претходната прогноза за пораст на БДП од 3,3 отсто.

Господине Глигоров, светската економија се соочува со до сега невидена закана поради корона вирусот. Според сите прогнози е или ќе западне во рецесија. Какви се вашите согледувања?

Па, рецесијата е тука. Прашање е дали ќе се изгубат еден или два квартали, или пак, цела година. И, дали ќе има дополнителни финансиски и политички проблеми кои можат да продолжат. Инаку, би требало постепено да дојде до опоравување во другата половина на годинава.

Дали рецептот што го применуваат владите и централните банки, кој беше применет и за време на финансиската криза, ќе функционира сега? И дали за тоа ќе бидат доволни 7 билиони долари, колку според некои пресметки се потребни за економиите да застанат на нозе?

Станува збор за криза која е лесна, ако можам така да кажам, во однос на финансиската во 2008-2009 година. Се работи за болест, не за крах на системот. Така што, фискалните и монетарните мерки би требало да бидат такви за да помогнат ништо да не се скрши, додека болеста не помине. Земјите, како што е случај и со Македонија, кои го користат еврото како пари во резерва, можат да се соочат со ограничувања бидејќи, поедноставено кажано, не можат да печатат пари. Така што, важно е епидемијата да трае кратко или да помогне Европската централна банка.

Како ги оценувате последиците од пандемијата врз економиите во регионот, посебно врз Македонија?

Не се сите во иста положба. Има земји кои повеќе зависат од услугите, од туризмот на пример, кои ќе имаат изгубена една цела година. Други земји имаат недостиг на храна, што може да биде проблем, ако се оддолжи увозот. Има земји кои се врзани за странски индустрии кои не работат, на пример автомобилската индустрија. Мислам дека Македонија е во подобра положба во сите тие гледни точки. Проблем е сиромаштијата, така што луѓето ќе трпат повеќе отколку во побогатите средини.

Македонија е во посебно специфична ситуација – Собранието е распуштено, функционира техничка влада која сега со вонредната состојба носи уредби со законска сила. Како ги оценувате можностите на Владата да функционира во вакви околности?

Ако не се политизира непотребно, тоа не би требало да претставува проблем. Се работи за мерки кои треба да се преземат и кои се речиси изнудени, ако има рационалност. Така што, сите политички фактори би требало да соработуваат.

Првиот пакет мерки што го донесе Владата за помош на стопанството беше оценет како симболичен. Во вториот обемот на помошта за фирмите е поголем. Кои би биле вашите предлози, како најбезболно да се извлечат државата и стопанството од оваа незавидна состојба, кои мерки би биле најцелисходни?

Доколку каматите на надворешниот пазар не се зголемат, а се чини да нема, тогаш не мора да биде потребно да се ограничува побарувачката (Фото: принтскрин Јутјуб)

Прво е да се сочуваат вработеноста и претпријатијата, посебно посиромашните и помалите. Второ е да се сочуваат јавните служби и сѐ што е држава. Трето е да се гледа сите да ги почитуваат финансиските обврски, со државна помош каде што е потребно. Конечно, со оглед дека стопанството не работи со профит, тој не би требало да се дели, особено доколку се прима помош од државата. Проблем е Буџетот, бидејќи помошта од централната банка е ограничена. Така што, можеби мора да се штеди. Но, тоа може да се одложи за време кога епидемијата ќе помине. Доколку каматите на надворешниот пазар не се зголемат, а се чини да нема, тогаш не мора да биде потребно да се ограничува побарувачката, која може да биде од корист кога ќе помине кризата.

Очигледно е дека сега буџетските дефицити и износот на јавниот долг се во втор план. Но, колку и по која цена се достапни пари на светскиот пазар и колку може Македонија да си дозволи да го зголемува долгот, имајќи предвид дека стигнуваат за плаќање значајни износи кон странските доверители?

Кога станува збор за јавниот долг, важно е стопанството да расте по стапка која е повисока од каматната стапка со која се задолжува државата. Покрај тоа, единствен начин да се влијае колку е скап кредитот за земја како што е Македонија, која на тоа не може да влијае со својата монетарна политика бидејќи има фиксен курс, е брзиот стопански раст. Се разбира дека тоа не значи Буџетот да може да се арчи без сметка. Но, буџетското штедење не мора да значи дека каматите на кредитот што Македонија може да го добие на надворешниот пазар ќе бидат пониски. Обично фискалниот дефицит е помал кога стопанството расте брзо, па може и поевтино да се задолжува.

Виенскиот институт неодамна ја намали процената за растот на БДП за Македонија. Дали македонската економија ќе може да ја избегне рецесијата оваа година и кога би можела да се надева на подобри времиња?

Рецесија за цела година не е неминовна. Сѐ ќе зависи колку долго ќе трае епидемијата.

Дали оваа криза го направи светот да биде посебичен или пак, повеќе до израз доаѓа солидарноста? Како гледате на иднината на глобализацијата?

Станува збор за глобално јавно зло. Така што, треба да се има глобален одговор бидејќи ова не е ниту прва, ниту последна пандемија. Не се работи за солидарност, туку за зајакнати европски и светски институтуции и политики. Доколку зајакне национализмот во услови на светски предизвик, тогаш нешто не во ред со луѓето.