Интервју со министерката за култура Ирена Стефоска: Мораме да му го вратиме идентитетот на модерно Скопје


Фото: Б. Грданоски

Во враќањето на идентитетот на модерно Скопје мора да одиме претпазливо, а не насилнички. Проектот „Ослободување на просторот“ од Венециското биенале 2018 година е добар концепт за ова, вели Стефоска во интервју за „Независен“. Таа е задоволна што се зголемени платите во културниот сектор изминатава година

 

Лејла Сабит 

Како Министерство за култура, ние не смееме да отстапиме од идејата за Скопје како модерен град, епитет кој насилно му беше одземен токму преку ова министерство. Таа неправда кон градот мора да ја исправиме, но со крајна внимателност бидејќи Скопје 2014 е, најблаго речено, контрадикторен проект, реализиран со прекршување на бројни закони, кој доведе до брутална узурпација на јавниот простор и на животот на граѓаните. Ова во интервју за „Независен“ го изјави министерката за култура Ирена Стефоска, осврнувајќи се на најавената ревизија на проектот „Скопје 2014“.

Заштитата на културното наследство останува на врвот на приоритите на оваа Влада, на ова Министерство за култура, а во тек се и неопходни интервенции на неколку национални установи.

Се финишира и апликацијата за електронско пријавување на Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата, за која министерката Стефоска потенцира дека ќе ја олесни работата на сите.

Стефоска е на оваа функцијат од пред една година. Претходно беше пратеник во Собранието, каде претседаваше со Комисијата за култура. До стапувањето на должноста министерка за култура, работела како редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Фото: Б. Грданоски

До каде е заштитата на културното наследство за кое најмногу се залагавте кога седнавте на жешкото културно столче и за кое е издвоен најголем буџет од два и пол милиони евра? Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново беше на врвот, па заштитата на црквата во Матејче, конзервацијата на Лешочкиот манастир, санацијата на куќата на Лазар Личеноски…

Директно ќе ви одговорам – активно се работи на сите добра кои ги наведувате во прашањето, но и на десетици други. Зашто неколку пати потенциравме дека заштитата на културното наследство е на врвот на приоритите на оваа Влада, на ова Министерство за култура. Отворајќи нова буџетска линија за културно наследство во опасност, овозможивме по итна постапка да се финансира конзервацијата  на најзогрозените објекти. Националниот совет активно работи на откочување на процесите на валоризација и ревалиризација на најзначајните културни добра. Со одлука на Владата, скопскиот Аквадукт го доби највисокиот акт на заштита. Одлуката на Владата уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес  кој долги години беше закочен во надлежнитe институции, и овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот  аспект на локалитетот. 

До каде е со ревизијата на проектот „Скопје 2014“? Најавивте дека идентитетот на Скопје е модерен и дека треба да се врати.

Како Министерство за култура ние не смееме да отстапиме од идејата за Скопје како модерен град, епитет кој насилно му беше одземен токму преку ова министерство. Таа неправда кон градот мора да ја исправиме, но со крајна внимателност, бидејќи „Скопје 2014“ е, најблаго речено, контрадикторен проект, реализиран со прекршување на бројни закони, кој доведе до брутална узурпација на јавниот простор и на животот на граѓаните. Но, за среќа, има креативни предлози кои можат да нѐ донесат до вистинското решение, до повторно ослободување на Скопје преку концептот на групата архитекти, кои единствени предложија решенија за габаритните згради од „Ск 2014“. „Ослободување на просторот“ е проектот со кој што учествуваа на Венециското биенале 2018 година, а беа поддржани и од Министерството за култура. Моја цел и обврска како министерка е да го реафирмирам во јавноста овој концепт за трансформација на просторот. Значи, претпазливо, а не насилнички, мораме да му го вратиме идентитетот на модерно Скопје.

Каква е ситуацијата со музеите и театрите? Музејот на Северна Македонија протекува, како и МНТ, а што е со реконцептуализацијата на Музејот со восочните фигури ?

Во програмата за капитални инвестициски проекти во областа на културата за 2021 година и во програмата за тековно одржување и набавка на опрема, застапени се повеќе проекти преку кои се трудиме на еден сериозен начин да ги подобриме условите за функционирање, не само на музеите и театрите, туку и на сите установи од областа на културата.

Некои од националните установи работеа во навистина лоши услови, во дотраени објекти, на кои им беше неопходна итна интервенција.

Како што веќе знаете, во тек е санацијата на Македонскиот народен театар, зафат со кој ќе се надминат проблемите кој се појавија уште од самото отворање на театарот, како и натамошното руинирање на објектот. Секој обилен дожд предизвикуваше голема материјална штета. Се радувам што есенскиот дел од сезоната, оваа установа ќе го започне во безбеден објект.

Течат реконструкциите на Центарот за култура „Бели Мугри“ – Кочани, како и на објектот на Кумановскиот театар. Исто така, драго ми е што по неколку годишен застој продолжуваат работите и на Турскиот театар. Течат процедурите и за изградбата на објект наменет за театар и библиотека во Тетово, за кој во тек е евалуација на доставените понуди.

Оваа година се работи и на обезбедување на проектно – технички документации за реконструкциите на Музејот на Република С. Македонија, како и објектот Мала станица.

Следува и постапката за реконструкција  со доградба и надградба на објектот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп за да се обезбеди простор за потребите на тетарот. Завршен е проектот за санација на покривот на сарајот на Нијази бег во Ресен.

Проектите се одобрени и сега потребно е време и посветеност од избраните фирми и од носителите на проектите, конечно некои институции да добијат достоинствени услови, онакви какви што ѝ прилегаат на културата.

Што се однесува до реконцептуализацијата на Музејот на македонската борба да напоменам дека музејските поставки не се трајно решение. Нивното менување е рутинска активност која се огледа и во праксата на регионално, европско и светско ниво.

Појдовна точка во измените и дополнувањата на музејска изложба во Музејот на македонската борба за самостојност, според елаборатот што го изготвува стручна комисија, е обид да се направи една модерна реконцептуализација преку фотографии, документи, предмети, како и комбинација на конвенционално и иноватино.

Фото: Б. Грданоски

Во време на пандемијата, речиси 70 отсто од културните интитуции не функционираа и бараа поддршка. Плус сме земја каде културата исклучиво се финансира од државата, ретко од други извори. Имате ли план или програма за решавање на овој проблем, со оглед дека четвртиот бран пандемија ни тропа на вратата?

Ме радува што нашите културни институции и во време на пандемија, се покажаа како многу витални. Имаше краток прекин во нивното функционирање во текот на минатата година, но во поголемиот период, преку дигиталните технологии и на отворените сцени во Скопје и низ државата, успешно се изнаоѓаа начини како културните содржини да останат помеѓу граѓаните.

Во согласност со мерките за заштита, се одржаа бројни културни настани од тетарската, филмската, музичката, ликовната и литературната  дејност, особено сега во летниот период. Драго ми е што овие квалитетни содржини ги поддржавме со Годишната програма.

Културните работници во изминатиот период користеа нови изрази за, барем делумно,  да ги реализираат своите програми.

Владата и Министерството за култура итно реагираа, во рамките на можностите, и со соодветни мерки се справуваме со негативните ефекти од корона-кризата. Со шесте пакети на антикризни економски мерки што се реализирани досега, беа опфатени и голем број на културни работници и самостојни уметници. Беа објавени и јавни повици за поддршка на филмските работници. Им дадовме поддршка на културните работници бидејќи сега таа им е најпотребна.

Ги зголемивме платите во културниот сектор и воведовме и други механизми за подобрување на работничките права на вработените во културниот сектор преку нов Колективен договор. Сите вработени во културата редовно и во целост ја земаат својата плата.

Верувам дека истата жилавност ќе ја покажеме и во овој 4-ти бран . Институциите продолжуваат да работат согласно мерките препорачани од Комисијата за заразни болести. Со надеж дека наскоро ќе излеземе од оваа анксиозна состојба, сакам да верувам дека есента ќе ни дозволи да погледнеме уште многу остварувања и дека секој можен отворен простор ќе биде сцена.

Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата отсекогаш предизвикуваат главоболки и за барателите и за Министерството. Како праведно да се вреднуваат проектите и програмите од јавен интерес? Кој беше вашиот критериум?

Чесност, професионалност, попрецизен систем на вреднување, фер однос во услови на светска пандемија, правична застапеност… едноставно, да не се повторат грешките, а слабостите да се сведат на минимум. Секогаш ќе има незадоволни, па дури и во речиси идеални услови. Како што најавив пред неколку месеци, ја финишираме апликацијата за електронско пријавување и таа многу ќе ни ја олесни работата на сите. Убедена сум дека уште самата постапка на аплицирање ќе биде добра превенција од главоболките.

Фото: Б. Грданоски

Две години е рокот во кој македонските власти пред сѐ, а и албанските, ќе мора да ги имплементираат препораките на мониторинг мисијата на УНЕСКО. Дивоградби, загадување, уништување на крајбрежјето и еко појасот, се само дел од клучните забелешки. Кој е следен чекор?

Следен чекор е носење на Стратешки план за рехабилитација на целиот регион кој ќе ја воспостави рамката за подолг рок. Паралелно со тој процес, институциите продолжуваат да постапуваат по препораките кои произлегуваат од мисиите на УНЕСКО, со посебен фокус на носење на урбанистички план за крајбрежјето и континуирано отстранување на бесправно изградените објекти.

Што е со проектите поврзани со административна реорганизација на културните институции во согласност со принципите за јавна администрација на ЕУ?

Постојат два проекти финансирани од страна на ЕУ. Првиот се однесува на реорганизација на сите министерства, вклучувајќи ги и законските и административните процедури на работењето на јавната администрација, додека вториот проект е функционална анализа на Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм. Овие два проекти се комплементарни и даваат конкретни предлози и мерки за реорганизација на секторот култура од аспект на стратешко планирање, структурална поставеност, административни капацитети, процедури за работа, иновативност и меѓусекторска соработка во согласност со принципите на јавната администрација на ЕУ.  Министерството за култура би требало да биде првото министерство кое ќе биде пилотирано.

Дали имате уште нерешени прашања кои ви останаа во наследство од вашите претходници? Ако има, како ги решавате?

Го сменив пристапот и така на секој проблем гледам како предизвик, како шанса да го дадам најдоброто од себе. Има многу проблеми, а со тоа што нема да си ги признаеме дека постојат, тие нема да исчезнат. А, како што велат, најдобар начин проблемот да исчезне е да го решите. И секако, да сфатите дека проблемите не ви се непријатели.