Интервју со Марко Бислимоски: Сè уште не го гледаме светлото во тунелот

Берзите се сензитивни на инвазијата на Русија врз Украина, драстично се зголемија цените на нафтата, на струјата и на гасот, вели претседателот на РКЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Македонија, засега, е сигурна што се однесува до испораките на руски гас во земјава, со оглед дека овој енергенс кој што го добиваме од гасоводот преку Бугарија, не минува низ Украина, туку доаѓа преку „Турскиот тек“. Сепак, никој во моментов не знае какви потези може да преземе во иднина Русија, освен изјавите дека гасот во Европа ќе достигне цена од 2.000 долари за нормален метар кубен. За претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски ваквите изјави се несериозни, уценувачки и немаат допирни точки со пазарните законитости.

Овој енергенс директно влијае и на цената на струјата, која исто така изминатата недела повторно се зголеми на берзите во Европа, исто како и нафтата. Во интервјуто за „Независен“, Бислимоски зборува за разните аспекти на енергетската криза врз домашното стопанство и врз граѓаните, за новата тарифа за пресметување на потрошената електрична енергија за домаќинствата во зависност од потрошувачката, потоа за долговите на општините и на јавните претпријатија кон ЕВН, за потребата за штедење и неопходноста  сите да излеземе од комфорноста во која до сега се наоѓавме. 

 

Господине Бислимоски, нема знаци дека руско-украинската криза ќе заврши брзо. Како претседател на Регулаторната комисија за енергетика како гледате на овие настани, особено како тие би можеле да се одразат врз енергетскиот сектор кај нас?

Берзите изминатите месеци беа многу сензитивни на случувањата помеѓу Русија и Украина. Кога во одредени периоди имаше поволни вести дека кризата ќе се смири, тоа резултираше со намалување на цената на гасот и на електричната енергија, а исто така и на нафтата. Но, сега кога е јасно дека Русија направи целосна инвазија врз Украина, има драстично зголемување на цените на нафтата, на електричната енергија и на гасот. Во текот на јануари и некаде до 15-20 февруари, имаше стабилизирање пред сѐ на цените на природниот гас. За разлика од природниот гас, цените на нафтата и на нафтените деривати почнаа да растат, а од четвртокот се и над 100 долари за барел. Во петокот дојде до мало намалување на цената, но драматичен е порастот во последните денови.

Кај гасот состојбата беше следна: за разлика од декември и кон крајот на декември кога цените беа по 2.000 долари за нормален метар кубен, во јануари и во февруари имаше една стабилна ситуација во зависност од тргувањата, помеѓу 700 и 800 долари за нормален метар кубен, што сепак е повисока цена во однос на онаа што ја имавме во 2021 година кога изнесуваше околу 240-250 долари за нормален метар кубен. По нападите врз Украина гасот драстично поскапи, во средата имаше зголемување на цената на околу 1.000 долари за нормален метар кубен, а во четвртокот на берзата во Виена, којашто ние ја гледаме, како и на другите берзи се искачи до 1.500 долари за нормален метар кубен. Она што е уште покарактеристично, зголемувањето на цената на гасот влијаеше и врз зголемување на цената на електричната енергија на унгарската берза за фјучерсите за месец март. Претходно цената се стабилизира помеѓу 180-200 евра за мегават час, за потоа во четвртокот да се зголеми драстично за околу 60 проценти, на околу 320 евра за мегават час.

 

Со оглед на ситуацијата во Украина, може ли да дојде до прекин во испораката на енергенси, пред се на гас?

Од аспект на сигурноста на снабдување, гасот го имаме обезбедено и од страна на „Макпетрол“ и од другиот трговец ТЕ-ТО. Тој гас не доаѓа преку цевката низ Украина туку доаѓа преку „Турски тек“, така што за сега нема навестување дека ќе имаме прекин во снабдувањето со природен гас.

Државата ја укина царината за природен гас која што изнесуваше два проценти, со што им помага на компаниите (Фото: Б. Грданоски)

Сепак, што доколку Русија како одговор на санкциите кои што се преземаат против неа, а на кои се приклучи и нашата држава, во некоја екстремна варијанта реши да ги затвори вентилите и да ја прекине испораката на гас? Имаме ли алтернатива за такво нешто?

Гасот што го користи Македонија целосно е од Русија и се набавува од „Гаспром“. Во делот на производство на топлинска енергија производителот е обврзан да има обезбедено 15-дневни резерви. Не мора да ги чува залихите. Кога ќе има потреба како алтернативно гориво треба да обезбеди мазут. Тоа е обврска согласно закон. Ние тој трошок го признаваме како нула денари, нема таков трошок бидејќи не го активирале тоа алтернативно гориво. Тоа е од аспект на производство на топлинска енергија. Кај компаниите, дел сигурно можат да се прилагодат и наместо природен гас да користат мазут. Но, факт е дека мазутот го има се помалку, а проблематичен е и неговиот квалитет. Мазутот и од аспект на загадување е сериозно полош, а како што се покажа може да се случи да добиеме и токсичен мазут. Поради тоа, сметам дека треба да се размислува како алтернативно гориво да почне да се користи дизелот, бидејќи со дизелот ќе немаме проблем во однос на обезбедувањето. Го имаме постојано на располагање, додека мазутот е проблематичен да се обезбеди.

 

Дали постројките може технолошки да се прилагодат кон користење дизел наместо мазут и дали е исплатливо имајќи ја предвид цената на мазутот и на дизелот?

Мислам дека постои можност, но и самите компании треба да си направат анализа. Веројатно се потребни дополнителни инвестиции, но од аспект на сигурност со снабдување, а и од аспект на загадување, според мене треба да почнеме да размислуваме да го користиме дизелот како алтернатива на природниот гас во екстремни случаи како сега. Инаку, во однос на цената, кога ќе се направат анализите, мислам дека нема некоја разлика.

 

Што е со нафтата, дали и овој енергенс го набавуваме од Русија?

Во најголем дел се обезбедува од Грција, има дел од Бугарија, има дел од Србија и од Албанија. „Окта“ држи најголем дел од пазарот, околу 75-76 отсто, а таа го купува од „Хеленик петролеум“.

 

Поранешниот руски премиер и претседател Дмитриј Медведев порача дека Европа ќе го плаќа гасот по 2.000 долари за нормален метар кубен. Постојната цена веќе е околу 1.500 долари. Колку ваквите цени на гасот, особено ако се одржат на ова ниво, ги прават исплатливи проектите за гасификација на земјата, особено на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Неготино“?

Мислам дека такви изјави се некоректни, како и уценувањето што го прави Русија со природниот гас. Ние како држава во март ќе почнеме да ја градиме новата интерконекција со Грција, со која за прв пат ќе се поврземе гасно и на тој начин ќе се приклучиме на проектот ТАП каде што доаѓа азербејџански гас. Дополнително, со таа интерконекција со Грција ќе можеме да го користиме и гасот од ЛНГ терминалот во Александропулис, каде што Владата објави дека ќе учествува во сопственичката структура на овој терминал и од таму ќе имаме гарантирани 500 милиони нормални метри кубни, а капацитетот на новата интерконекција е 2,8 милијарди нормални метри кубни. Дополнително, треба да се знае дека овој гасовод, интерконекцијата со Грција, нема да заврши во Македонија, туку планот е да продолжи во Косово. И Европа во изминатиот период сѐ повеќе настојува да ја намалува зависноста од рускиот гас, која сѐ уште е висока, околу 35-40 проценти. Однесувањето на Русија е неекономско и уценувачко. За Европа во моментов е проблем да се надомести природниот гас кој сега го набавува од Русија, но се повеќе ќе инвестира во обновливи извори на енергија со цел да се замени производство на електричната енергија од гасните електрани, а дополнително Франција најави дека ќе инвестира во нови нуклеарни електрани. Верувам дека во Русија ќе преовлада разумот и дека ќе работи според нормални пазарни принципи со Европа. На крајот на денот, и Русија ќе изгуби. Факт е дека Русија дел од својот гас го продава и во Кина, но мислам дека Европа им е пазар каде што може да остварува поголеми профити. И дека по завршување на целото ова лудило конечно ситуацијата ќе се стабилизира.

Правиме анализи за воведување блок тарифи и тие ќе важат само во високата тарифа, во период кога важи скапа струја. Оние домаќинства кои трошат повеќе, зголемената потрошувачка ќе ја плаќаат по поскапа тарифа (Фото: Б. Грданоски)

Колку високите цени на енергенсите, посебно на гасот, ќе се одразат кај нас?

Пазарот на природен гас кај нас е целосно либерализиран и сите потрошувачи во државата купуваат природен гас на слободниот пазар. Имаме два трговци, ТЕ-ТО и „Макпетрол“. Снабдувач на „Макпетрол“ е „Промгас“. Минатата година, како што кажав, беше стабилна, но беше и рекордна година за потрошувачката на природен гас во државата (лани потрошувачката на природен гас кај нас беше 426.175.644 нормални метри кубни, една година претходно изнесуваше 338.589.117, а во 2019 беше 295.881.382 нормални метри кубни). Треба да се знае дека во 2021 година ние имавме стабилна цена до крајот на годината, за разлика од земји членки на Европската унија, како Бугарија, Грција… Ние во октомври, ноември и во декември имавме реално една од најниските цени во Европа. За жал, од 1 јануари годинава кога „Макпетрол“ требаше да ги потпише новите договори цените се повисоки… „Макпетрол“ има формула каде што во цената 70 отсто учествува цената на природниот гас, а 30 проценти учествува нафтениот индекс. „Макпетрол“ има нешто пониска цена од ТЕ-ТО, кој купува според берзанска цена. Да бидеме оптимисти дека просечната цена ќе ја држиме на ниво како во регионот, околу 700-800 долари за нормален метар кубен. Но, споредено со 2021 година кога имавме 240-250 долари за нормален метар кубен, таа е за речиси три пати зголемена, односно за толку ќе се повисоки трошоците споредено со минатата година кои ги имаат компаниите и БЕГ производство, што е битно за производство на топлинска енергија.

 

Кои компании кај нас се најголеми потрошувачи на гас, па според тоа и најмногу ќе бидат погодени од повисоките цени?

Најголем потрошувач на гас кај нас е ТЕ-ТО, а големи потрошувачи се и БЕГ-производство, ЕЛЕМ Енергетика, „Скопје Север“, „Макстил“, во комплексот на Железара „Митал стил“, во зоните исто така се користи гас, при што ТИРЗ откупува гас за сите потрошувачи, на природен гас се приклучени и „Алкалоид“, ЈСП, Клинички центар… Отприлика 70 компании, би рекол убавите македонски компании.

 

Станува збор за компании кои се значајни за македонското стопанство. Што може државата да направи за да им помогне?

Државата ја укина царината за природен гас која што изнесуваше два проценти. Законот е изгласан во Собранието и таа давачка за царината ќе биде тргната. Државата кај нас не обезбедува гас туку тоа го прават приватни компании. И во Бугарија државата оди преку трговци, во Грција е така… Друго, државата може да помогне со одредени субвенции, доколку има средства во Буџетот, а кој реално е оптоварен во оваа криза. Но, укинувањето на царината е добра мерка.

Регулаторната комисија за енергетика, овие два- три месеци издаде дозволи за фотоволтаици за компании за инсталирана снага од околу 30 мегавати, тоа е речиси колку „Света Петка“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Дали ќе бидат потребни дополнителни средства од Буџетот за справување со енергетската криза во текот на годинава?

Засега анализите се до март – април. Понатаму треба да се направат нови анализи да видиме, затоа што очекувањата беа дека во април е можно да има намалување на цената. Но, за жал со овие нестабилни геополитики на кои што ние како држава немаме никакво влијание, цената на електричната енергија многу варира. Владата помогна за стабилизација на состојбата во секторот за електрична енергија, иако сѐ уште е проблематично. Во делот на регулираниот пазар ситуацијата е стабилизирана, ние имавме и состанок со електроенергетските компании кои кажаа дека состојбата се стабилизира. Има проблеми со ликвидноста, но ЕСМ презема обврска на Електродистрибуција да ѝ обезбедува количини на електрична енергија за покривање на загубите на електрична енергија, што е техничка работа во дистрибутивната мрежа, по цена која што ќе ја одобри Регулаторната комисија за енергетика, 143 евра. Таа е далеку пониска од пазарната цена со цел да не се оптоварува цената. Дополнително, два месеца ЕСМ обезбедуваше и на МЕПСО загуби на електрична енергија кои што се далеку пониски од пазарните, кои беа и до 400 евра, а овие се двојно помалку. Верувам дека од април ЕСМ ќе му ги дава и на МЕПСО загубите по овие 143 евра за мегават час. Станува збор за услуга мрежарина, преносна мрежарина и дистрибутивна мрежарина, која што ја плаќаат сите потрошувачи. Одреден удар имаше и врз домаќинствата со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, но и покрај сите шпекулации и невистини кои беа изнесени, состојбата се одржа стабилна. Можам слободно да кажам дека зголемувањето на цената на електрична енергија е едно од најмалите во регионот. Во Хрватска има навестувања за сериозни зголемувања, во Косово исто така има сериозно зголемување, а имаше и рестрикции, дополнително во речиси сите европски земји цената на електричната енергија за домаќинствата е поскапена за 30-40 проценти. Треба да се најдат начини како Владата би помогнала и на стопанството, за што се прават анализи. Според мене, најдобар пристап е преку мрежарината, така ќе се дојде до секоја компанија, бидејќи секоја компанија мора да плати мрежарина и за пренос и за дистрибуција. Правиме анализи и доколку се покажат оправдани, да им се помогне на сите компании.

 

Сепак, неизвесноста на берзите се чини продолжува, што значи нема гаранции како ќе биде до крајот на годинава?

За жал, така е. На пример на ХУПЕКС берзата терминските договори, односно фјучерсите за вториот квартал 2022 во четвртокот беа тргувани по цена 291 евро за мегават час, а за 2023 по цена од 194 евра. Значи, светлото во тунелот уште не го гледаме.

 

Го спомнавте координативниот состанок со енергетските компании. Според соопштението од состанокот станало збор и за нов тарифен модел за потрошувачката на електрична енергија за домаќинствата. Кажете ни нешто повеќе за тоа. Особено интересен е податокот дека еден отсто од домаќинствата трошат дури 20 отсто од струјата?

Правевме анализи за воведување на блокови, односно блок тарифи и тие блокови ќе важат само во високата тарифа, во период кога важи скапа струја. За евтината ќе нема блокови и ќе има постојано ниска цена како сега. Ќе има еден прв блок и дополнително уште два или уште еден блок, за што во тек се анализи. Можно е да бидат три блока. Првиот кој што ќе биде на ниво од просечна потрошувачка на домаќинство во државата и тие ќе имаат бенефицирана, односно нешто пониска цена, а како ќе расте потрошувачката, така ќе се зголемува и цената на потрошената електрична енергија. Со тоа даваме сигнал дека сакаме да почне да се штеди и да се намали потрошувачката. Самиот факт дека еден отсто од домаќинствата користи 20 отсто од електричната енергија покажува дека има категории на граѓани кои што реално ја користат евтината цена на електричната енергија. Значи, имаат пари да трошат многу и да платат. Најголем дел од нив трошат за греење, а имаме податоци дека некои греат и базени. И со тоа ќе им испратиме сигнал да инвестираат. Со зголемување на цената за екстремно високата потрошувачка испраќаме сигнал овие домаќинства да инвестираат во многу посовремени начини на греење преку топлински пумпи, инвертори кои што се многу поефикасни отколку класично греење со електрична енергија. Верувам дека на тој начин ќе се намали и потрошувачката, бидејќи ние, сепак, не треба да живееме во филм дека сме енергетски богата земја. Ние сме енергетски сиромашна земја која што единствено има домашно производство на електрична енергија. Нафта и природен гас немаме.

Инвестиции, инвестиции и само инвестиции во производни капацитети во обновливи извори. Треба и да ја интензивираме изградбата на интерконекцијата за природен гас со Грција (Фото: Б. Грданоски)

Во контекст на ова најверојатно ќе има измени на правилникот за обновливи извори со кој што ќе се зголеми моќноста на фотоволтаиците кои што ќе се ставаат на крововите од четири на шест мегавати, и домаќинствата, а не само тие што се на слободниот пазар, туку и тие на регулираниот пазар, ќе може да продаваат на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Така, ќе ги стимулираме и домаќинствата, се разбира тие што имаат можност да инвестираат во поставување фотоволтаици на своите кровови, се со цел да ја намалуваме потрошувачката на електрична енергија и да ја задоволуваме со сопствено производство од фотоволтаици. Инаку, Регулаторната комисија за енергетика, овие два- три месеци издаде дозволи за фотоволтаици за компании за инсталирана снага од околу 30 мегавати. Компаниите гледаат дека плаќаат скапа електрична енергија и поставуваат фотоволтаици со што ги намалуваат трошоците за електрична енергија. Инаку, 30 мегавати е речиси колку „Света Петка“, последната хидроелектрана која што ја имаме направено, којашто е 36 мегавати. Верувам дека овој тренд кај фотоволтаиците ќе расте и делумно со инвестиции и во обновливи извори ќе можеме да ја подобриме нашата енергетска независност. Исто така, има најави и за две сериозни инвестиции, едната германска во ветерна електрана „Вирови“, тоа е 416 мегавати, а ќе има и француска инвестиција од 350 мегавати во фотоволтаици.

 

Тоа се значајни инвестиции, но тие се приватни капацитети и имаат карактер како ТЕ-ТО, односно нема да бидат дел од ЕСМ. Кои се придобивките за домашните потрошувачи?

Ќе видиме, јас би предложил државата да побара да продаваат по пониски цени од пазарните и енергијата да остане во Македонија и таа да ја купува да речеме Електростопанство на Северна Македонија со цел од оваа инвестиција да имаат бенефити македонските домаќинства и македонските компании. Мислам дека сме на добар пат.

 

Државата се фали со тие странски инвестиции што е супер, но ние како граѓани и фирми немаме ништо од тоа.

Мислам дека ќе треба да им кажеме на такви инвеститори „во ред, дадовме земјиште, но да видиме некој бенефит и ние“. Но, покрај инвестиции во обновливи извори ќе ни треба и базна енергија за балансирање на системот. Очекувам „Чебрен“ да заврши успешно, а верувам дека ќе има и неколку инвестиции во когенеративни постројки со природен гас.

 

Ве молам за уште едно појаснување околу тарифните модели за потрошувачката на струја кај домаќинствата. Дали цената кај основниот пакет ќе биде пониска од сегашната и кој ќе биде соодносот меѓу најниската и највисоката блок-тарифа?

Ќе видиме, ги правиме анализите, најверојатно ќе биде нешто пониска од постоечката цена која што ја имаат домаќинствата. Исто така и за соодносот сѐ уште ги правиме анализите, но мислам дека соодносите нема да бидат екстремни. Во некои земји, како во Србија, за највисоката тарифа цената е три-четири пати повисока во однос на основната тарифа, но ние нема да одиме во такви екстреми.

Инаку, покрај Србија, ваков модел има и во Грција, имаше во Хрватска, сега воведе и Косово. Тоа се мерки коишто пред сѐ влијаат на намалување на потрошувачката, затоа што ние реално по домаќинство имаме една од највисоките потрошувачки на електрична енергија. Не споредувам тука со европските земји каде што имаат гас за греење, споредувам со соседните земји каде што многумина се греат на струја и каде што гасот не е толку достапен. Кај нас има и голем број домаќинства коишто се празни, некаде околу 100 илјади домаќинства користат или нула киловат часови на годишно ниво или минимални количини. Но, реалната потрошувачка на тие што ја користат електричната енергија е околу 500 киловатчасови. Што навистина е голема бројка во споредба со други земји.

 

Се чини дека оваа сезона некако ќе ја истуркаме енергетската криза. Кои се, според вас, решенија што треба да ја релаксираат ситуацијата, кои мерки треба да се преземат на среден и подолг рок?

Инвестиции, инвестиции и само инвестиции во производни капацитети во обновливи извори. Треба и да ја интензивираме изградбата на интерконекцијата за природен гас со Грција за да не зависиме од само една земја. Според сите статистики, само неколку земји во Европа се 100 проценти зависни за снабдување со гас од Русија, Македонија, Молдавија… Сите земји во регионот имаат достапен гас и надвор од Русија, и во Хрватска и во Бугарија, во Грција, Србија бидејќи има и сопствено производство. Ние ќе мора да обезбедиме пристап до природен гас и од Азербејџан и исклучително добра работа е што учествуваме во ЛНГ терминалот со сопствени средства и од таму ќе може да закупуваме. Понатаму, ќе треба да ги поедноставиме постапките за издавање на одобренија за градба на фотоволтаиците, бидејќи сега се долги, а тоа ќе овозможи да има се повеќе инвестиции. Приватниот сектор тоа го препозна и сакаат проблемот да си го решат со поставување фотоволтаици и така поголемиот дел од потребите да ги обезбедат од сопствено производство. Тоа се повеќе ќе се случува и мислам дека следната грејна сезона, односно следната зима ќе имаме нешто порелаксирана ситуација. Исто така, овој период треба да го стабилизираме и ЕСМ да се обезбедат доволни количини на јаглен и мислам дека веќе се работи, како и да внимаваме со хидро производството во април, мај, јуни, јули, да го чуваме на завидно ниво, со цел да имаме многу подобра ситуација на акумулациите во текот на следната година. За енергетската криза веќе има директни буџетски субвенции. Значи, мора да го стабилизираме електроенергетскиот сектор и со тоа верувам дека во 2022 година домашното производство на електрична енергија, пред сѐ мислам на ЕСМ, ќе биде барем за 10-15 проценти повисоко од тоа што беше во 2021 година.

Оваа криза е незапаметена, не е ова криза за Македонија. Сите треба да излеземе од својата комфорна зона и да почнеме да размислуваме за штедење (Фото: Б. Грданоски)

Значи ли ова дека се извлечени поуки од енергетската криза?

Мислам дека оваа криза за нас треба да биде пресвртна точка. Секоја криза покрај тоа што е лоша има и нешто добро, значи мора да се занимаваме со сериозни инвестиции во енергетиката. Тоа што ни го остави Социјалистичка Република Македонија во 1989 година за овие 30 години го потрошивме, го изедовме. Државата направила еден ветерен парк од 37 мегавати, хидроелектраната „Козјак“ од 80-тина мегавати и 36 мегавати „Света Петка“. Или, околу 150 мегавати, што е помалку од еден блок од РЕК „Битола“, а сите други инвестиции се од страна на приватниот сектор во мали хидроелектрани, во фотоволтаици и во ТЕ-ТО. Она што треба сериозно да се размислува е ТЕЦ „Неготино“ да почне да работи на природен гас затоа што се гледа дека ТЕЦ „Неготино“ во ваква кризна година ни помогна за прв пат цената што ја даваше да е далеку пониска од пазарната. И да се надеваме дека ова лудило со цените ќе почне да завршува и дека цените ќе се стабилизираат.

 

Како најновата состојба со цената на суровата нафта ќе се одрази врз цените на бензините неделава кај нас и дали може да се интервенира со цел да се ограничи поскапувањето на дериватите?

Изминатата недела беше лоша. Ќе видиме како тоа ќе го „исхендламе“, но цената порасна многу. Инаку, во структурата на цената на дизелот, го земам ова гориво бидејќи 80 отсто од потрошувачката кај нас е дизел, 55 проценти учествува набавната цена. Тоа е цената на берзите и вредноста на доларот, и таму не може да влијаеме. Потоа, 36,6 проценти се давачки кон државата – акциза, ДДВ, трошоци за чување на државни резерви и одредени еколошки такси кои се воведени. Регулаторната комисија за енергетика може да влијае на осум проценти, тоа е во делот на маржата.
Има простор во делот на учеството на давачките кон државата, треба да го разгледаме тоа, да видиме, но треба да се има предвид дека имаме најевтина цена на дизелот. Да не се споредуваме подалеку, од Албанија е значително поевтино, од Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Косово… А, тоа се должи бидејќи давачките кон државата кај нас се помали.

 

Деновиве изјавивте дека општините, односно јавните претпријатија должат кон ЕВН околу 23 милиони евра. Од каде толкави долгови?

Да, државните јавни претпријатија должат околу 9,5 милиони евра, а локалните институции, јавните локални претпријатија околу 13-13,5 милиони евра кон ЕВН Хоум и факт е дека тоа е проблем и ја влошува ликвидноста на ЕВН Хоум. Како што е познато, ЕВН Хоум не беше во можност да ги плати фактурите кон ЕСМ и тука помогнаа директните буџетски субвенции кон ЕСМ.

 

Општините сега бараат помош од државата. На што се должи ова, на неможноста да се платат сметките за струја поради поскапувањето или на недисциплина?

Ова прашање треба посериозно да се елаборира. Сега сите бараат помош од државата. Треба да ја видиме и структурата на трошоци на самите општини, колку учествува трошокот за електрична енергија во нивните трошоци. Треба и општините да покажат дека преземаат нешто, не може сѐ да очекуваат од државата. Кај дел од општините и јавните комунални претпријатија станува збор за немарност, бидејќи набавуваат електрична енергија од снабдувачот во краен случај, од ЕВН Хоум, која е за 50 проценти повисока од цената на берзата ХУПЕКС. Доколку распишале тендер, на слободниот пазар ќе добиеле пониска цена, некаде од 10 до 20, односно за толку е зголемена цената на ХУПЕКС од страна на снабдувачите. Значи, таму има можност да се заштеди. Исто така, има простор во структурата на трошоци. Како пример, нема да ја кажам општината, во едно јавно комунално претпријатие кое што обезбедува со вода за пиење една поголема општина, има 550 вработени, а во КЕЦ на Електродистрибуција на ЕВН кој што обезбедува електрична енергија за повеќе општини во тој дел на државата, вработени се помеѓу 50 и 60 лица. Затоа велам дека ова сега е добра шанса да ја зголемиме ефикасноста на работењето и на јавните комунални претпријатија, исто така и на државните и на општинските институции. Она што ми пречи е што во изминатиот период никој не зборува за штедење. Сите велат „тоа е“. Оваа криза е незапаметена, не е ова криза за Македонија, за прв пат по Втората светска војна има ваков напад врз една независна држава. Сите треба да излеземе од својата комфорна зона и да почнеме да размислуваме за штедење, да почнеме да го следиме приватниот сектор кој во голем дел поставува фотоволтаици. Нема проблем тоа да го сторат и општините, таму каде што можат да поставуваат фотоволтаици. Значи, во наредните неколку години треба да ја заборавиме комоцијата која што ја имавме. Треба да размислуваме прагматично и секој да дава придонес. Ако постојано бараме пари од државата, тогаш не знам до кога тоа ќе може да се прави.