Допрва ќе се види какви ќе бидат економските последици од бугарското вето: Интервју со Кирил Лазаров


Во секоја прилика потенцирам дека е важно да се надминат политичките недоразбирања, затоа што истите ќе се преточат на економско ниво, а нема солидни инвестиции таму каде што има можност за нестабилна политичка клима, вели претседателот на Македонско–бугарската стопанска комора и сопственик на „Никоб“ Кирил Лазаров

 

Мирче Јовановски

Нагорниот тренд на македонско-бугарската економска соработка што доби ветер во грб особено со потпишувањето на договорот за добрососедство годинава е на сериозен тест. Од една страна, стопанствениците од двете страни на границата ги погоди корона кризата, но како тоа да не беше доволно, па економскиот амбиент го поклопи драматичното влошување на политичките односи. Иако нема прецизни анализи колку актуелните настани поврзани со ставањето рампа од страна на Бугарија на македонските амбиции за почнување преговори за членство во ЕУ ќе влијаат врз економската соработка, факт е дека довербата е нарушена, а тоа може да има сериозни и далекусежни последици. За дел од овие теми разговараме со претседателот на Македонско–бугарската стопанска комора и сопственик на „Никоб“ Кирил Лазаров, кој вели дека се уште е рано да се анализира какви последици ќе создаде ветото, во економска смисла, бидејќи имаме бројки кои се последица од друг фактор.

 

Господине Лазаров, во изминатиот период македонско-бугарската економска соработка одеше по нагорна линија. Колку актуелните збиднувања се одразуваат на економските односи меѓу двете земји?

Економската активност помеѓу Северна Македонија и Бугарија видливо се забрза по потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу двете земји и тоа е она што во секоја прилика го потенцирам, а тоа е важноста да се надминат политичките недоразбирања, затоа што истите ќе се преточат на економско ниво, и нема солидни инвестиции таму каде што има можност за нестабилна политичка клима. Она што официјалните податоци објавени од Државниот завод за статистика говорат, е дека обемот на трговската размена со Република Бугарија во првиот квартал за 2020 година бележи раст и изнесуваше 108,4 проценти во однос на истиот период лани. Вкупниот обем на трговска размена е 9 милијарди и 785 илјади денари, додека за истиот период лани бил 9.024.882.000 денари; извозот забележа раст, нивото беше 102,8 проценти споредбено со првиот квартал од 2019 година, а увозот забележа 113,3 проценти споредбено со истиот период лани. И, еден мошне важен податок во однос на корона кризата е дека најмал пад имаме во трговијата со Бугарија. На пример земете го следниов податок: вкупниот пад на обемот на трговска размена за периодот јануари – октомври 2020 година бележи пад од 12 отсто, a вкупната размена со Бугарија бележи пад од 11,1 отсто. Споредено со другите соседни земји, падот на трговската размена со Бугарија е најмал; на пример размената со Србија во овој период е на ниво од 89,7 отсто во однос на лани, со Грција е 71,7 отсто, а со Косово е 79,1 отсто.

Фрапантно неточно и невистинито е дека во Македонија се блокираат бугарските инвестиции. Сите инвестиции се добредојдени, посебно бугарските бидејќи можат да бидат на многу повисоко ниво, вели Лазаров

Она што е суштинско во овие економски параметри е што падот на трговските размени е насекаде и помеѓу секого во светот, затоа и цел свет е во рецесија. И, тоа секако е резултат на глобалната пандемија од Ковид-19. Бројките се анализираат само низ призма од негативните ефекти кои се последица од корона кризата, а не од политичките околности. Се уште е рано и невозможно да се анализира какви последици ќе создаде ветото, во економска смисла, бидејќи имаме бројки кои се последица од друг фактор.

 

Колку бугарски инвестиции има во Македонија, во кои сектори се најмногу застапени и каква е заинтересираноста за вложување во нашата земја?

Во Македонија, бугарскиот капитал е солидно застапен ако ги земеме во предвид сите околности; тој капитал помалку или повеќе е традицонален од аспект на опсегот и доминира во сферата на банкарството односно во финансискиот сектор. Додека во реалната економија има инвестиции во рударството, медицинскиот канабис, во продажбата на мало и големо. Секогаш може и повеќе и подобро. Но, наше е ние да воспоставиме услови, инфраструктура, плодна почва и законска рамка, понатаму е до самите земји да инвестираат. Нашата земја од Светска банка и други релевантни институции е избрана за земја која нуди супер добри услови за инвестирање, и нема повластени, сите се еднакви: и домашни и странски. За да знаеме колку Бугарија има инвестирано во нашата држава оваа година треба да помине (вклучувајќи го и последниот квартал) и анализата ќе ја имаме во 2021 година, додека во 2019 година бруто инвестициите од Бугарија се околу 8 милиони евра. Она што не охрабрува како комора е што имаме информации дека сериозен бугарски капитал сака да гравитира во нашата држава веќе следната година во делот на големите инфраструктурни проекти кои ги имаме најавено како држава. Таргетиран е интересот кон учество во инвестиции во хироцентрали, стратешки инвестиции во делот на гасната мрежа, инфраструктурни проекти и сл. Станува збор за мултимилионски проекти за кои има интерес.

 

Од официјални лица во Софија деновиве има обвинувања дека има фрапантно блокирање на бугарски инвестиции во Македонија. Какви се вашите сознанија?

Ова е фрапантно неточно и невистинито. Сигурно е кажано во некој политички контекст, и има за цел да наштети. Живееме во време каде што пазарниот систем, капиталниот или пазарната логика е заштитена со соодветна легислатива. Тоа е казниво. Секој е еднаков кон критериумите, законите и пристапот. Се друго е казниво со закон. Во делот на извештајот на ЕК каде се оценуваат економските и инвестициските реформи не постои таков акт или било каква забелешка. Напротив, оценката во тој дел ни е многу висока. Сите инвестиции се добредојдени, посебно бугарските бидејќи можат да бидат на многу повисоко ниво.

 

Од страна на стопанствениците кај нас постојано се укажува на потребата да се модернизира – изгради Коридорот 8 и тоа не само железничко поврзување, туку и изградба на автопат, во областа на енергетиката и тн. Дали динамиката со која се одвиваат работите кај нас ветува дека во догледно време ќе се подобрат конекциите, што може да се унапреди на овој план и дали застојот е само од македонска страна?

Мислам дека не постои човек кој повеќе апелира за Коридорот 8 од мене; не постои изјава или интервју оваа година, во кое не сум го потенцирал ова прашање. И, ќе продолжам да апелирам, молам и сугерирам. Стратешки е важно за нашата економија овој коридор што поскоро да добие на целина. За да биде појасно, кон Коридорот 10 имаме солидна автопатна мрежа, и слаба железничка конекција, бидејќи железничкиот сообраќај се одвива на една железничка пруга. Но, компензира автопатската мрежа која од Солун гравитира кон Европа. Но, Коридорот 8 е коридор кој врзува две мориња, Јадранско море и сите негови пристаништа со Црно Море, со сите негови пристаништа и ресурси. Морам да бидам поексплицитен во овој одоговор. Имено, кон Јадранско море гравитираат европските економии, Грција , Италија, Албанија и итн, а околу Црното Море гравитираат економски џинови како Турција, Русија и др. Тој коридор поминува логички најбрзо преку нас, а ние спиеме 30 години. Ургентно треба да се исфорсира железничкото поврзување од Куманово кон бугарска граница паралелно со експресен пат (кој е во тек на градба), и железничко поврзување Струмица – Петрич, парарелно со експресен пат Струмица – бугарска граница. Инсистираме и на автопатско решение, но за почеток доволно е и ова. За се ова да профункционира треба рокови, динамика, проекти и фондови, и време е некој сериозно да се зафати со овој голем проект. Затоа и на Берлинскиот процес кој заврши неодамна не случајно се форсираше овој геостратешки коридор во економска смисла.

Не постои човек кој повеќе апелира за Коридорот 8 од мене и ќе продолжам да апелирам, молам и сугерирам. Стратешки е важно за нашата економија овој коридор што поскоро да добие на целина: Кирил Лазаров

Со години наназад се поставува и прашањето за отворање на граничниот премин Клепало. Дали имате сознанија до каде е неговата реализација и што би можел да придонесе таквиот премин за развој на економските односи ?

Од оние информации кои ги поседувам од наша страна се е завршено, завршени се сите обврски и состојби. Тој граничен премин може да се пушти и утре од наша страна. Комплетно е завршена рехабилитацијата на патната мрежа кон граничниот премин. Се чека на Бугарија, а кои се таму проблемите, не знам. Секое отварање на нов граничен премин има економска логика, затоа што се олеснува протокот на луѓе, стоки и услуги. Овој граничен премин би имал додадена вредност во развојот на туристичката компонента. Тука е Берово од наша страна со сите негови убавини и на бугарска страна Сандански, Банско, Националниот парк Пирин, Кресна итн и сите нивни убавини.

 

Вие сте втор мандат на чело на Македонско-бугарската стопанска комора. Кои се клучните предизвици со кои се соочуваат вашите членки и како тие да се надминат?

Оваа година имав чест да бидам реизбран да ја водам Македонско–бугарската стопанска комора, мандатот е две години по статутот и ќе се трудам да го заокружиме мандатот со оние работи за кои и постоиме како комора, а тоа е да креираме, идеи, проекти, предлози и тие да не здружуваат и обединуваат во една идеа, а тоа е посилна економска активност помеѓу двете држави. Клучните текови кои се пред нас не се предизвици од техничка, бирократска или било која природа која би ни стоела на патот да не ги реализираме идеите. Клучните поенти за постоењето на комората е да сугерира проекти, како на пример Коридорот 8, и во истите да успее да ги детектира и елиминира ако може оние бирократски или политички пречки кои се јавуваат или би се јавиле.