Интервју со Елена Младеновска-Јеленковиќ: Во М6 Едукативниот центар градиме лидери на иднината

Сите активности што ги преземаме во рамки на програмата „М6 чекор напред“ треба да обезбедат исчекор во индивидуалниот, компанискиот и општествениот развој. Идејата е секогаш да се биде чекор напред во период на промени и трансформација, вели Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар
Мирче Јовановски
Едукативниот центар М6 неодамна почна нова програма чија цел е поттикнување на општествениот развој и позитивна општествена трансформација во време на промени. Програмата е насловена „М6 Чекор напред“ и претставува платформа преку која еминентни лица од областа на политиката и економијата дискутираат и нудат предлог-решенија за актуелните теми и предизвици кои ги засегаат компаниите и граѓаните и кои се однесуваат на различните аспекти со кои може да се поттикне општествениот развој во земјата и регионот.
Првата во серијата дебати се одржа неодамна и донесе интересни и поттикнувачки размислувања за актуелните теми и предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот. Втората конференција ќе се одржи в понеделник, на 25 октомври, а во центарот на вниманието е земјоделството, една од стопанските гранки која е посочена како клучна за натамошниот развој на нашата земја.
За мотивите, значењето и плановите поврзани со програмата „М6 Чекор напред“, разговаравме со Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар.
Госпоѓо Младеновска-Јеленковиќ, деновиве М6 Едукативниот центар започна серија дебати за определени општествени и стопански сегменти. Која е целта на ваквите активности?
Живееме во време на промени и дигитализација и целта на М6 Едукативниот центар е во вакви услови да обезбедиме експертиза, едукација и решенија, кои ќе помогнат во трансформацијата, но и во развојот на поединците, на компаниите и на општеството во целина.
Во таа насока почнавме со спроведување на новата програма „М6 чекор напред“, во чии рамки преку серија на конференции и обуки ги отвораме актуелните теми значајни за економскиот и општествениот развој на земјава и регионот. На овие настани, еминентни експерти од земјата, регионот и од странство дискутираат и нудат предлог-решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и компаниите и воедно претставуваат пречка за развој и напредок на општеството. Станува збор за искусни познавачи на состојбите во економијата и политичките состојби, кои долго време работат во одредена област и се успешни во тоа што го работат, така што можат да дадат одговор на прашањата, да направат темелна анализа на овие проблеми и да предложат можни начини за нивно надминување.
Првата дебата што се одржа неодамна беше посветена на земјите од Западен Балкан – како да се креираат и да се спроведат ефикасни решенија и стратегија за одржлив развој, на која учествуваа реномирани личности. Кои беа главните пораки?
Да, на 27. септември се одржа првиот настан од програмата „М6 чекор напред“, посветен на економските и политичките перспективи за развој на Балканот. Говорници и панелисти беа врвни странски и домашни консултанти и претставници на бизнис секторот – Исак Адижес, Рајнхард Прибе, Зијад Бечировиќ, Горан Штрок, Светозар Јаневски, Зоран Мартиновски и Зоран Јовановски. Тие дадоа одлични насоки и упатија јасни пораки до политичките и бизнис лидерите во балканските земји.
Една од главните пораки беше дека земјите од регионот се упатени на меѓусебна соработка и таа ќе ги направи посилни и ќе генерира нов квалитет, но за воспоставување на соработката треба да постои взаемна почит и доверба. Само на таков начин може да се постигне стабилност и синергија во регионот.
Втората клучна порака се однесува на потребните промени и реформи во земјите од регионот со цел да се обезбеди нивниот опстанок и иден развој, преку создавање поволни услови за развој на претприемништвото, за привлекување на инвеститори и за спречување на иселувањето од овие простори, особено на младите.
Исто така, беше истакнато дека земјите од регионот треба да ги идентификуваат своите автентични силни страни и области во кои имаат компетитивни предности во однос на другите земји и таму да ги насочат сите свои инвестиции и иновации во креирање производи и услуги со висока додадена вредност и извозен потенцијал.
Една од пораките беше дека нашата земја нема многу шанси во глобалниот натпревар со светските индустриски гиганти и дека земјоделството е нашата шанса. Можеме ли тука да постигнеме повеќе?
Дефинитивно, во случајот со Македонија, земјоделството е еден од столбовите на економијата и има значителен придонес во економскиот развој, трговијата и вработувањето. Но, се соочува со ниска продуктивност и низа структурни проблеми во руралните области како депопулација, оскудна инфраструктура, како и проблеми поврзани со социјалната и еколошката одржливост.
Иако секторот бележи пораст во последната декада, нашата земја е увозник на храна и земјоделски производи и покрај значителната поддршка по пат на субвенции.
Има голем простор за подобрување на овој сектор. Конкретно, со окрупнување на земјоделското земјиште би се намалиле трошоците за производство, додека со промена на политиките за субвенционирање би се постигнала поефективна поддршка фокусирана на обезбедување квалитетни суровини за производство на производи со повисока додадена вредност. Треба да се посветиме и на воведување соодветни стандарди за квалитет и за заштита на животната средина, како и на обезбедување пристап до финансирање.
Сето ова може да се постигне само со донесување и спроведување на сеопфатна долгорочна и ефикасна и ефективна стратегија час поскоро бидејќи глобалните трендови се загрижувачки.
Земјоделието треба да воведе промени како резултат на потребата за справување со климатските прeдизвици, дигитализацијата на индустриите и енергетската ефикасност. Користење на дигитални технологии може да придонесе кон револуција во земјоделието, да помогне на фармерите да бидат попрецизни, поефикасни и да имаат одпжливост во работењето, а секако може да привлече и млади луѓе во секторот.
Преработувачката индустрија е насочена кон воведување на енергетска ефикасност, циркуларна економија, воведување нови еколошките стандарди, нови технолошки процеси и користење нови материјали како во производството така и материјали за пакување.
И во земјоделието и кај преработувачите недостасува знаење за комерциијализација на производите, стандардите, користење на географските индикации, идентификување и управување со ризиците, осигурување и пристап до финансии.
За жал кај нас формалното образование не нуди развој на вештини и во таа насока М6 ги подготвува новите тренинг програми заедно со универзитетите во државата, компаниите кои се понапредни и поподготвени да споделат свое искуство со цел да се „произведат“ нови кадри кои ќе бидат ангажирани во овие сектори.

Следната дебата што ќе ја организира М6 Едукативниот центар е токму на таа тема – земјоделството. Кон што конкретно ќе биде насочена, кои теми ќе бидат опфатени?
Токму за перспективите за развојот на земјоделството и секторот за производство на храна во земјите на Западен Балкан ќе биде посветена следната конференција од овој нов серијал на М6 Едукативниот центар. Таа ќе се одржи на крајот на октомври и ја организираме во соработка со Амбасадата на Италија и нивниот Проект за храна, земјоделство и животна средина „ААА“ (Alimentare, Agricultura, Ambiente).
Повторно имаме импозантна листа на говорници за да ги отвориме горливите прашања во оваа област. Овој сектор на глобално ниво претрпе значително влијание од корона-кризата и се соочува со низа ограничувања во трговијата, политиките, движењето на луѓето и на производите, финансиски притисоци долж синџирот на снабдување, како и промени на страната на потрошувачката. Постои загриженост за производството, преработката, дистрибуцијата и потрошувачката на храна. Нашата земја и останатите во регионот се засегнати од ваквите состојби. Дополнително, климатските промени имаат огромно влијание врз земјоделството.
Поради нарушување на синџирот на снабдување, а земајќи го в предвид фактот дека увезуваме околу 85 отсто од месото кое го консумираме во државата се очекува големо поскапување на цените што може да резултира во зголемување на сиромаштијата во државата.
Целта на оваа дебата е да се мотивираат компаниите, но и индивидуалците да вложуваат во земјоделско-прехранбениот сектор, а секако државата да креира атмосфера за успешни приказни во оваа индустрија.
Сите овие предизвици ќе бидат тема на дискусија на претстојната конференција, а говорниците треба да дадат предлози за нивно надминување и за градење на отпорни земјоделско-прехранбени системи во земјите на Западен Балкан. Во спротивно, постои голема опасност за зголемување на сиромаштијата како резултат на растечките цени на прехранбените производи.
Кои ќе бидат следните чекори односно конференции, на кои теми?
Тема на дискусија на следната конференција ќе биде извозот. Повторно идентификувавме актуелна и значајна тема, а ќе обезбедиме и соодветни говорници кои ќе понудат експертиза, темелна анализа и препораки. Верувам дека нивните пораки ќе не одведат чекор напред.
Покрај овие настани следуваат и посебни тренинг модули кои М6 ги развива за посебни сектори а со цел градење на знаења и вештини кои се потребни за развој на компаниите.
Активностите за 2022 ќе ги најавиме на почетокот на годината.
М6 неодамна потпиша меморандум за соработка со неколку универзитети. Колку е силна врската меѓу академската заедница и стопанството, како оваа „двонасочна улица“ да даде подобри ефекти?
Сведоци сме на позитивни чекори што се преземаат во унапредувањето на соработката меѓу стопанството и академската заедница преку иницијативите за дуално образование. Се движиме во вистинската насока, но има уште можности за интензивирање на оваа комуникација со цел компаниите да обезбедат квалификувана работна сила, а младите луѓе пак да ги остварат своите цели за личен и професионален развој и да чувствуваат дека имаат перспектива во земјава, да останат тука.
М6 Едукативниот центар е своевиден посредник во оваа соработка и овозможуваме компаниите што се наши членки да обезбедат практиканти, олеснувајќи им особено на помалите компании, чии ресурси се ограничени, да регрутираат млади луѓе. Од друга страна, за универзитетите и студентите обезбедуваме практикантска работа, која е од големо значење за градење кадри со знаење и вештини согласно потребите на компаниите. Мислам дека е ова модел од кој корист имаат и едните и другите и одговара на моменталните потреби.
Мотото под кое што се организираат конференциите е „Степ форвард“ (Чекор напред). Зошто е одбрано токму ова мото, каква порака сакате да упатите и како М6 ќе ги развива вештините?
Ова мото има повеќеслојно значење. Сите активности што ги преземаме во рамки на програмата „М6 чекор напред“ треба да обезбедат исчекор во индивидуалниот, компанискиот и општествениот развој. Идејата е секогаш да се биде чекор напред во период на промени и трансформација. Ова е и мое лично мото, но и начин на мотивирање на поединците, компаниите и сите чинители во општеството. Трансформацијата на луѓето, компаниите и општествата е клучна, а како никогаш до сега ни се потребни вистински и силни лидери кои ќе водат според сопствениот пример. Во М6 Едукативниот центар градиме лидери на иднината.
Освен конференциите, со програмата „М6 чекор напред“ предвидуваме и обуки со кои ќе се унапредат знаењата и квалификациите во областите идентификувани како клучни и потребни на овие конференции. Подготвуваме модул за обука од областа на земјоделството и производството на храна, а во декември ќе почнеме да нудиме обуки во рамки на модулот за постигнување извонредност во извозот.
Новите понуди за обуки на М6 едукативниот центар се базирани на потребите на бизнис секторот и ќе овозможат преквалификација и доусовршување на постојни вработени, но и можност невработените лица да стекнат соодветни квалификации за да се вработат. Помагаме секој да го направи потребниот чекор напред.