Интервју со Душан Релјиќ: Од бугарската блокада корист имаат десничарските националисти


Постапките на бугарската влада им одат на рака на сите во Југоисточна Европа кои би сакале да пропадне европското поврзување, вели Душан Релјиќ

Оној што се шокира во меѓународните односи, не внимавал на часот, вели познатиот експерт за ЕУ, Душан Релјиќ. Бугарија брутално ја искористува моќта што ја има како членка на ЕУ. Тој нагласува дека владата во Берлин е меѓу водечките поддржувачи на почетокот на преговорите со Скопје, но Германија не донесува одлуки самостојно, ниту може да ги наметне на целата Унија

 

Љупчо Поповски

На водечките членки на ЕУ – Германија, Франција – не им одговара со блокадата на Бугарија да пропадне политичкиот капитал кој го вложуваа уште од 1991 година во стабилизација на приликите на југословенското подрачје. Тие стравуваат од нови кавги, внатре и околу Северна Македонија. Затоа тие ќе се обидат некако да го продолжат процесот, вели Душан Релјиќ познат европски експерт за состојбите во регинот. Во интервју за „Независен“, Релјиќ оценува дека барањата на Софија се дел од бруталната логика на искористување на нееднаквиот однос на моќта. Според него, во овој момент не е најважно дали ЕУ ќе прифати нови членки, туку југоисточната шесторка да ја добие истата можност за развој како и земјите на ЕУ во регионот. Само Бугарија во наредните седум години од буџетот на ЕУ ќе добие околу 30 милијарди евра помош од фондовите на ЕУ, а сите шест земји од Западен Балкан 9 милијарди евра. На тој начин регионот сѐ повеќе заостанува.

Душан Релјиќ е шеф на канцеларијата во Брисел на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни работи. Релјиќ беше еден од најпознатите новинари во поранешна Југославија, потоа коосновач на агенцијата Бета, уредник во белградскиот неделник „Време“, па раководител во Европскиот институт за медиуми во Диселдорф…

Барањето на Бугарија историјата, јазикот и идентитетот да се вметнат во преговарачката рамка за Македонија е исклучок во сите досегашни фази на проширувањето на Европската унија кон исток. Има ли логика во тоа?

Toa е брутална логика на искористување на нееднаквиот однос на моќta што постои помеѓу земјите-членки на ЕУ и оние кои би сакале да станат дел од неа. Едно време, Франција ја спречуваше Велика Британија да се приклучи на Европската заедница, Словенија сакаше Хрватска да го прифати словенечкото толкување на поморската граница меѓу двете поранешни југословенски републики, Атина го условуваше Скопје околу името на државата итн.

Јасно е дека Македонија нема да ги прифати овие барања на Софија, не само што задираат во самото битие на нацијата, туку и поради тоа што вакви услови досега не важеа за никој кој сакаше да се приклучи на ЕУ. Дали мислите дека Унијата ќе излезе од своите стандарди градени со децении и ќе има разбирање за Бугарија и ќе ги постави услови кои Македонија ќе ги одбие и тогаш, всушност, фактички ќе биде прекинат целиот процес?

На водечките членки на ЕУ – Германија, Франција и други земји – не им одговара да пропадне политичкиот капитал, кој го вложуваа уште од 1991 година во стабилизација на приликите на југословенското подрачје. Тие стравуваат од нови кавги, внатре и околу Северна Македонија. Затоа тие ќе се обидат некако да го продолжат процесот. Ќе се изјалови и саморекламирањето дека проширувањето на ЕУ е најуспешен инструмент на Унијата во надворешните односи.

Бугарската блокада за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ на свој начин ја шокираше македонската јавност. Дали тоа беше „шокантно“ и за Берлин кој сега претседава со ЕУ?

Оној што се шокира во меѓународните односи, да се изразам во жаргон, не внимавал на часот. Ако Словенија ја уценуваше Хрватска, Грција „поранешната југословенска Република Македонија“, зошто Софија не би го применила сега истото? Јасно е дека членките на ЕУ не треба да стравуваат од последиците ако ги користат пристапните преговори за свои специфични цели. Во овој момент нема политички механизми членките на ЕУ што вознемируваат да се вразумат.

Мината недела премиерот Зоран Заев беше во Берлин каде ја доби наградата за човекови права на Фондацијата „Фридрих Еберт“, помеѓу другото и за склучувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. На многумина овде тоа им изгледаше како своевидна хипокризија, зашто утредента дојде до блокада. Видливо беше дека Заев се состана само со претставниците на Социјалдемократската партија, помалиот партнер во германската владејачка коалиција. Има ли разлика околу македонскиот случај и дали ЦДУ има повеќе разбирање за бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија партија е член на ЕПП?

Владата во Берлин е меѓу водечките поддржувачи на почетокот на преговорите со Скопје и Тирана за пристапување во ЕУ. Сепак, Германија, колку и да е влијателна, не донесува одлуки самостојно, ниту може да ги наметне на целата Унија. Секоја членка на Унијата може во секое време да го прекине пристапувањето на кој било кандидат.

Во исто време, таканаречените партиски семејства во ЕУ, како што е конзервативното крило на Европската народна партија (ЕПП), обично ги земаат предвид интересите на нивните членки. Ова беше забележано и кога ЕПП долго се колебаше како да се постави спрема поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Сепак, за процесот на пристапување одлучуваат владите на земјите-членки, а не одделни партии.

Дали во ЕУ има земји кои прикриено се радосни околу оваа бугарска блокада, бидејќи се скептични за натамошно проширување, па овие ирационални барања на официјална Софија се добредојдени за нивната политика?

На северозападот на ЕУ нема многу расположение Унијата да се шири кон југоистокот на Европа: од една страна, се стравува дека десничарите на домашната сцена би можеле тоа да го искористат за зајакнување на агитацијата насочена против доселувањето и сè што е „странско“.

Од друга страна, токму неодговорната десничарска политика во Полска, Унгарија, Словенија (премиерот Јанша го поддржува американскиот претседател Трамп), грчката финансиска криза, сега за многумина во ЕУ несфатливото однесување на Бугарија – сето ова како да го потврдува впечатокот дека истокот и југотна Европа се „нешто друго“, дека поради нив страда европското обединување.

Меѓутоа, работите се многу посложени: попрво би рекол дека економските и социјалните проблеми во „новите“ земји-членки на ЕУ произведуваат политичко отуѓување од „старата“ Унија. Тие проблеми произлегуваат делумно од повоеното политичко наследство, но во уште поголема мерка се условени од тоа дека сегашниот модел на стопанисување и солидарност во ЕУ недоволно ја намалува нееднаквоста помеѓу „старите“ и „новите“ во приходите, богатството, изгледите за развој и условите за живот како целина. Според тоа, либералните ставови немаат многу изгледи за успех на истокот и југоистокот на континентот.

Како овој потег на Софија може да влијае врз целиот процес на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан? Преговорите на Црна Гора со ЕУ почнаа 2012, а на Србија 2014, а веќе поминаа толку многу години. Се чини дека нивниот пат не е ни до половина. Дали ова барање на Бугарија ќе ја намали реформската агенда во белград и Подгорица?

Постапките на бугарската влада им одат на рака на сите во Југоисточна Европа кои би сакале да пропадне европското поврзување. Ако Софија може да ја наметне својата волја на остатокот од ЕУ, на што треба да се надеваат Црна Гора и Србија кога еден ден нивните соседни земји од ЕУ ќе започнат да испоставуваат уште поголеми политички барања од порано?

Во исто време, летоска во Црна Гора се случи преломен момент, кога речиси триесетгодишното владеење на еден длабоко компромитиран моќник може да биде да биде заменето со демократско будење. Меѓутоа, можни се и нови политички конфронтации и неизвесности. Сепак, тоа е подобро од лажната стабилност заснована врз спрегата на криминалот и власта.

Во Србија на јунските избори се зацврсти неконтролираната власт на еден моќник. Тоа е најиздашна подлога за уште поголем криминал и корупција. Всушност, ЕУ ги прекина преговорите со Белград во 2020 година, бидејќи очигледно постои распространето политичко уназадување.

Ако некој во ЕУ рече дека процесот на проширување е завршен, тогаш тој ја прогласува идејата за европско обединување за пропадната

Целата Европска унија многу очекуваше од германското претседателство. Трите клучни точки – преговорите за следниот буџет, одлуката за почетокот на преговорите со Македонија и Албанија се речиси замрзнати, а сосема е неизвесно дали до 31 декември ќе биде постигнат договор со Велика Британија. Дали тоа значи дека дури и најмоќните држави не можат да сметаа на успех кога има толку различни интереси во ЕУ и дека некогаш е неверојатно тешко да се калибрираат тие интереси?

Во право сте дека е крајно тешко да се усогласат интересите на 27 земји со различна економска моќ, големина на население, географска положба и политички карактер. Тука искуствата од втората Југославија се интересни: федералното собрание не беше целосен суверен, туку ја делеше моќта со шест републики, од кои едната беше ограничена во своите активности со волјата на нејзините две покраини. Покрај тоа, републичко-националните сојузи на комунисти истовремено управуваа со голем дел од власта.

Европскиот парламент е уште помалку суверен, а Европскиот совет само ја усогласува волјата на земјите-членки. Всушност нема наметнување на мнозински политички одлуки. ЕУ допрва треба да дојде до нивото на кохезија што го имаше поранешна Југославија, а кое се покажа како недоволно. Се надевам дека ЕУ ќе биде подобра во интеграцијата, бидејќи во суштина се заснова на правната држава и демократските вредности.

Комесарот за проширување, Оливер Вархеи, исчезна од видикот последните пет недели кога требаше да се постигне некаков компромис меѓу Скопје и Софија. Што се случи; или можеби Вархеи работеше по дипломатски канали на невидлив начин.  

Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ е во суштина сервисна служба која ги исполнува задачите на Европскиот совет, што значи на земјите-членки. Доколку некоја земја-членка, како што е сега Бугарија, одлучи да испостави свои барања, тогаш надлежниот комесар може да се потруди да ја подобри политичката атмосфера со помирливи изјави, но ништо повеќе од тоа. Кога ќе „згусне“, никој од тој комесар не очекува да ги расплете работите, туку од политичките фактори, во Европскиот совет и главните градови на Унијата.

 Оваа бугарска блокада е силен удар за премиерот Заев. Главната опасност е дека голем дел од македонското општество ќе почне да кокетира со национализмот, па дури и владејачката партија СДСМ, која ќе биде поставена во ситуација да нема избор. Кој ќе има најголема корист од сето тоа?

Корист ќе имаат десничарските националисти во регионот и пошироко и сите други кои опстануваат единствено ловејќи во матни води поткопувајќи го поврзувањето во Европа.

Без оглед што велат во Брисел јасно е дека условите за прием на нови членки во ЕУ е сѐ потежок и потежок и дека тие се наметнати за најфрагилните и најсиромашните земји. На некои им изгледа дека, всушност, процесот на проширување е завршен, само што никој во ЕУ нема политичка храброст тоа јавно да го каже.

Таканаречениот Западен Балкан е опкружен со Европската унија, а повеќето западнобалкански држави сега се во НАТО. Шесте економии во Југоисточна Европа, кои сè уште не се формално во ЕУ, се целосно во нејзиниот „мек стомак“. Околу 70 проценти од трговијата на „шестемина е со ЕУ, пред сѐ со Германија и Италија; банкарскиот систем во голема мерка е во сопственост на финансиски куќи од ЕУ, дознаките доаѓаат од ЕУ, продолжува иселувањето на „западните балканци“ во ЕУ – во 2018 година на секои две минути едно лице од областа на „шестемина“ за прв пат легално доби дозвола за престој во ЕУ – вкупно околу 230.000 луѓе.

Сообраќајните, енергетските и другите врски во рамките на југоистокот на ЕУ минуваат низ нејзиниот „мек стомак“. Воздухот загаден од работата на електраните на јаглен во Западен Балкан не познава шенгенски граници. Движењата на мигрантите од Блискиот Исток и Азија течат низ Западен Балкан кон Централна Европа. Искоренувањето на вирусот Ковид-19 во ЕУ не може да се случи освен ако не биде потиснат и на југоистокот.

Сè на сè, ЕУ во стварноста не може да се однесува кон југоистокот на Европа како да е некој далечен регион чија судбина е неважна за Унијата. Ако некој рече дека процесот на проширување е завршен, тогаш тој ја прогласува идејата за европско обединување за пропадната.

 

ЕУ допрва треба да дојде до нивото на кохезија што го имаше поранешна Југославија, а кое се покажа како недоволно, оценува Душан Релјиќ

Да сте на местото советник во македонската влада кој совет би му го дале на македонскиот премиер и на главните министр за овие преговори не само со Бугарија, туку и со другите важни метрополи во Европа?

Во овој момент не е најважно дали ЕУ ќе прифати нови членки, туку југоисточната шесторка  да ја добие истата можност за развој како и земјите на ЕУ во регионот. Регионот треба економски и општествено да се приближува до ЕУ, а не како досега, сѐ повеќе да заостанува. Предуслов се вложувања на капитал во економијата, образованието, здравството и науката со цел да се зголеми животниот стандард, да се запре масовната емиграција и да се зајакне средната класа, која нема да биде зависна од државата и политичките партии. Средната класа не е гаранција дека демократијата ќе јакне, но без неа нема владеење на правото и контрола на власта.

Економиите на шестемина од Југоисточна Европа се целосно отворени спрема ЕУ, но тие немаат надомест за тоа, како што имаат економски послабите членки на ЕУ. На пример, Бугарија ќе добие околу 30 милијарди евра помош за развој од разни фондови на ЕУ во следните седум години. Романија шеесетина милијарди, Хрватска дваесетина милијарди неповратна помош. За сите 18 милиони жители на Западен Балкан, Унијата може да издвои девет милијарди евра во следните седум години. Тоа е помалку од годишниот трговски дефицит на Западен Балкан со Унијата.

Барањето на Северна Македонија и на секоја друга земја од Западен Балкан треба да биде регионот да добие исто толку неповратна помош како членките на ЕУ во нивното опкружување. Само на овој начин трендовите може да се променат и просекот на Унијата и би започнало достигањето на просекот на Унијата. Ова ќе ги зајакне општествата и економиите и државите ќе станат поспособни за влез во Унијата.

Веројатно за Македонија беше хендикеп што САД се наоѓаат во конфузуија пред и по претседателските избори. Дали мислите дека администрацијата на Џо Бајден ќе преземе поголема улога на Балканот, ќе ги стави работите на вистински колосек и ќе ги притисне „непослушните“?

Неспорно е дека војните за наследството на Југославија завршија со „американскиот мир“ – резултатите од сите конфликти произлегоа под меродавното влијание на Вашингтон. Но, тоа беше многу одамна, а и тогаш Бајден и многу други во Демократската партија ги толкуваа југословенските војни на посебен начин – делумно како дополнителна пресметка со комунизмот, а делумно како демонстративна вежба дека САД може да соработуваат со „демократските муслимани“, како што самиот Бајден се изразуваше тогаш. Тие вистински или имагинарни противници и сојузници веќе ги нема во регионот и Југославија стана, како што се изрази германскиот новинар Норберт Мапес-Нидек, „гробишта на дипломатските таленти“ од Западот.

Новата американска администрација најверојатно нема да се натпреварува со ЕУ за политичко лидерство во регионот, како што беше случај со крајот на владеењето на Трамп. Но нема да има ни причина да вложува политичка енергија во европските перипетии – сè додека тоа оди без поголемо насилство. На новата американска влада ѝ требаат што помалку странични теми на дневниот ред, бидејќи Бајден првенствено се подготвува да излезе на мегдан со кинескиот змеј.