Интервју со д-р Сашо Коруновски: Се надевам дека студентите ќе може да полагаат на класичен начин


Пандемијата ќе насочи повеќе средношколци кон домашните универзитети, што за нас претставува шанса да покажеме дека и оваа опција вреди: д-р Сашо Коруновски, ректор на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“

Се разбира доколку околностите не дозволуваат класично полагање, се разработуваат платформи за спроведување на онлајн испити, вели ректорот на универзитетот „Св. Климент Охридски“

Мирче Јовановсски

Кризата која ја наметна пандемијата со корона вирусот се одрази врз сите сегменти на живеењето – образованието, стопанството (особено во туризмот), културата … За предизвиците во некои од овие општествени сегменти разговаравме со д-р Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), кој на оваа функција минатата година беше избран за вториот четиригодишен мандат. УКЛО инаку е првиот универзитет во нашата држава којшто реализираше избор на ректор во согласност со новиот Закон за високо образование на непосредни, тајни избори. Професорот Коруновски е и одличен познавач на туризмот, долго години предава на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, каде што беше и декан, а исто така и на проблематиката поврзана со културното наследство, па неминовно се наметна и прашањето за заштитата на Охрид.

Професоре Коруновски, минатата година бевте реизбран за ректор на Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Како функционира Универзитетот во овие кризни времиња, како е прилагодена наставата, се одржуваат ли колоквиуми, испити?

– Универзитетот како и многу други институции беше приморан да се прилагодува на новонастанатата ситуација и да бара решенија за некои состојби кои не можеа да се предвидат. За среќа, брзо се премина од класична кон онлајн настава, можам да речам успешно, според анкетите кои редовно ги спроведуваме меѓу студентите и професорите. За оној потешкиот дел, вреднувањето на знаењата на студентите, нашиот универзитет не спроведе колоквиуми и испити, бидејќи според професорите, но што е поважно и според студентите, не постоеја услови колоквиумите и испитите да се спроведат со поддршка на информатички технологии, а притоа да се добијат објективни резултати. Се надеваме дека набрзо ќе имаме можност, според пропишани протоколи да го изведеме испитувањето на студентите на класичен начин. Се разбира доколку околностите не дозволуваат класично полагање, се разработуваат платформи за спроведување на онлајн испити, но само доколку е тоа неопходно во дадените околности.

Со какви потешкотии како универзитет се соочувате во овој период и дали ќе може да се надомести загубеното?

– Уште на почетокот на кризата, се соочивме со предизвикот да се погрижиме за студентите и професорите кои беа во странство на студиски престои, како безбедно да се вратат дома, а во исто време и странските студенти кои престојуваа кај нас да ги испратиме до нивните земји. Во услови на целосна блокада на границите тоа не беше лесна задача. Вториот предизвик беше како еден универзитет кој функционира во шест градови, во краток рок, од реалниот да го префрлите во виртуелниот простор, а да не се запостават неговите функции. Тука ИТ платформите секако дека помогнаа, но брзиот процес на трансформација оставаше траги во работењето. Третиот важен предизвик беше како да се помогне на градовите и на државата во услови на здравствена криза. Уште од првите денови формирав кризно тело на УКЛО, кое се состанува секој втор ден за да ги анализира новите информации и да ги сподели со останатите членови на универзитетот (вработените и студентите). Во соработка со Општина Битола направивме неколку информативни постери за граѓаните за справување со кризата, психолошкото советувалиште за студентите продолжи да работи онлајн, во тек е организација на крводарителска акција на студентите во координација со Црвениот крст. Понатаму, ќе ја споменам иницијативата која ја доставивме до Министерството за здравство, лабораториите на Ветеринарниот факултет да ги вклучиме во актуелните активности околу дијагностиката и скрининг тестирањата, бидејќи сметаме дека со капацитетите со кои располагаме, можеме да придонесеме за поефикасно и навремено дијагностицирање на COVID 19 случаи во југозападниот регион во државата. На крај, не знам дали сите ние ќе можеме да надоместиме она што сме го изгубиле во овој краток период, впрочем, пораките се дека ќе мора да се прифатат новите променети услови во секоја сфера од животот веројатно на подолг рок.

Во периодот што следи универзитетите покрај академското формално, мора да развијат бројни програми од неформалното образование и тоа заедно со бизнис заедницата

Наближуваат и летните месеци, дали ќе дојде до промена на критериумите за прием на нови студенти со оглед дека оваа година нема да се полага државна матура?

– За овие прашања морам да кажам дека деновиве почнуваме да размислуваме. Едноставно, други беа приоритетите во претходните месеци. Но сега сме исправени да се промовираме пред потенцијалните студенти со сите наши капацитети и да го поттикнеме нивниот интерес да студираат на нашите факултети. Критериумите за прием се променети, а може да се каже дека условите за студирање се променети со појавата на пандемијата. Сметам дека поголемиот број од средношколците ќе ја продолжи својата едукација на домашните универзитети, што за нас претставува шанса да покажеме дека и оваа опција вреди. Земајќи ја во превид демографската структура на населението и некои структурни промени во основното и средното образование, оваа генерација е помалку бројна од претходните, со исклучок на неколку факултети во земјата не верувам дека ќе има притисок и кандидати кои нема да бидат примени на конкурсот.

Образованието е еден од столбовите на економскиот развој. Дали вакво какво што е, може да одговори на предизвиците или се неопходни реформи?   

– Реформи се потребни во секој систем, зошто во ова динамично време нема нешто кое може да опстои без промени. Се работи за тоа какви промени се неопходни за да бидеме во тек со времето. Мислам дека во периодот што следи универзитетите покрај академското формално, мора да развијат бројни програми од неформалното образование и тоа заедно со бизнис заедницата. Тоа ќе го динамизира процесот и ќе ја зголеми довербата помеѓу нив. Нашиот универзитет веќе работи на овој сегмент на образование заедно со Стопанската комора на Македонија, се разбира, пандемијата го забави процесот, но нема да го стопира.

Туризмот кај нас учествува со само 3 отсто во БДП, за разлика од Црна Гора и Хрватска каде е околу 20 отсто, што значи нема да предизвика сериозно прелевање на штетите врз БДП на национално ниво

Како долгогодишен професор и декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид вие сте одличен познавач на оваа стопанска гранка. Како ги проценувате штетите врз оваа гранка поради корона кризата? Што може или што треба да се направи туризмот да биде една од најбрзо растечките дејности кај нас? Дали штетите ќе можат да се надоместат на кус рок или оваа дејност ќе трпи долгорочни последици и што тоа ќе значи за вработеноста, инвестициите и воопшто за развојот на оваа дејност кај нас?

– Туризмот кај нас беше во развој кој ветуваше добри резултати. Во периодот 2011-2018 забележа раст од 116 проценти, приходите од туризам во истиот период пораснаа за 60 отсто. Тоа значи дека вниманието што му беше дадено на национално ниво преку разните видови на субвенционирање даваше резултати, но не само тоа, постигнувањето на вакви резултати значеше осовременување на дејноста и организиран пристап на сите засегнати страни, државна и јавна администрација, бизнис секторот итн.

Тогаш настапи пандемијата и туризмот и угостителството едноставно застанаа. Кога ќе се случи таква драматична промена, бројките на раст веќе не значат многу, мора да се направат нови анализи и проценки на состојбите и претрпените штети. А овие последните беа огромни, зошто туризмот и угостителството се меѓу најпогодените сектори од кризата. Штетите што се предизвикани се предизвикани од здравствена криза, не се од криза во дејноста, па иднината на туризмот во голем дел ќе зависи од решението на здравствената криза. Ако тоа се претвори во цикличен проблем, тогаш туризмот ќе мора соодветно да одговори со структурни промени во дејноста, а во овој момент е премногу рано да се зборува за излез од кризата. Ако има некои светли точки во целата ситуација на национално ниво, е фактот што туризмот во РСМ учествува со само 3 отсто во БДП, за разлика од Црна Гора и Хрватска каде тој е околу 20 отсто во БДП, што значи тоа нема да предизвика сериозно прелевање на штетите врз БДП на национално ниво. Понатаму, во состојба на затворени граници и ограничено движење, шансата треба да се искористи со стимулирање на домашниот туризам. 

Владата излезе со три сета мерки при што во првите две најмногу се однесуваа на угостителството, хотелиерството и транспортот, а во третиот пакет се предвидени ваучери со кои ќе се плаќаат туристички услуги. Дали мислите дека мерките беа добро одмерени и дали ќе им помогнат на погодените компании и бизниси?

– Владата со двата сета мерки се обиде да делува брзо во двете сфери на работењето кои можеа да го релаксираат амбиентот, а тоа беше притисокот на задолжувањата и кредитите, како и интервенциите во социјалната сфера преку заштита на вработеноста, а во нив имаше мали адаптации на мерките кон секторот туризам и угостителство. Во меѓувреме се работи и на посебните услови и критериуми за работа во туризмот и угостителството доколку опасноста од вирусот не се изгуби. Со третиот сет на мерки според првичните согледувања ќе се помогне на домашните хотелиери со доделување на домашни туристички ваучери за сместување во вкупен износ од околу 16 милиони евра. Тоа ќе претставува сериозен поттик за домашниот туризам и поддршка на сместувачките капацитети. Сепак, за дел од дејностите во туризмот, како што се туристичките агенции, кои исто така претрпеа значителни штети, ќе треба да се види како со нивните услуги. Можеби со стимулирање на продажба на домашни туристички производи, не само сместување, што би значел пораст на домашната туристичка потрошувачка во активен, рурален, културен туризам итн.

Туризмот како индустрија во светски рамки со години, па и со децении, одолеваше на било какви кризи, неговата специфика беше постојан раст, дури и во време на рецесија, војни и тн. Но, за време на пандемијата од Ковид 19 за прв пат се случи страотен пад. Ќе може ли да закрепне?  

– Врз основа на извештајот од 2015 година, Југоисточна Европа е најголемата туристичка дестинација во регионот на Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБОР), а тука е ставена и нашата држава. Туризмот станува сè поважен извор на приходи и вработување низ ЕБОР регионот, кој учествува со 20% од повеќе од 1 милијарда глобални меѓународни туристички пристигнувања. Во регионот на ЕБОР, ЈИЕ учествува со една четвртина од овие пристигнувања, како и тоа дека регионот бележи најголем пораст на посетеноста во периодот 2010-2015 година. Ако само се присетиме дека делови на овој регион беа соочени со сериозни конфликтни ситуации, тогаш држи констатацијата дека туризмот ги спојуваше земјите во моментите кога политичарите ги разделуваа. Но сепак, ковид-19 е нешто што не се случило во поновата историја и нема разработено посериозни механизми за одбрана од вирусот. Заклучокот е дека, додека не се реши здравствената, нема решение ни за кризата во туризмот, а закрепнувањето ќе зависи од фактот колку долго ќе има пандемија во светот.

Охрид и УНЕСКО се во повеќедецениски заеднички релации кои не одат секогаш во иста насока. Светско културно наследство значи бренд, додадена вредност, но значи и обврски

Имате магистрирано историја на уметност и археологија и докторирано во областа на историјата на византиската архитектура, а сте учествувале и на валоризација и ревитализација на културното наследство кај нас, културниот туризам, историјата на архитектрурата и тн. Како ја оценувате грижата за културното наследство кај нас, како од аспект на сочувување на традицијата, но и како темел за развој на туризмот?

– Грижата за културното наследство кај нас е на задоволително ниво, се разбира со хроничен недостаток на финансии за изведување на конзерваторско-реставраторските работи на културните добра. А тука делумно може да помогне туризмот. Спомениците на културата се дел од туристичките производи и тие се инкорпорирани во она што се нарекува синџир на вредности во туризмот (value chain). Ако се воспостави фер дистрибуција на приходите од туризмот, тогаш институциите на културата ќе бидат многу повеќе заинтересирани да бидат дел од некој туристички производ. Тука не мислам само на наплаќањето на влезници, туку развивање и на други услуги за туристите, а со тоа и збогатување и осовременување на самите производи. Креативноста во современиот туризам значи успех, впрочем како и во другите гранки и дејности.

Има ли надеж за Охрид да остане под заштита на УНЕСКО и што треба да се направи, или пак, битката е загубена?

– Охрид и УНЕСКО се во повеќедецениски заеднички релации кои не одат секогаш во иста насока. Светско културно наследство значи бренд, додадена вредност, но значи и обврски. Ние некако сме склони да се користиме само со првата половина на равенката. Но што е со обврските? Тоа е комплексно прашање, а битката за Охрид не е загубена, таа трае, и ќе трае во иднина. Пораката е дека, УНЕСКО не може да се грижи за Охрид, ние треба да се грижиме, УНЕСКО само ни укажува, не советува како тоа да го правиме, на нас е како тоа ќе го реализираме. Ако има некаква полза од неколкугодишните интензивни преписки, контроли, комуникации на релација УНЕСКО-Охрид, тогаш е поуката дека не можеме едно да се обврзуваме во документите, а друго да правиме на терен, веќе ни е јасно дека тоа кај УНЕСКО не поминува. И добро е дека тоа е така, добро е за Охрид.