Интервју со Бранимир Јовановиќ: Паметните учат од грешките на другите, а ние се чини не учиме ни од своите


Тоа што продуктивноста во Македонија е ниска, или сивата економија е висока, воопшто не зависи од даноците: Бранимир Јовановиќ

Кризава недвосмислено го потврди старото кејнзијанско правило – дека во време на економски кризи, државата мора да вложува за да ја спаси економијата. Кај нас, за жал, Владата не го прави ова, вели економистот на Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ во интервју за „Независен“

 

Мирче Јовановски

Виенскиот институт за меѓународни економски студии во летната економска прогноза објавена на 7 јули, направи нагорна корекција од 0,4 проценти на просечниот раст на БДП за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE) во споредба со априлската прогноза, при што стапката на раст за групата од 23 земји, во просек ќе изнесува 4,2 проценти. Македонија една од трите земји за кои овој реномиран институт не направи нагорна корекција, задржувајќи ги прогнозите дека економијата кај нас ќе оствари  раст од 4,1 отсто, што е незначително под просекот на земјите на CESEE, но и цел еден процентен поен зад Западен Балкан, кој во целина ќе има највисок раст, со просек од 5,1 отсто. За причините за ваквите оцени, но и за други актуелни економски теми, разговаравме со економистот на Виенскиот институт и главен автор на прогнозата, Бранимир Јовановиќ, кој е добро познат во нашата јавност како аналитичар на економските (не)прилики и човек кој се залага за правично оданочување на богатите и сиромашните, меѓу другото и преку прогресивен данок.

 

Господине Јовановиќ, Виенскиот институт за меѓународни економски студии, деновиве излезе со летните економски прогнози за земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE). Кои се основните оцени, се наѕира ли крајот на економската криза предизвикана од пандемијата?

Општата оценка е дека економиите почнаа да се опоравуваат од пандемијата. Економските движења во првите месеци на 2021 беа подобри од она што се очекуваше, секаде во светот, и покрај силниот пандемиски бран од овој период. Се чини дека економиите научија да живеат со пандемијата. Луѓето и фирмите го прилагодија своето однесување на новите услови, па наместо да прекинуваат со работа, почнаа да работат од дома, да купуваат онлајн, да организираат активности со маски и сл. Затоа и ги подобривме нашите проекции за економскиот раст за оваа година, за 20 од 23-те економии од Источна Европа кои ги покриваме. Сепак, кризата е далеку од готова. Пандемијата уште не е завршена, колективен имунитет нема никаде на светот, и за некој месец се очекува нов бран, слично како лани наесен. Доколку тој бран е сличен на претходните, не се очекуваат големи потешкотии, затоа што низ такво нешто веќе поминавме, а сега и дел од населението е вакцинирано. Но доколку се појават некои нови, поопасни мутации на вирусот, сè е можно.

 

Македонија е една од трите држави од вкупно 23 колку што се анализирани, за кои Виенскиот институт не направи нагорна корекција на растот на БДП оваа година. На што се должи ваквата прогноза?

Да, Македонија за жал е една од оние три економии за кои не направивме нагорна ревизија на проекциите (другите две се Турција и Црна Гора). Првата причина за ова е тоа што македонската економија во првиот квартал забележа многу лоши резултати. БДП падна за 1,9 отсто, што е полошо и од четвртиот квартал на 2020. Втората причина е што Владата не обезбедува доволна поддршка на економијата. Буџетот не се реализира како што треба, особено во делот на инвестициите. Во првите пет месеци се реализирани само 22 отсто од најавените капитални инвестиции, што е многу помалку од она што требаше да се реализира (околу 40 проценти). Кризава недвосмислено го потврди старото кејнзијанско правило – дека во време на економски кризи, државата мора да вложува, за да ја спаси економијата. Кај нас, за жал, Владата не го прави ова. Најтрагичното е што е ова повторување на грешката од лани, кога Владата исто така доцнеше со поддршката, што беше и главната причина зошто бевме меѓу најлошите економии во регионот. Паметните учат од грешките на другите, а ние се чини не учиме ни од своите.

Политичарите кај на никогаш не ги гледале јавните инвестиции како инструмент за стимулирање раст и развој и како средство за подобрување на животот на луѓето, туку секогаш ги гледале само како средство за политички маркетинг, вели Јовановиќ

 

Како го објаснувате тоа, со оглед што во изминатиот период јавниот долг на земјата значајно се зголеми, исто така и буџетските расходи и буџетскиот дефицит, а Владата постојано потенцира дека голем дел од таквите средства беа наменети за поддршка на претпријатијата и граѓаните?

Јавниот долг во моментов не е проблем. Тој порасна секаде во светот. Сите држави се задолжија за да можат да им помогнат на своите економии да ја пребродат кризата. И задолжувањето на македонската владата, еврообврзниците од лани и од оваа година, беше оправдано. Но, фали делот на поддршката на економијата. Парите се обезбедија, ама не дадоа поддршка на економијата. Особено оваа година. Поддршката за исплата на плати престана во февруари, а во ЕУ, на пример, траеше сè до јуни. По истекувањето на оваа поддршка, ЕУ веднаш почна со имплементација на планот за обнова, вреден 800 милијарди евра, кој предвидува бројни инвестиции во разни области. Нашата Влада не понуди ништо. Божем донесоа некој Интервентен план за инвестиции, од 8 милијарди евра, ама тоа воопшто не е план за државни инвестиции, туку за приватни, односно, за приватизација на она малце што не се приватизираше во овие 30 години „независност“.

 

Во еден период бевте висок функционер во Министерството за финансии и имавте можност работите да ги согледате и од страна на извршната власт. Зошто постојано потфрла реализацијата на капиталните расходи, дали станува збор за лошо планирање, недоволен капацитет на институциите, или нешто друго?

Ова е прашање за милион долари, но според мене, има три главни причини. Првата е што политичарите кај нас никогаш не ги сфаќале јавните инвестиции сериозно. Тие никогаш не ги гледале нив како инструмент за стимулирање раст и развој и како средство за подобрување на животот на луѓето, туку секогаш ги гледале само како средство за политички маркетинг. И затоа во буџетите секогаш ставале нереални износи на инвестиции за да можат да излезат на телевизија и да се фалат како тие ќе инвестираат многу повеќе од претходниците. Потоа ништо од тоа нема да се реализира, но рекламата е направена, луѓето ја слушнале пораката дека Владата ќе гради кули и градови. Ова беше одлика на претходната влада, која ние пробавме да ја смениме во тие две години кога бевме во Министерството, но сега гледаме дека и оваа Влада почна да се однесува како претходната. Втората причина е што за државните функционери кај нас поимот одговорност е само мисловна именка. Во нормални држави, ако некој државен функционер не го реализира буџетот кој му бил доверен од страна на Собранието, а самиот тој го прифатил, функционерот треба да понесе одговорност, односно, да се повлече, или да биде сменет, или пак да даде објаснување зошто не ги реализирал инвестициите кои требал да ги реализира. Кај нас ова е научна фантастика, поимот „политичка одговорност“ не постои во политичкиот вокабулар. И третата причина е што имаме нефункционални и бирократизирани државни институции. Институциите едноставно немаат капацитет сами да ги завршуваат работите, вработените се сведени на обични чиновници кои вршат само работи од нивниот тесен делокруг на работа, не се мотивирани, немаат иницијативност… Потребни се крупни промени во јавната администрација, особено во управувањето со неа. Сегашниот систем е целосно бирократизиран, дизајниран е да забавува процеси и да спречува промени, и сè додека тоа не се смени, нема да имаме функционални институции.

 

Во ребалансот на Буџетот предвидени се повеќе средства за капитални расходи, а премиерот Заев неодамна изјави дека очекува реализацијата на капиталните расходи да биде 80 отсто. Може ли тоа да се оствари?

Многу тешко. Во првите 5 месеци од годината се реализирани само 22 отсто од првично најавените 400 милиони евра инвестиции, односно само 90 милиони евра. За да се реализираат 80 проценти, треба во наредните седум месеци да се реализираат 230 милиони, или два и пол пати повеќе од тоа што се реализираше до сега. Во последните 10 години, само на два пати сме ги реализирале капиталните расходи повеќе од 80 отсто (2013 и 2015). Сегашнава влада никогаш не ги реализирала капиталните инвестиции повеќе од 80 проценти. Ја критикувавме претходната влада за слабата реализација на инвестициите, со право, но сегашнава се покажа уште полоша на тоа поле.

 

Кризата предизвикана од пандемијата беше означена и како можност стопанството да се реформира, односно да се реорганизира со цел во посткризниот период да биде посилно и да може да испорачува повисоки стапки на раст. Дали Македонија ја искористи кризата да го реформира своето стопанство, односно да го рестартира, како што тоа го посочуваат политичарите?

Апсолутно не. И не само што не ја искористи кризата за да се трансформира, туку не ни проба да го направи тоа. Не видовме ниедна суштинска реформа во изминатите година-две во делот на економијата и социјалата, не видовме ни обид за тоа. Единствена област кај што гледаме обид за реформа е образованието, но и тука гледаме дека МОН е оставено само да ја турка таа реформа, Владата се држи настрана, како воопшто да не ја интересира тоа. Јас мислам дека македонските политичари се сосема задоволни од постојниот економско-социјален систем, затоа што тој им овозможува да останат да власт и да прават што сакаат. Високата сиромаштија и невработеност се погодно тло за клиентелизам и корупција, кои се основата на нашето политичко владеење. Кога луѓето се гладни и се борат за егзистенција, корупцијата помалку се забележува, па политичарите можат да прават што сакаат. Затоа и политиката ја користат за лично богатење, наместо за служење на граѓаните.

 

Колку најавените мерки на Владата за недела како неработен ден, за одење во пензија со навршени 64 години, или за воведување на еколошка такса ќе придонесат за создавање подобар бизнис амбиент?

Овие мерки само ја илустрираат конфузијата на оваа влада кога е економијата во прашање. Владава од една страна сака да се фали дека е левичарска и социјалдемократска, дека работи за сиромашните и работниците, но од друга страна сака да биде и блиска до бизнисмените. Затоа и најавенава мерка „недела – неработен ден“, која е во суштина добра и би требало да им биде од корист на работниците, ја осакатија целосно, ѝ ставија толку многу исклучоци, што сега практично ќе важи за многу малку луѓе. И со тоа ги револтираат и работниците, но и оние малку бизниси кои се зафатени од неа, затоа што сите ја гледаат неправдата. Слично и со еколошката такса, или акцизата од лани. Им требаат пари за во буџетот, што е разбирливо, но не смеат да воведат прогресивен данок, за да не ја налутат бизнис заедницата, па затоа наметнуваат вакви општи давачки, кои ги даночат сите, и ги разбеснуваат граѓаните и малите фирми. Ваквите „ни ваму, ни таму“ мерки прават повеќе штета отколку корист, но владава тоа никогаш не успеа да го сфати. Не сфаќаат дека е подобро да застанат цврсто на една страна, независно дали е тоа страната на работниците или на бизнисмените, отколку да пробуваш да седиш на две столици. Секој што пробал да седи на две столици, паднал.

Јавниот долг моментално не е проблем никаде во светот. Светот во оваа криза заборави што значи јавен долг, тој термин исчезна од речникот на економистите: Бранимир Јовановиќ

Во извештајот на Виенскиот институт има неколку прилично критички забелешки, како констатацијата дека „економијата едноставно не може да започне да закрепнува од пандемијата“, но и дека „Владата не успеа да преземе чекор…“, односно „не ускокна“ (The government failed to step in…). Што би требало да се презема во периодот што претстои, за да се подобрат овие оценки?

Едноставно, да почне инвестира во структурна трансформација. Да проба да ја искористи кризава за да направи подобро и поправедно општество. Да ги следи историските примери, кои кажуваат дека најкрупните општествени промени секогаш се правеле по најголемите кризи. Да ги следи водечките светски економии, како САД и ЕУ, кои инвестираат огромни државни средства во трансформирање на нивните економии по пандемијава. САД донесоа план, вреден 2.000 милијарди долари, за амбициозни вложувања во обновлива енергија, јавен превоз што не загадува, здравство, енергетски ефикасни куќи и згради, иновации, нови прогресивни индустрии, еколошко земјоделство… ЕУ донесе сличен план, од 800 милијарди евра. Истото треба да го направи и Македонија. Но тие инвестиции да бидат вистински државни инвестиции, во реални проекти, а не како што предвидуваат со Интервентниот план за инвестиции, да распродадат сè што преостана.

 

Дали нивото на јавниот долг ѝ ги врзува рацете на оваа или на било која идна влада да презема посериозни чекори на овој план?

Не, воопшто. Јавниот долг моментално не е проблем никаде во светот. Светот во оваа криза заборави што значи јавен долг, тој термин исчезна од речникот на економистите. Сите економисти денеска го советуваат истото – задолжете се, бидејќи каматите се ниски, и вложете ги тие пари во продуктивни проекти, и парите утре ќе ви се вратат неколкукратно. Тоа го видовме и на нашиот пример, кога владата ја издаде еврообврзницата оваа година. Иако јавниот долг е на историски највисоко ниво, и ја надмина онаа „црвена“ линија од 60 отсто од БДП, еврообврзницата која ја издадовме беше со историски најниска камата. На светските финансиски пазари мометално има премногу пари, како последица на тоа што најголемите централни банки „испринтаа“ пари за светот да може да се справи со кризава, и затоа каматите се ниски. И тоа нуди одлична можност да се финансираат поволно сите инвестициски проекти кои чекаат на ред.

 

Вие сте познат застапник на заложбите за поголема рамноправност во општеството, за прогресивно оданачување, за правата на оние со помал доход… Како да се постигне тоа во една држава во која што продуктивноста е на ниско ниво, и во која голем дел од економските активности се уште се надвор од регуларните текови?

Тоа што продуктивноста во Македонија е ниска, или сивата економија е висока, воопшто не зависи од даноците. Македонија има меѓу најниските даноци во светот, и ако даноците влијаеле на продуктивноста или сивата економија, Македонија ќе беше најпродуктивна на свет и ќе немаше сива економија. Всушност, искуството покажува дека најпродуктивните земји во светот и земјите со најмала сива економија, се земјите кои имаат високи и изразено прогресивни даноци, како нордиските земји. Во Македонија владее погрешно сфаќање на концептите продуктивност и конкурентност. Продуктивност не се постигнува со ниски даноци и плати, туку со квалитетен кадар, со добро обучени, мотивирани и платени работници, со стручњаци од разни области, со добро образование, со иновации, со добра инфраструктура, со функционални државни институции… А за да се обезбедат овие работи, потребни се пари, а најправеден начин државата да обезбеди пари е ако ги даночи оние кои имаат повеќе. Слично и со конкурентноста – ако пробувате да постигнете конкурентност преку ниски даноци и ниски плати, станувате држава со низок квалитет на живот. Но, се согласувам дека воведувањето прогресивен данок во овој момент, од страна на оваа влада, би одело тешко. За да воведете прогресивен данок, мора да имате кредибилитет, мора граѓаните да имаат доверба во вас, да веруваат дека парите ќе ги потрошите на корисни работи. Владава, за жал, го нема тој кредибилитет. Го имаше на почетокот, првите две години, кога и го воведовме прогресивниот данок, но го потроши во меѓувреме, делумно и поради укинувањето на прогресивниот данок по само неколку месеци. Затоа, мислам дека ќе мора да чекаме некоја нова гарнитура за да може да го видиме ова пак.