Интервју со Арбер Адеми: Сакаме да создадеме пообучени генерации од претходните


Министерот за образование и наука Арбер Адеми тврди дека континуирано работи младите да имаат подобри услови за едукација и можности веднаш по образованието да се вработат. Според него, реформата на средното стручно образование е најкрупната што се случува во земјава бидејќи над 1.000 нови модуларно дизајнирани наставни програми ќе почнат да се применуваат од септември и тие предвидуваат повеќе пракса за учениците.

Неколкупати најавивте дека се стремите за европско образование, но на терен тоа не се покажува­..­.

Јас во овој ресор сум министер една година. И сето досега направено и тоа што се прави се прави внимателно, без брзање и заедно со сите засегнати чинители бидејќи така ефектот е најдобар. Но, за да се види ефектот, потребно е време. Потребно е целосно заокружување на реформите кои се дел од нашата програма, па потоа јавноста ќе го каже својот збор, дали бил и дали е исправен концептот по кој сме ги креирале и спроведувале политиките.

Уште лани беа подготвени наставните програми за пилот-проект за учениците од прво до трето одделение. Зошто беа стопирани најавените промени? Ќе бидат ли вметнати во новата верзија на предлог-законот за основно образование?

Идејата за крупни промени во образовниот систем првично беше конципирана во периодот кога јас бев заменик-министер за образование и наука. Одлучивме да ја надградиме и во неа да бидат вклучени повеќе страни кои во меѓувреме изразија интерес да дадат свој придонес во креирањето на најдобрата форма на тие промени што дефакто треба и ќе се случат. Реформата на основното образование вклучува изработка на нов закон, нови учебници, наставни програми и така натаму. Најважно е прво да го донесеме новото законско решение кое обезбедува повеќе права и можности за учениците, со особен фокус на учениците со попреченост, како и за наставниот кадар. Сега, очекувам втората верзија, во која се интегрирани повеќе забелешки, односно сугестии кои произлегоа од анализата на нашиот национален образовен систем спроведена од страна на ОЕЦД и УНИЦЕФ, да се изготви во скоро време и да биде ставена на јавна расправа. Се трудиме да го забрзаме процесот, заради целосна подготовка и ставање во сила на законот со почетокот на новата учебна година. Не експериментираме. Квалитетот на законското решение е гарантиран од поддршката и учеството на ОЕЦД и УНИЦЕФ, учеството на домашните граѓански организации, самите наставници, образовни експерти и така натаму. Но сепак оставам простор, да видиме како ќе профункционира законот во реалноста.

Дали ќе има намалување на бројот на ученици во паралелките? Што беше кочницата да не се спроведе ваквата реформа од учебната 2018/2019 година? Нема ли просторни услови во училиштата, фали ли кадар?

Сакавме новата законска рамка да ја базираме на анализата на ОЕЦД и УНИЦЕФ, така што нацрт-законот за основно образование веќе е подготвен. Едно од законските предложени решенија од наша страна е намалување на бројот на ученици во паралелка. Ако досега минималниот праг е 24 ученици во една паралелка и 34 максимумот, во предлог-законот стои минималниот праг да биде 20 ученици во паралелка, а максималниот праг 30. Како што беше најавено.

Дел од учениците и годинава не добија учебници по сите предмети. Оние што им се поделија се стари, фалат страници, а и натаму учат лекции со дискриминаторски содржини. Грешки има и во учебниците по предметите историја и географија. Ќе има ли нови учебници од септември и по кои предмети?

Фондот на учебници редовно се обновува, односно дополнува согласно информациите што ги добиваме од училиштата на крајот на секоја учебна година. Оние учебници што ќе бидат пријавени дека се оштетени, уништени или максимално искористени мора да се отстранат од употреба, и повторно ги отпечатуваме. На пример, ако училиштата пријават дека имаат зголемен број на пријавени ученици во една нова учебна година, тогаш ние обезбедуваме дополнителен број комплети на учебници. Но, доколку испуштат да ни го дадат тој податок, тогаш, не по наша вина, сепак нема да се обезбедат учебници од страна на МОН и настанува проблем, за кој јавноста најчесто го посочува МОН. Тоа е нормално бидејќи перцепцијата е таква каква што е – ние сме, условно речено, најодговорната институција за секој проблем во областа на образованието, иако според процесот на децентрализација не е баш така… дел од надлежностите се префрлени и на локалните самоуправи. Лани коригиравме 22 учебници од основно образование по предметите математика и природни науки и тие сега имаат значително унапредена содржина. Имаме изготвено и 31 нов учебник за средно образование и, се надевам, ќе бидат достапни за учениците до или барем на почетокот на новата учебна година. Учебниците по историја се одвоени од овие процеси, затоа што, знаете дека формирани се комисии во кои членуваат претставници на нашата и соседни земји, со цел соочување на факти и прецизирање на содржината која би требало да ја има во овие учебници. Откако комисиите ќе ги завршат своите задачи, дури потоа ние како министерство ќе пристапиме кон нивна изработка и печатење.

И натаму има ученици кои имаат настава наместо во училиште во џамија, амбуланта, чајџилница, кафулиња. Во 29 основни и подрачни училишта нема тоалети. Колку пари се издвоени за да се подобрат уловите во училиштата, што правите на овој план, имате ли активности? Што е направено досега? Кај се парите предвидени за реконструкција?

Буџетот на МОН постојано расте. Тој годинава е поголем за 7,84 проценти во однос на минатата година и изнесува 26,1 милијарди денари. Тоа вкупно зголемување значи и повеќе пари за унапредување на инфраструктурните услови. Така, 2,4 милијарди денари се одвоени за завршување на претходно започнатите проекти за изградба на девет спортски сали и реконструкција на 13 училишта, за отпочнување на изградбата на пет училишта, осум спортски сали, како и реконструкција на уште десетина училишни објекти. Ќе се изгради и нов студентски дом, веќе заврши реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, ќе се обезбеди објект за Универзитетот „Мајка Тереза“… Така што, не е сјајно, но се трудиме младите да имаат добри услови за едукација. Секако, потребна е поддршка и од локалните самоуправи. Сепак, тие се основачи на училиштата и треба да двојат колку што можат повеќе средства за обнова на објектите и за изградба на нови.

Училиштата, особено во градовите во внатрешноста од државава, се празнат, причина е иселувањето во странство. Не сметате ли дека ова е аларм приоритет да станат политиките за младите, како што се студентската работа и младинската гаранција, која е достапна, но не во сите општини.

Политиките што ги тангираат младите и овозможуваат подобар живот и стандард за нив отсекогаш биле приоритет. Можеби ова звучи како паушална изјава, но верувајте дека е така. Некако во последно време крупните процеси во државата на кои работевме да успеат, а се однесуваат на надворешно-политички план и на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, ги засенија сите останати активности. Но не го намалија нивниот интензитет, туку само повеќе зазедоа од медиумскиот простор и интерес кај јавноста. Ние континуирано работиме младите да имаат подобри услови за едукација, да имаат можност овде и веднаш да се вработат на пристојно работно место и со стабилен и задоволувачки месечен приход. Да имаат услови за спортување, услови за културно забавен живот и така натаму… и тоа не само во Скопје туку во сите општини, рурални и урбани средини во земјата. Вложуваме подеднакво бидејќи мора да постои политика на рамномерен развој. Мислам дека ќе успееме да го намалиме трендот на иселување, но и да вратиме дел од оние што веќе заминале. Така ќе заживееме и дел од училиштата што се испразниле, но потребно е време.

Зошто Министерството не води статистика колку млади по училишта се отпишале поради иселување?

Министерството води податоци за бројот на ученици, паралелки, наставници и многу други статистички податоци кои ни значат при конципирање на политиките, при дефинирање на мерки, активности и проекти. Секако дека имаме и податоци во кое училиште за колку е намален или зголемен бројот на ученици по учебни години. Но намалена бројка не значи дека е резултат на иселување во странство. Можеби се работи за иселување во друго населено место, најчесто миграција село – град. Намалена бројка може да значи и намален наталитет во една општина, една средина… Има податоци, кои не се обезбедуваат така едноставно. Во тој дел ни помагаат и други институции како Државниот завод за статистика.

Кога ќе заврши изградбата на Факултетот за физичко образование и ФИНКИ, и кога ќе почне изградбата на објектот за Универзитетот „Мајка Тереза“?

Се работи за два исклучително големи објекти кои уште од почетокот на активностите за нивна изградба, според информациите кои ги добив кога станав дел од раководството на МОН, се соочувале со предизвици, застои во изградбата. За жал, повторно службите кај нас ме информираат дека има предизвици поврзани со текот на активностите кои континуирано ги разгледуваме и со вработените во МОН и со инвеститорот и ќе постапиме онака како што ќе се оцени дека е најдобро, а во согласност со законските прописи.

Од кога ќе почне да се спроведува национално тестирање за учениците, по кои предмети ќе биде и кои одделенија ќе бидат опфатени?

Националното тестирање е предвидено во владината програма за работа, но и во новиот закон за основно образование кој се изработува и цврсто сме убедени дека треба и мора да постои. Тоа е тип на надворешна евалуација, која не влијае на успехот на учениците ниту, пак, на каков било начин врз наставниците… Едноставно ќе дава резултати, преку кои ќе увидиме што и како учениците научиле, а тоа ќе биде потребно за понатамошно конципирање на образовните политики и на коригирање на состојби каде има потреба од интервенција. Искрено, јас сакам да се случи, да се воведе што поскоро. Напоменувам дека концептот ќе го дефинираме со сите засегнати страни. Така ќе бидеме сигурни дека тоа е најдобрата форма.

Како побрзо да се стигне до квалификуван кадар? Стопанствениците укажуваат дека младите не знаат веднаш да одговорат на работните задачи?

Младите имаат потреба од повеќе пракса. И тоа директно на работно место, уште во време на образовниот процес да почувствуваат што значи да си вклучен во организациските и работните процеси на една компанија. А, за тоа, пак, потребна е вклученост на компаниите во образовниот систем. Во тој контекст се насочени и нашите политики, заедно со бизнис-заедницата да создаваме генерации кои секогаш ќе бидат подобро подготвени од претходните. Реформата на средното стручно образование е најкрупната што се случува во нашата земја. Имаме нови над 1.000 модуларно дизајнирани наставни програми кои ќе започнат да се применуваат од септември, а кои предвидуваат повеќе пракса за учениците. Имаме тековен процес на опремување на стручните училишта со машини и алати кои ќе ги подобрат практичните вештините на учениците. Најважно, започнавме со воведување на концептот на дуално образование кој е базиран на учење преку работа и во кој компаниите се вклучуваат и постојано нови и нови покажуваат интерес за учество. Во меѓувреме, спроведуваме кампања за промоција на средното стручно образование со цел информирање за новините, но и за придобивките кои ги обезбедува. Исто и во делот на високото образование, полека расте интересот за техничките факултети, а се подобрува и квалитетот на понудата. Така што, мислам дека сме на добар пат да одговориме целосно на барањата на стопанствениците.

 

Адеми: Времето ќе покаже дали ќе бидам сменет од позицијата министер

 Јавноста има впечаток дека не се спроведуваат промени во образованието, основното и средното образование се на колена, а високото образование урнисано. Сметате ли дека има причина да бидете опфатен со смената на министри? Се шират информации дека ресорот ќе го води вашиот заменик Петар Атанасов. Се разговара ли во ДУИ за ваква опција?

Сè уште не сум наполнил една година на позицијата министер, а направени се многу промени. Да почнеме од основно образование: имаме коригирано 22 учебници и воведовме нова листа на лектири, која исто така влијае врз квалитетот на основното образование. Нови наставни програми по предметите граѓанско образование и географија за седмо, осмо и деветто одделение, по музичко образование за шесто, седмо, осмо и деветто одделение. Подготвен е нов нацрт-закон за основно образование. Подготвен е нов закон за наставници и стручни соработници во основното и средното образование каде што се предвидува развој во кариерата и професионален развој, а тоа има и фискален импакт бидејќи со секое покачување на скалила во рамки на кариерниот развој ќе добиваат поголема плата. Подготвен е нов закон за испит на директори и обука. Во средното образование има многу промени, а една од најголемите и најкрупните реформски процеси е токму модернизацијата на средното стручно образование каде што двегодишното, тригодишното стручно образование е целосно реформирано и има повеќе од 100 нови наставни програми. Четиригодишното стручно образование е целосно реформирано со повеќе од 1.000 нови модуларно дизајнирани наставни програми. Се спроведува кампања за подигнување на свеста за предностите на средното стручно образование. Со измени и дополнувања на Законот за ученички стандард се предвидува комплетна поддршка за ученичките домови од Владата, што досега не постоело како можност бидејќи тоа не било предвидено со законот. Во делот на инфраструктурата работиме интензивно, а помагаме и за доделување грантови за формирање на реални училишни компании.
Дали има предизвици во областа на образованието – секако дека има. Но уште од првиот ден јас кажав дека нема да дозволиме експериментирање со нашите ученици и нашите политики ќе ги креираме врз основа на кредибилни анализи, извештаи и аргументи, а не врз основа на перцепција. Честопати се соочуваме со ситуации каде што треба да се донесат храбри, но вистински одлуки. Лесно е да бидеме популисти и популарни за кратко време, но може да го уништиме националниот образовен систем. Сакаме да градиме политики што ќе дадат добар резултат и ќе го унапредат квалитетот на образовниот процес на сите нивоа. Така што, очекувам соработката што ја имаме со странските и домашни партнери да резултира позитивно, со донесување на законите што ги напоменав и само на овој начин мислам дека ќе имаме успех. Дали ќе бидам сменет или не, времето ќе покаже…

Вероника Мароска-Леова