Интервју, Петар Арсовски: Дебатите ќе одиграат важна улога во оваа кампања


Петар Арсовски

Корона кризата ќе ја намали излезноста, но не премногу.  Ќе ги инхибира неопределените, но сепак, најголемиот дел од излезноста се состои од партиски поддржувачи

 

Љупчо Поповски

Добрата подготовка, капацитетот и талентот за јавен настап ќе бидат многу важни во оваа кампања во која ќе нема големи митинзи, туку само маалски собирања, оценува Петар Арсовски, истражувач на јавното мислење и политички аналитичар. Гласачите од дебатите формираат вкупен впечаток за кандидатите, кој е амалгам на тезите, пораките, но и однесувањето и вкупната емотивна состојба на кандидатите. Според него, пандемијата со корона вирусот е важна, но од времен карактер, затоа што гласачите ќе одлучуваат дали сакаат да го задржат правецот во кој се движи државата и општеството или сакаат да го сменат.

 

Овие избори се непознат терен за сите што учествуваат во кампањи – од партиите, преку тимовите што го конципираат пристапот и пораките, па до истражувачите на јавното мислење. Дали сите актери доволно се подготвени за оваа нова ситуација?

Иако овие избори се подготвуваат веќе подолго време, сметам дека околностите во кои ќе се одвиваат се новина за сите вклучени актери.  Во таа смисла, никој не е целосно подготвен за тоа како ќе се спроведува кампањата и изборите, па и предизборниот период.  Она што се случува во моментот е дека сите учесници, без оглед дали се тоа агенции или партии, се адаптираат на новите предизвици.  Сѐ ќе биде потешко, од анкети на јавно мислење, до спроведување на кампања, па се до самиот изборен ден.  Но, сепак, сметам дека сите чинители релативно брзо ќе се адаптираат – зашто тоа е во нивен интерес.

 

Сиве овие години кампањите имаа еден стандарден образец, особено кај големите партии, главно преку митинзи. Тоа се навики на сите партиски структури. Колку можат да се променат тие навики а да биде ефикасен новиот пристап?

Во овој дел, постои еден интересен парадокс.  Овие избори, од една страна, најмногу ќе зависат од определените, од партиските поддржувачи, имајќи предвид дека подготвеноста да се гласа драматично опаѓа кај неопределените гласачи.  Сепак, токму оние алатки кои се најмногу наменети кон партиските јадра, во моментов се најкомплицирани, а тоа се поголемите митинзи и собири.  Мислам дека партиите ќе се адаптираат со онлајн кампања или директни контакти преку партиска инфраструктура, но интересно ќе биде да се анализира колку и каде тоа ќе функционира.

Двете најголеми партии до пред две недели велеа дека не можат да се откажат од една од нивните најомилени стратегии – одење од врата на врата. Сега тоа чукање на некоја врата може да предизвика бес кај домаќините поради стравот од вирусот. Тогаш како виртуелно да дојдат на многу врати а не да затропаат на нив, а тоа да не биде преку општа порака на Фејсбук?

Онаму каде партиите имаат капацитет за микротаргетирање, значи каде што имаат добра база на податоци за сопствени членови, нивни онлајн профили и слично, оваа активност може релативно ефикасно да се премести на виртуелни платформи: телефон, социјални медиуми, мејл пораки.  Проблемот ќе остане кај неопределените каде личниот контакт е незаменлив.  Гледам дека некои од партиите тоа го заменуваат со маалски средби, каде кандидатите се стационарни и на дистанца комуницираат со поминувачите.  Класична врата на врата кампања нема целосно да функционира во овој период, мислам повеќе ќе гледаме вакви, алтернативни пристапи.

 

Во Америка цели тимови работат на новите модалитети за кампањата за изборите во ноември. Мислите ли дека дел од тие почетни искуства може да се пренесат овде на еден драматично поскромен терен.

Не мислам дека големината на политичкиот пазар влијае директно на усвојување на новите модели на кампања. Повеќе мислам дека партиските штабови нема да имаат доволно време да се адаптираат на технологијата, на знаењето и на искуството кое е потребно да се спроведат овие нови модели.  На крајот, креативноста, инвентивноста, но и капацитетот за брза имплементација ќе одреди кој во новите канали ќе биде поуспешен.

Генерално, сега целата кампања ќе се префрли преку медиумите, електронските и социјалните. Тоа ќе биде неверојатна можност за пласирање на лажни вести. Стравувате ли дека лажните вести можат да ја преплават кампањата?

Македонија е специјален таргет за лажни вести, како терен на кој веќе имаме многу негативни примери и искуства на тоа поле.  Мислам дека овие избори нема да бидат исклучок, напротив, како што поголем дел од кампањата ќе се одвива виртуелно, така и гласачите ќе бидат посериозен таргет.  Сепак, паралелно на тоа имаме и посериозна еманципација на читателите, кои во ова време, затворени дома, побрзо ги препознаваат и ги идентификуваат лажните вести, плуси имаме и појавување на неколку центри за демаскирање на овие субверзии, така што салдото на билансот ќе можеме да го направиме дури по изборите.

 

Дебатите на телевизиите и многу помалку на радијата ќе овозможи кампањата во голема мерка да се води еден на еден во студијата. Колку подобрите оратори, попрецизните во мислите и добрите претставувачи на изборните програми на партиите може да придонесат кај неодлучните гласачи да се определат за кого да гласаат?

Дебатите се секогаш важни, зашто им дозволуваат на гласачите личен впечаток и искуство со капацитетот на кандидатите да одговорат на некои критични прашања, како и да го споредат директно перформансот на спротиставените партии во живо. Тука, добрата подготовка, капацитетот и талентот за јавен настап, но и добрите и издржани партиски ставови ќе бидат клучни.  Гласачите од дебатите формираат вкупен впечаток за кандидатите, кој е амалгам на тезите, пораките, но и однесувањето и вкупната емотивна состојба на кандидатите.

Македонија е специјален таргет за лажни вести, па овие избори нема да бидат исклучок, оценува Петар Арсовски

Оваа виртуелна кампања им дава можност на помалите партии да добијат поголем простор под рефлекторите. Дали тие ќе знаат да го искористат она што ќе им биде овозможено?

Тоа не е само прашање на можности, но и на капацитет.  Помалите партии, по правило, имаат и помалку ресурси за професионална кампања и тоа е најважната причина зошто не го искористуваат до крај даденото медиумско време. Имајќи предвид дека оваа кампања повеќе ќе се одвива на електронски и социјални медиуми, тука ќе биде клучна добра стратегија и добра реализација.  Ако тоа недостасува, бадијала дополнително медиумско време.

Впечатокот во јавноста во март април и поголем дел од мај беше дека владата добро се справува со корона вирусот. Огромното зголемување на бројот на заразени последниов месец во прво време ја поткопа таа доверба, за потоа во јавноста да почне да се етаблира друг впечаток – дека новите инфекции се во голема мерка последица на непочитувањето на мерките од страна на граѓаните. Како овие амплитуди можат да се одразат врз рејтингот на главната владејачка партија?

Иако ковид пандемијата влијае на емотивното расположение на гласачите во преизборието, тие влијанија се транзиторни.  Сметам дека гласачите, пред изборот на партија, сепак својот глас ќе го проектираат како одлука на подолг рок, на четири години на не на четири недели, па клучно влијание ќе имаат веќе етаблираните ставови и клучните политички насоки.  Едноставно, гласачите ќе одлучуваат дали сакаат да го задржат правецот во кој се движи државата и општеството или сакаат да го сменат.  Пандемијата е иритантен наратив, но од времен карактер.

 

Владата избрана да спроведе избори стана техничка за справување со епидемијата на корона вирусот, за најпосле таа стана дисфункционална поради партиските интереси. Мислите ли дека граѓаните можат да си разјаснат што, всушност, се случува во поплавата на партиски соопштенија и политички обвинувања?

Тешко.  Факт е дека ние ја дочекавме најголемата криза во историјата на оваа држава, со влада со ограничен мандат и политичка моќ. Дополнително, поделбите кои се појавија (очекувано) во Владата, ќе ги натераат гласачите да се вратат на своите основни ставови, односно да ги поддржат оние кандидати кои секако ги поддржувале и перипетиите во Владата да ги доживеат како чист политички фолклор.

 

Колкаво влијание може да одигра кризата со корона вирусот и однесувањето на партиите во неа во определбата на граѓаните (особено оние неопределените) за кого ќе гласаат?

Ќе ја намали излезноста, но не премногу.  Ќе ги инхибира неопределените, но сепак, најголемиот дел од излезноста се состои од партиски поддржувачи, а тие се релативно стабилно гласачко тело.